11-те најдобри дипломирани инженери добија „Инженерски прстен“ на свечена церемонија во Музеј на современа уметност. Признанието го доделуваат Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија.
Младите научници и инженери со нивниот успех, знаења и вештини, како што рече претседателот Стево Пендаровски, се иднината на земјава.
“Знаењата мора да се надградуваат, затоа што само така ќе бидете конкурентни на пазарот на трудот во глобални рамки со своите колеги од Европа и светот. Посакувам и се надевам дека најголемиот дел од вас своето знаење и искуство стекнато надвор ќе го имплементирате во земјава, со цел да изградиме уште подобро општество за сите“, рече Пендаровски.
Тој посочи дека примената на нови знаења во сите сегменти, a посебно во развојот на техниката и технологијата, е и тоа како битна, бидејќи само со вистински реформи можеме да постигнеме напредок во земјата.
“Како претседател ќе се залагам за одговорен однос кон образовниот систем, младите луѓе мора да добијат можности и перспективи да го реализираат својот потенцијал, и стекнато знаење тука, во сопствената држава, а нашите заложби за што побрз влез во евроатлантските структури и чекорите што досега се преземени, се вистинскиот правец по кој ќе продолжиме да се движиме“, додаде Претседателот.
Во име на добитниците на Инженерски прстен се обрати Тамара Георгиевска која порача дека успехот ги учи како да успеат, како да просперираат и признанието „Инженерски прстен“ е токму еден еден таков учител. “Една од многуте светли точки што се на крајот од академскиот тунел….. Да се биде инженер не значи само проектирање на решението за проблемот, имено значи и да ги следиме нашите срца и интуиција, што неретко значи и потешкиот пат, хаотичност, несреденост и бројни предизвици, лекции што ни беа секојдневие уште во студиските денови. Но тоа е она што е адреналинската двигателна сила на еден инженер – предизвиците и неизвесност. Само треба да бидеме доволно храбри во таа културна борба за да градиме иднина заедно“, рече Георгиевска.
Професор д-р Христина Спасевска, претседател на Инженерската институција на Македонија, објасни дека најдобрите биле избрани по строги критериуми.
“Изборот на вашите факултети зборува за квалитетот на дипломата со која што се стекнавте и длабоко сум убедена, дека многу брзо, ќе можете да ја валоризирате со започнување на успешна кариера. Да се биде штотуку дипломиран млад инженер значи дека сте поминале неколку години во факултетско образование, насочено кон изучување на најновите технологии, владеење на фундаменталните законитости во природата, изучувањето на проектниот менаџмент и работа во тим. Сите овие знаења ве прават сигурни и подготвени за нови предизвици, да продолжите со образованието или да почнете професионална кариера“, порача Спасевска.
Ова е 16-ти пат како се доделува ова признание со кое досега се наградени 161 дипломиран инженер.