Невладината „Еко герила“ од Тетово објави видео-материјал за сите ветувања, одложувања и прекршувања на роковите за поставување соодветни филтри на комбинатот „Југохром“ од Јегуновце.
Од „Еко герила“ потенцираат дека денеска истекува рокот кој пред две години Владата на Република Македонија го одреди за фабриката, со надеж дека ќе се прилагоди на еколошките стандарди и со гаранција дека од утредента производителот на феролегури ќе работи со филтри.
„’Југохром’ имаше повеќе од две години да го реши овој проблем, бидејќи Законот кој бара да се постават филтри во фабриките постои од 2005 година. Фактот што ‘Југохром’ ги злоупотреби сите досегашни рокови и проаѓа неказнето од Министерството за екологија и Владата, фактот што Јавното обвинителството на Тетово, не прифатило да процесира ниту една кривична тужба против овој загадувач, како и молчењето на многу институции за овој проблем, ни ја губи надежта дека проблемот со згадувањето со кој се соочуваат граѓаните на Тетово ќе се реши“, велат од „Еко герила“.
Активистите напоменуваат дека на терен не виделе ниту Ф од филтрите, па оттука, велат тие, секој обид да се даде друг рок на овој загадувач дава „сериозни сомнежи за голема корумпирана афера, во која можно е да се вклучени двете владејачки партии“.
„Бараме само да се почитува Уставот на РМ, што многу јасно го одредува основното право за чиста животна средина. Ниту една владина одлука не треба да биде над Уставот. Нулта толеранција, здравјето на граѓаните пред сè“, порачуваат од невладината оргнизација.