Насловна / Архитектура / Интервју: Владимир Б. Ладински – Награда за архитектура ПОРТА 3 2023

Интервју: Владимир Б. Ладински – Награда за архитектура ПОРТА 3 2023

Д-р Владимир Б. Ладински е регистриран архитект и овластен менаџер во Велика Британија.  Дипломира на Архитектонскиот факултет во Скопје. Интердисциплинарните постдипломски студии по просторно и урбанистичко планирање во Љубљана ги завршува на Англија Раскин Универзитетот во Кембриџ и станува магистер по урбанистичко и регионално планирање на тема „Станбената обнова во Скопје по земјотресот од 1963 година“.  Докторира на ИЗИИС во областа на заштита од земјотреси преку урбанистичко и архитектонско планирање и проектирање.  Завршува студии за настава во секторот за доживотно образование, и дипломски студии по лидерство и менаџмент.

Својата професионална кариера ја започнува во „Македонијапроект“ – Скопје, а по заминувањето во Англија првин работи во приватно проектантско биро во Кембриџ (Николас Реј Овластени Архитекти) од кое по околу една деценија се префрла во Јавно претпријатие за проектирање во Гејтсхед (Служба за проектирање) каде подоцна станува и главен архитект. Неговото професионално искуство опфаќа работа на нови, како и адаптација и доградба на постојни објекти во доменот на образованието, домувањето, социјалната заштита и културата, и вклучува работа на заштитени објекти од градителско наследство и на проекти во заштитени амбиентални средини, или пак во заштитени зелени подрачја.

Континуирано се надградува, и времено се вклучува во образовна и истражувачка соработка на универзитетите во Кембриџ, Нортамбрија и во Њукастел каде се јавува како истражувач, инструктор, ментор и надворешен испитувач.  Дополнително во рамките на работната организација се јавува како ментор за професионална пракса, и како рецензент на научни списанија.  Како редовен професор придонесува во наставата на предметот Одржливо проектирање на Факултетот по архитектура и дизајн на Универзитетот Aмерикан Колеџ во Скопје и се јавува како ментор на магистерски трудови.  Објавува над 300 текстови во списанија од доменот на градежништвото во Северна Македонија од кои најголемиот број за Порта 3, како и околу 40-тина трудови во научни и стручни публикации во земјата и во странство.

Во јавниот сектор главно работи на образовни, станбени, социјални и културни објекти меѓу кои особено се истакнуваат и два наградени на коишто тој се јавува како водечки проектант.  Адаптацијата и доградбата на црквата „Света Мери“ во Центар за културно наследство во Гејтсехд е добитник на Меѓурегионалната награда за заштита на објекти (2011), на Меѓурегионална златна награда за архитектура (2011) и на Регионална награда за архитектура (2009), сите на Кралскиот институт на британските архитекти, како и на Златен венец на Асоцијацијата на овластени инженери за високоградба (2009).  Центарот за културно наследство „Земјата на дабот и железото“ во Винлатон Мил е добитник на Националната награда за нов објект на Асоцијацијата на овластени инженери за високоградба (2019).  Владимир Ладински е добитник на Националната награда за најдобар проектант на станбени и мали комерцијални објекти на Градежната инспекција на локалните власти во Англија (2022).

Vladimir

Редакцијата на Порта 3 со задоволство ја додели наградата на архитект кој неуморно се занимава со архитектура во повеќе сфери на професијата. Долго работите во Британија. Што беше потребно за да се почне да се работи како архитект, како течеше тој процес?

Со оглед дека станува збор за квалификации стекнати надвор од Европската Унија, а за регулирана професија и со закон заштитена титула „архитект“, но не и функција, процесот и обврските бараа значителен напор. Така, беше неопходно да се признаат претходно стекнатите квалификации надвор од ЕУ од страна на струката (Одборот за регистрација на архитекти или од Кралскиот институт на британските архитекти), да се стекнат најмалку 24 месеци надгледувано искуство во струката од кои барем 12 месеци под менторство на регистриран архитект во Велика Британија, и успешно да се завршат едногодишни постдипломски студии за Професионална пракса и менаџмент во архитектурата со што се смета дека кандидатот го положил последниот, третиот дел на испитот на Кралскиот институт на британските архитекти. По ова кандидатот мора да се регистрира како архитект при Одборот за регистрација на архитекти доколку сака да биде „архитект“ во Велика Британија.  Членството во Кралскиот институт на британските архитекти и добивањето на титулата овластен архитект е исклучиво по желба на кандидатот со оглед дека само Регистрацијата е задолжителна според Законот за архитекти.

Пред заминувањето во Британија, веќе имавте проектантско искуство, работевте во „Македонијапроект“. Ви помогна ли искуството стекнато кај нас во работењето во Британија?

Несомнено, искуството стекнато во „Македонијапроект“ многу ми помогна за работењето во Велика Британија. Особено фактот дека во Македонија многу се користат армиранобетонски конструкции, а коишто ретко се практикуваат во Британија со оглед на високата цената на работна рака.  Имав среќа првиот проект на којшто работев (Центар за обука за менаџери во Веар) да биде со армиранобетонска носива конструкција, што ми овозможи полесно да се прилагодам и да придонесам на проектот.

Постојат ли разлики во работењето и стручноста на архитектите кај нас и во Британија?

Несомнено, постојат разлики во работењето и во стручноста на архитектите, коишто се резултат на разликите во локалните контексти.  Кај нас отсекогаш се следел германскиот модел каде архитектурата се смета како инженерска дисциплина, за разлика од англискиот модел каде повеќе се смета како применета уметност. Дополнителните разлики произлегуваат од фактот дека кај нас архитектурата е излезна квалификација која отвора можности за влез во повеќе области, како проектирање, надзор, изведба, предмер и пресметка, урбанизам, конзервација, дизајн, проект-менаџмент итн.  Наспроти ова во Британија изборот од погорните дисциплини се прави пред отпочнувањето на студиите со оглед дека повеќето се посебни професии, така што образованието на архитектите главно е насочено кон проектирањето.

Други значајни разлики се дека кај нас наставата и проектирањето се поделени по предмети коишто овозможуваат стекнување на основни познавања за различни видови на објекти, но ограничуваат во која мерка студентот може да навлезе во проектирањето на секој посебен вид на објекти. Наспроти ова во Британија се учи проектирањето како една дисциплина, но во која урбанистичките и техничките аспекти на проектирањето се интегрирани во рамките на проектот на којшто се работи.  Ова овозможува студентот истовремено да ги разгледува сите најзначајни аспекти на проектот во рамките на еден проект, а не поединечно и не секогаш поврзано како кај нас. Веројатно дополнителна значајна разлика е дека периодот на професионална пракса за подготовка на полагање на стручниот испит во Британија детално е структурирана, така што се знае кои аспекти секој кандидат треба да ги помине за да може да пристапи кон полагање на стручниот испит. Оттука за очекување е дека новите архитекти ќе излезат со приближно подеднакви познавања од праксата во струката.

Како резултат на ова секој систем оформува профили со специфични разлики, потребни да одговорат на локалните потреби и на пазарите во коишто делуваат архитектите.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

црква „Света Мери“

Денес работите како архитект во Јавно претпријатие за проектирање во Гејтсхед. Што подразбира вашата работа?

Јавните претпријатија за проектирање во принцип смеат да работат само за јавниот и за непрофитниот сектор и се самофинансирачки.  Опстанокот им зависи од приходот со кој тие ќе ги покријат трошоците на своето работење, а претходно определениот реализиран вишок ќе го префрлат на општината за да се поддржи финансирање на задолжителните обврски како социјалната заштита и образованието.  Оттука условите на работење се исклучително сложени особено по светската финансиска криза од 2008 година, по која општинските буџети драстично се намалени, а со тоа и средствата за поддршка на нови проекти.  Од друга страна поголемиот дел од проектите со финансиска поддршка на државата сè почесто директно се реализираат преку преселектирани рамки за јавни набавки во кои скоро исклучиво доминираат приватни компании или конзорциуми.  Како резултат на ова, секторот е подложен на голема трансформација, но и на ерозија на капацитетот и обемот на работа.

Вообичано работата е разновидна, а по реорганизацијата, фокусот на службата е само на поголеми проекти.  Тоа вклучува изработка на студии за постојните објекти и парцели за да се помогне да се одлучи нивната иднина.  Изработка на проекти од идејни скици заклучно со проверка на дефектите една година по завршувањето на градбата. Изработка на проектни програми за објекти, заштита на интересите на општината преку ревизија на проектите сработени од надворешни организации и проект-менаџмент. Советодавни услуги на оддели во рамките на општината, како и професионални услуги за други јавни или непрофитни организации.  Учество во изработка на плански и други документи во рамките на општината.

Најголем дел од Вашето творештво е адаптација и доградба на постојни објекти и на социјални објекти за стари лица и млади со попреченост.  Тоа се објекти кои во голема мера недостасуваат кај нас. Колку Британија е посветена на објекти со ваква намена?

Да, во последните две децении добар дел од моето делување беше насочен кон задоволување на потребите на овие две категории корисници.  Посветеноста на овие објекти се должи не само на здравствените и на демографските промени во земјата, туку и на обврската на општините за социјалната заштита на своите територии.  И покрај ова, веќе со децении владите не успеваат да најдат потрајно решение за финансирање на истата.  Како резултат на ова социјалната заштита главно е на товар на корисникот на услугите сè додека не се исцрпи скоро целиот движен и недвижен имот на домаќинството, по што општината ја презема грижата за лицето.  Како илустрација, полната годишна бруто-државна пензија може да покрие само околу 10-12 недели сместување во дом, а многу помал период доколку на лицето покрај сместувањето му е потребна и нега.

Со оглед дека најголемиот дел од домовите се или приватни за профит, или пак нешто помалку непрофитни на добротворни организации, општините се фокусираат на домовите за оценка и рехабилитација на повозрасните лица за да се ослободат леглата во болниците пред да се донесе решение за тоа што понатаму со лицето, или пак на домови за деца без родители или пак со сериозни здравствени проблеми или проблеми со однесувањето за коишто не може да се обезбеди грижа во домашни услови.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

црква „Света Мери“, детал

Сте биле водечки проектант на проектот за пренамена и доградаба на поранешната црква „Света Мери“ во Центар за културно наследство во Гејтсхед, кој е добитник на три награди на Кралскиот институт на британски архитекти во 2009 и во 2011 година. Кажете ни повеќе за проектот.

Овој проект беше вистински предизвик.  Еден од двата најстари објекти во градот со делови од 13 век, оштетен од бомбардирање во Граѓанската војна и во 19 век од експлозија на магацин на кејот на реката, напуштен како црква па опожарен, па ненајсоодветно адаптиран како аукциска куќа за уметнички предмети. Лоциран над напуштени рудници за јаглен во заштитена амбиентална средина и заштитена крајбрежна зона, опкружен со гробишта вклучително со масовна гробница од колера. Самиот објект е заштитен како репер објект и како заштитен објект на културно наследство од прва категорија. Скоро да немаше нешто што може да ја направи задачата посложена.

Се разбира трпеливиот и внимателен пристап во комбинација со почитување на постоечкото ни овозможија да дојдеме до решение кое ќе ги надмине најголемиот број на предизвици и да создаде нов и посетуван центар за културно наследство со можности за одржување на разни настани вклучително свадби и обновување на венчаните обврски на оние коишто се венчале во објектот додека сè уште бил црква.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Црква „Св. Мери“, врска

Добитник сте на многу награди. Оваа година и на Националната награда на Англија за Најдобар проектант на станбени и мали комерцијални објекти за 2022 година на Градежната инспекција при локалните власти на Англија. Појаснете ни што значи наградата и за што се доделува. Која е најзначајна награда за Вас?

Да повеќе проекти на коишто сум работел како проектант или како учесник во проектот добија награди и признанија.  За разлика од кај нас, во Британија концептот на „автор“ не постои и наградите се доделуваат на проектот и на „архитектот“, т.е. на бирото во кое е сработен проектот, додека учесниците во проектот не се именуваат.

Годинава, во конкуренција на осум регионални добитници, имав особена чест да ја добијам личната, Националната награда на Англија, Награда за најдобар проектант на станбени и мали комерцијални објекти за 2022 година на Градежната инспекција при локалните власти.  Со истата се одбележува извонредноста во градењето, најдобрата пракса, квалитет и исклучителни стандарди од аспект на техничка издржаност во работењето. Оваа награда не е за одреден проект туку за севкупното творештво и за придонесот на добитникот во рамките на работната организација и пошироко во струката.  Од друга страна како најзначајна награда за проект на којшто сум работел како водечки проектант е Меѓурегионалната награда за заштита на објектите од градителското наследство на Северната мрежа на Кралскиот институт на британските архитекти (2011) за адаптацијата и дограбата на црквата „Света Мери“ во Центар за културно наследство во Гејтсхед.

LAND OF OAK AND IRON

Центарот за културно наследство „Земјата на дабот и железото“ во Винлатон Мил 

Во Македонија да се живее за архитектура и од архитектура, често се две спротивни работи. Каква е ситуацијата во Британија, како се живее од проектирање?

Колега архитект присуствувал на првиот час на светски познат архитект на престижен архитектонски факултет во САД, а на часот професорот ги посоветувал студентите дека сега е најдобриот момент да се премислат и да запишат нешто друго, освен доколку не доаѓаат од богато семејство или пак планираат да стапат во брак со богати сопруги или сопрузи.  Оваа анегдота е одлична илустрација дека во рамките на професијата акцентот е повеќе да се живее за архитектурата отколку да се живее од архитектурата.

Архитектурата веќе со децении на светско ниво е подложена на континуирана ерозија, како професија каде квалитетот на проектите во голема мерка е одраз на ентузијазмот и професионалноста, а уште повеќе и на прекувремената неплатена работа на архитектите и соработниците.  Така што не е ни за чудење дека сè почесто се јавуваат иницијативи за организирање на архитектите и соработниците во струкови синдикати.

Од една страна работењето е подложено на голема конкуренција и ниски цени за професионални услуги, без оглед на тоа дали станува збор за земји каде функцијата е заштитена или не, а од друга страна административното оптоварување континуирано се зголемува заедно со фиксните трошоци на работењето сврзани со плаќањето на претплати за лиценци за софтвер, компјутерска инфраструктура и премии за осигурување од професионална одговорност.  Во Британија сè повеќе се случува архитект да не може да наплати за своите услуги ниту по 1/4 до 1/3 по час во споредба со лекарите, адвокатите и сметководителите, што не било случај во минатото. Како резултат на ова како и за повеќето професии пристојниот, но не луксузниот живот во земјата во голема мерка зависи од тоа дали две пристојни, читај натпросечни плати, се носат во домаќинството и дали сите дома се здрави.

Вашата мајка Василка Ладинска, исто така е еден од нашите најзначајни архитекти и добитник на наградата „Андреја Дамјанов“. Влијаеше ли таа на изборот на Вашата професија?

Моите родители оставија јас сам да изберам што ќе студирам. Тие немале избор во периодот по Втората светска војна и морале да го следат распоредувањето од државата: мајка ми да студира архитектира, а татко ми технологија, без оглед на нивните лични желби.  Сепак и покрај тоа што мајка ми директно не се мешаше во мојот избор на студии, фактот дека во мојата младост бев постојано изложен на архитектурата веројатно направило барем некое потсвесно влијание за изборот на мојата идна професија.

LAND OF OAK AND IRON

Центарот за културно наследство „Земјата на дабот и железото“ во Винлатон Мил

Сте биле вклучени во истражувања и настава на неколку универзитети во Британија. Исто сте биле редовен професор на Факултетот за архитектура и дизајн на Универзитетот Американ Колеџ Скопје. Што за Вас значи работата со студентите?

Во англиското говорно подрачје се појави нова кованица „пракдемик“ со која се обидува да се идентификуваат оние коишто се занимаваат и со пракса и со наставно-научна работа.  Моето лично убедување отсекогаш било дека е важно сплотено да работат науката и праксата за да се добијат најдобрите можни придобивки, а што е уште поважно во помалите замји како нашата, со оглед на ограничените можности во споредба со поголемите и побогатите земји.

Оттука работата со студенти отсекогаш била значајна. Од една страна се стекнувате со подобра слика за тоа каков профил и познавања да очекувате од идните вработени, но истовремено Ви се отвора и можност да придонесете кон нивната едукација и да им помогнете подобро и полесно да се усогласат со потребите на пазарот на труд.

Tajndel Centar za promoviranje na nezavisnost_001

Тајндел центар за промовирање независност

Покрај проектантската работа, се занимавате и со истражувања и со публицистичка дејност, освен за Порта 3, пишувате и за други медиуми. Кои области ги истражувате и за кои медиуми пишувате?

Од медиумите јас скоро исклучиво пишувам за Порта 3, но напоредно се обидувам да публикувам и трудови во научни списанија или во зборници од конференции со фокус на историјата на градежништвото.  При ова главно истражувам две теми.  Едната посветена на земјотресот во Скопје од 1963 година и обновата која следувала, а другата со фокус на развојот на професиите во доменот на градежништвото на територијата на Македонија, вклучително со обиди да се идентификуваат основоположниците на овие професии кај нас.  Резултатите на досегашните истражување укажуваат на над 70 архитекти и инженери по потекло од денешната територијата на земјата, коишто дипломирале до крајот на Втората светска војна, како и околу 15 жени архитекти кои или се по потекло од оваа територијата или пак работеле на неа во истиот период.

Вие сте најдолгогодишниот, најактивниот и еден од најквалитетните соработници на Порта 3. Што за Вас значи пишувањето за нашето списание?

Порта 3 за мене е своевидена врска меѓу двете средини. Од една страна преку порталот и списанието да се биде во тек со сè она што се случува во струката дома, но и можност да споделам нешто од она со коешто се соочувам во секојдневното работење во надеж дека ќе биде од интерес или од помош на колегите дома.

 

Испрати коментар

Scroll To Top