Роботиката денес е општоприфатен стандард во многу индустрии – од роботи заварувачи на линиите за монтажа во автомобилската индустрија, па до роботски раце за извршување софистицирани хируршки интервенции. Вештачката интелигенција, пак, е на прагот на својата златна ера. Многу нови технологии добиваат на значење особено во услови на криза како актуелнава здравствена и економска. Имено, во многу ситуации каде физичкото присуство на човекот е опасно по неговото здравје и живот, тоа се заменува токму со роботи. Во нуклеарната индустрија, за прецизни мерења и истражувања на морското дно и слични апликации веќе одамна се користат роботи. Со последнава криза, роботите влегоа во здравството и на еден поинаков начин – неретки се примерите на користење на роботи како медицински персонал кој се грижи за заболените од Ковид 19.
ЧОВЕКОТ ШТО ЖИВЕЕЛ ПРЕД СВОЕТО ВРЕМЕ
Кога се појавил првиот робот е познат факт. Првиот индустриски робот е UNIMATE, изработен во 1961 за автомобилска фабрика во Њу Џерси во САД, за процесот на леење калапи за алати. Помалку познат е фактот дека прв кој го споменува името „робот“ е чешкиот писател од научно-фантастичниот жанр Карел Чапек, уште во 1921, но првиот кој многу прецизно ја опишал технолошката револуција која денес ја живееме е писателот на научно-фантастични романи Исак Асимов. Тој бил навистина многу пред своето време.
Интересна коинциденција е што токму оваа година се одбележа 100-годишнината од раѓањето на американскиот автор и биохемичар со руско потекло. Се занимавал со наука и „популарна наука“, криминалистичка книжевност и научна фантастика. Напишал или приредил над 500 книги и повеќе од 90 илјади писма и разгледници. Се вбројува во големата тројка писатели на научна фантастика заедно со Артур Кларк и Карл Саган. Едно од најпознатите дела е токму она во кое ја најавува четвртата технолошка револуција, односно појавата на роботите – „Јас робот“ (I, robot). Овој роман е објавен во 1950 година, значи повеќе од една деценија пред производството и практичната примена на првиот робот во индустријата. Терминот „роботика“ кој денес е општоприфатен, е исто така заслуга на Асимов, кој за прв пат го воведува во 1941 година во својот научно-фантастичен роман „Лажго“ (Liar!).
РУСИН ВО САД
Роден е во Смоленската област во поранешниот Советски Сојуз во 1920 година, а емигрирал во САД со своите родители кога имал само три години. Докторирал биохемија на Универзитетот Колумбија, а работел како професор на Универзитетот во Бостон. Сепак, во еден период преовладува неговата посветеност на книжевното творештво, па целосно се ориентира кон пишувањето напуштајќи ја професијата. Исклучителен ерудит, кој со своите широки интересирања ја интригирал јавноста. Имал особено почитување за Карл Саган, за кој велел дека е еден од двајцата луѓе во неговиот живот кои посебно го импресионирале. Втората личност е стручњакот за компјутерски науки и интелигенција Марвин Мински.
Астероидот „5020 Асимов“, кратерот „Асимов“ на планетата Марс и едно основно училиште во Бруклин добиле име во негова чест. Умрел од сида, бидејќи бил заразен со ХИВ преку трансфузија на крв за време на неговата операција на срцето во 1983 година. Во тој период не биле ретки таквите случаи со оглед дека болеста сè уште не била доволно позната. И познатиот тенисер Артур Еш за жал заболел на идентичен начин, но тој веднаш излегол во јавноста со објава дека е инфициран, а формирал и своја фондација за борба против оваа болест, за разлика од семејството на Асимов кое објавило дури десет години по неговата смрт. Починал во 1992 година.
првиот робот, 1961. година
Закони за роботиката кои ги воспоставил Исак Асимов
• 0. Роботот не смее да му наштети на човештвото, ниту со својата пасивност да дозволи да му се наштети на човештвото.
• 1. Роботот не смее да му наштети на човекот, ниту со својата пасивност да дозволи да му се наштети на човекот, освен кога тоа е во спротивност со нултиот закон.
• 2. Роботот мора да ги слуша наредбите на човекот, освен ако тие се спротивни на нултиот или првиот закон.
• 3. Роботот треба да го штити својот интегритет, освен кога тоа е во спротивност со нултиот, првиот или вториот закон.
првиот робот, 1961. година
ПРЕДВИДЕЛ ШТО НОСИ ИДНИНАТА
Но, зошто творештвото на Асимов има посебно значење и за инженерите и за љубителите на научната фантастика? Затоа што пред повеќе од 50 години тој предвидел дека човекот ќе ги измисли роботите, ќе испраќа вселенски летала и сателити во Земјината орбита, ќе планира експедиции на Марс, и уште многу други работи. Според тоа, за разлика од многумина кои се обидувале, Исак Асимов, легендарниот автор на научно-фантастични романи, успеал да предвиди што носи иднината! Многу негови тези или веќе се реалност, или се на добар пат да се реализираат. Тој уште во 1964 година многу храбро одлучил да предвиди што сè ќе им биде на располагање на луѓето на Светскиот саем во 2014 година. Предвидел дека кујнските апарати ќе можат да подготвуваат т.н. автоматизирани оброци, а целосните оброци со полуподготвена храна ќе бидат чувани во единиците за ладење. Во 2014 година апаратите нема да имаат кабли, тврдел Асимов. Според него, беспилотните летала ќе стигнуваат дури до Марс, а човештвото ќе се подготвува за експедиции на Црвената Планета.
Сведоци сме дека компанијата на Илон Маск се занимава токму со овој проект. Што се однесува до комуникациските технологии, тој сметал дека во Земјината орбита ќе кружат сателити кои ќе овозможуваат воспоставување врска помеѓу кои било две места на планетата, а дури и ќе може да се гледа личноста со која се разговара. Толкување за она што денес е реалност, воопшто не е потребно.
Тој исто така сметал дека целиот источен брег на САД ќе стане еден мега град, посебно Бостон и Вашингтон. Засега ова нема изгледи да се реализира во блиска иднина, но кој знае?
И на крајот, осврт на неговото тврдење дека роботите ќе бидат многу присутни во животите на луѓето. Настрана од бројните примери на почетокот на овој текст, колку драматичен е продорот на тоа присуство покажува примерот на професор Хироши Ишигуро, кој направил робот – клон на себеси.
Ишигуро, направил робот – клон на себеси
роботи – медицински помошници
роботи- заварувачи во автомобилската индустрија
роботи во хирургијата