Меѓународната агенција за обновлива енергија (IRENA), соопшти дека зелената енергија може значително да влијае врз заштедата на трошоци и зајакнувањето на енергетската сигурност на секоја од земјите во централна и југоисточна Европа. Во последниот извештај, оваа организација открива дека потенцијалот на обновливите извори, може за десет години да обезбеди 34% од растечката побарувачка на енергија на одржлив начин. Годишната заштеда на име трошоци за енергенти до 2030 година е проценета на максимални 3,4 милијарди евра, согласно сценариото за забрзано воведување на зелена енергија. Меѓутоа, може да се спречи штетата која е многу поголема, а оваа проекција расте до 35 милијарди евра годишно. Оваа пресметка се однесува на штетите по здравјето, животната средина и последиците од климатските промени. Од друга страна, во истиот период неопходни се 78 милијарди евра во дополнителни инвестиции за воспоставување на енергетски систем кој значително помалку би зависел од увозот на фосилни горива и би овозможил конкурентни цени на енергентите, стои во документот изработен за иницијативата Енергетско поврзување на централна и југоисточна Европа (CESEC), во име на Европската комисија. Ова тело го сочинуваат девет членки на Европската унија, вклучувајќи ги Бугарија, Хрватска, Грција, Романија и Словенија, и осум договорни страни на Енергетската зедница.
Кога зелената енергија ви се воведувала побрзо, би се намалиле емисиите на гасови со ефект на стаклена градина за 21% повеќе отколку што тоа е планирано со сегашните мерки во централна и југоисточна Европа. Најинтензивното ширење на опциите со обновливи извори во наведените земји, би го зголемило уделот во енергетскиот микс на 30% до 2030 година. На Балканот според оваа проекција најдобро котира Грција, со 47% а следува Хрватска со 46%.
Развојот на долгорочна визија во националните планови, има клучно значење и може да биде важен прв чекор, додека блиската соработка со соседите би можела да им помогне на овие земји да ги намалат трошоците и да ја искористат синергијата која ја носи регионалниот пристап, велат авторите на документот.