Прилеп – Прилеп денеска ја доби првата катна гаража. На вкупно 10.000 метри квадратни гаражен простор се нуди можност за гаражирање на 400 возила. Во приземјето комплексот располага и со 300 квадрати деловен простор. Инвестицијата од 4,2 милиони евра е на струмичката компанија ДМ ОИЛ, која земјиштето го доби на тендер распишан од Министерството за транспорт и врски.
– Според проценките ваков објект на Прилеп му беше потребен, а за нас е исплатлива инвестиција зашто е единствен ваков комплекс во градот, изјави Драги Василев од ДМ ОИЛ од Струмица.
За градоначалникот Марјан Ристески со оваа инвестиција, која е една од поголемите во Прилеп, освен што ќе се реши во голем дел проблемот со паркинг просторот во центарот, ќе има и стопански придобивки од деловниот простор.
Струмичката компанија најави изградба на уште еден комплекс, повторно во центарот на градот, во близина на градскиот пазар. Фирмата го доби и тендерот за изградба на трговски центар, инвестиција од околу 6, 5 милиони евра претставувајќи ја како една од најмодерните во државава. Трговскиот центар ќе зафаќа вкупно 15.000 метри квадратни заедно со локалите и делот за гаражирање.