Насловна / Вести / Интервју: Виктор Митевски – Награда за градежништво ПОРТА 3 2020

Интервју: Виктор Митевски – Награда за градежништво ПОРТА 3 2020

Огромно е искуството што се стекнува работејќи на проекти во странство

20201222_093954_resize

Во релативно краток временски период од десетина години поминавте неколку фази во градежната оператива. Од изведба на објекти во високоградба, изведувачко- проектанска во нискоградба, до раководни позиции во оперативата на Гранит

Пред да кажам што било, би сакал да се заблагодарам на Редакцијата на Порта 3 како и на членовите на Жирито за укажаната чест, за доделената Награда за градежништво за 2020 година. На Градежниот факултет во Скопје дипломирав во 2007 година, а тогаш актуелна беше високоградбата. Млад инженер, верувајте, нема многу простор да бира што и каде ќе работи, може само да одлучи дали проектирање или изведба. Јас отсекогаш сакав изведба, па уште летото се најдов на скопските новоградби, а веќе наредната година на објектите од „Скопје 2014“. На Градежен факултет се запишав со желба да градам мостови, постојано барав начин и конкурирав за ангажман на такви објекти, па кога се појави можност добив задачи во нискоградбата, и така од 2010 со мали прекини работам на инфраструктурни проекти.

20160712_144456_resize

Кој од овие периоди беше одлучувачки за формирање на вашиот инженерски профил и кој од проектите на кој се формиравте како оперативец, најмногу ви остана во срце по својата величина, тежина и секако можност за сопствено надградување?

Секој проект и објект има своја специфика и тежина и битно е инженерите постојано да учат и да се надоградуваат. На почетокот се учи техничкиот дел, занаетот, се учи од секој, од мајсторите, машинистите, техничарите и инженерите, од луѓето со кои заедно го градите објектот, од надзорите, подизведувачите. Како млад инженер се трудите и давате сè од себе за да ја завршите работата најдобро. Дали тоа некој ќе го препознае, тоа е вистинското прашање. Ја имав таа среќа некој да види потенцијал во мене и да има доблест да ми понуди, а јас храброст да прифатам работа, позиција која беше над моето тогашно ниво. Кога првпат станав раководител на објект, на административниот објект на АЕК, почнав да се занимавам со правниот дел, со договорот, со финансискиот аспект на работењето, секако покрај организацијата и техничкиот дел, и тој е објектот и периодот кога направив крупен чекор напред. Резултатите од работењето на тој проект, оправданата доверба, ми донесоа можност за раководни задачи на проект во странство и така дојде Босна, најпрвин делницата Прњавор – Добој, а подоцна и Бања Лука – Прњавор. Тоа се тие објекти коишто засекогаш ќе имаат посебно место во мојот живот, на тие проекти напредував најмногу, не само хиерархиски, туку и како инженер. Огромно е искуството што се стекнува работејќи на проекти во странство и работејќи на големи инфраструктурни проекти. Тоа, во комбинација со искусни луѓе од кои има што да научите води до нови можности, ширење на видиците, нови перспективи.

20170713_133706_resize

Изведбата на Гранит во период од 2012 до 2019 година изведуваше автопатишта во Босна и Херцеговина за кои доби многу признанија. Во Македонија тие проекти како да не добија некој посебен маркетинг. Не сакаше или не знаеше Гранит да се рекламира  со овие извонредни проекти?

Во последно време практикуваме видеопрезентација како начин на претставување на активните и на завршените проекти. На веб-страницата на Гранит, сè уште е активен третиот видеоклип за изградбата на двете делници од Автопатот Бања Лука – Добој, во кој може да видите и дел од процесот на градба и како изгледа автопатот по пуштање во употреба. На страниците на Вашето списание во два наврати, во 2016 и 2018 година, се обидовме да доловиме како изгледаше борбата со активно лизгање на земјиштето, две сосема различни решенија, интересни од геотехнички од проектантски и секако од изведувачки аспект. Ако за делот од автопатот којшто го работеше Гранит може да слушнете и во Србија, во Хрватска и Словенија, Австрија и Грција, прашањето е за што се интересира фелата во Македонија, за големите инфраструктурни проекти или за згради. Инженерите во Македонија коишто се интересираат за коловозна конструкција, за рамност на асфалт, за геомеханика и сложени геотехнички објекти, за мостови и вијадукти, за иновативни решенија на колничко одводнување, за FIDIC Yellow Book договори, сигурен сум дека се запознаени со работата на тимот на Гранит во Босна и Херцеговина.

Што научи во тие седум години поминати како изведувач, проектант и раководител на големи проекти, инженерот Виктор Митевски?

Би сакал прво да го појаснам делот околу проектирањето, бидејќи иако работев на проекти со наслов Проектирање и Изведба, не сум работел како проектант, туку само учествував во процесот на проектирање. Основата на договорите за автопатот во Босна беше Fidic Yellow Book, Design and Build, и во тој вид на договори е опфатено проектирањето т.е. разработката на проектната документација од ниво идеен проект до ниво изведбен проект.  За таа цел, изведувачот ангажираше проектантска куќа, секако служејќи се со искуството на изведувачот при решавање на специфичните детали и приспособување на проектот на технологијата со која се располага. Задачата нам оперативците, ни беше да им  го ставиме на располагање нашето теренско искуство на проектантите со цел заедно да ги решиме и подобриме деталите во проектната документација, секако во согласност со важечките  норми и стандарди, па на тој начин теоријата ја потковавме со пракса. Најбитниот елемент, состојката за успех во целиот тој процес е тимската работа, тоа е тоа што го научив од луѓето кои мене ме избраа да бидам дел од тимот за да подоцна го практикувам тоа и со неколку луѓе, инженери, техничари, правници итн. да направам тим. Нема поединечни успеси во градежништвото, објектот, проектот е успешен поради тимот, а секако најголем дел од заслугите одат кај лидерот на тој тим. Би сакал да додадам и дека нема успешен проект без разумен, образован и реален надзор, технички поткован и расположен за соработка. Кога би го сумирале претходно кажанато, треба многу работи да се поклопат за да успеете да завршите еден капитален објект во некој разумен рок.

20161102_092240_resize

20170222_100554_resize

Во последната декада во Македонија се изградија и се градат повеќе автопати, магистрални патишта, но со квалитетот кај некои од нив не може да се гордееме како држава. Каде грешевме?

Ќе го искористам прашањето за да го раслојам процес на изградба на еден пат, без разлика на категоријата. Она што е видливо, крајниот резултат, и што е најподложно на критики е работата на изведувачот со задачата на надзорот да контролира, со цел да се обезбеди минимум пропишан квалитет, изведен во законски, договорни и технички рамки. На изведбата ѝ предничи изработката на проектната документација и ревизијата на истата, битен фактор од кој зависи нивото и квалитетот на градбата. Предуслов за добар проект се количината и видот на геотехничките истражни работи и квалитетот на геодетските снимки, а тие пак зависат од проектната задача која ја составил инженер од страна на инвеститорот или нивни консултант. За подобар краен резултат треба да работиме да го зголемиме нивото на секоја фаза. На ова ќе додадам дека секој магистрален, регионален, експресен пат или автопат е генерациски, а не политички проект. Кога ќе направиме атмосфера така да гледаме на работите, секако ќе се види разликата во позитивен правец, струката мора да го држи главниот збор. Колку од овие патишта што ги спомнувате се доделени на домашната оператива? Повеќе од 60, 70 отсто ги „работат“ странски фирми кои овде се појавуваат со два и пол луѓе, за на крај пак да ја завршат работата македонските компании за пониска цена сè со цел да опстанат и да дочекаат подобри времиња. Во такви услови на нелојална конкуренција, тешко е да се очекува напредок и квалитет.

20171111_130351_resize

Во почетна фаза е изведбата на долгоочекуваниот автопат за Косово. Гранит ја доби почетната делница, а се надева секако и на добивање на целата до преминот Блаце. Како одат работите и прогноза за завршување на овој многу значаен проект.

Огромна чест и задоволство ми е да го водам овој проект и искрено се надевам дека ќе бидеме конкурентни и за втората делница, до клучката Стенковец. Проектот е во зачеток, па е многу тешко да се прогнозира крајниот рок. Бидејќи се јавуваат прашања во врска со рокот за завршување многу често, би сакал да појаснам некои работи. Рокот за завршување не се смета од датумот на потпишување договор, туку од датумот на вовед во работа, а за тоа треба да се исполнат пропишаните услови во договорот. Исто така, рокот зависи и од околностите кои влијаат и го опкружуваат проектот, а одговорноста за тој рок е на сите инволвирани страни. Во секој случај, за очекување е оваа година да се види голем напредок и се надевам дека нема да ни се случат некои непредвидливи физички околности кои го следат делот од автопатот на косовска страна па да се одолжи завршетокот.

Како заменик-директор на оператива, какво е Вашето гледање на развојот на инженерската фела кај нас? Може ли да очекуваме нов залет и надеж оперативата да се врати на меѓународниот пазар, каде не толку одамна бевме прилично значаен фактор?

Во Гранит имаме шампионски тим. Цениме и прифаќаме предизвици, имаме енергија, знаење, искуство, акумулирано знаење, инфраструктура, ги имаме најдобрите оперативци и најдобрите машинисти, најдобрата лабораторија, а и скромни сме, прашање е на време кога ќе се вратиме на меѓународната сцена со поголем обем. Ја користам можноста и да го предизвикам секој инженер којшто се цени себеси и сака да работи големи инфраструктурни објекти да ни се приклучи во тимот и да докаже дека тоа го може.

20150807_150538_resize

Каде себеси се гледате во наредните десетина години, а секако и Гранит?

Во последните неколку години ги исцртавме контурите на една нова и модерна оператива и компанија. Ни претстои уште многу работа, постои и секогаш ќе постои простор за подобрување, но постои и атмосфера и позитивна енергија што е основен предуслов за успех. Би сакал и понатаму да бидам дел од таа приказна.

20180918_151811_resize

3 коментари

  1. Viktorche
    Vistiski predvodnik na novata generacija gradeznici …
    Ne si vekje “ Cure mali”…. sega si “Cure”
    Samo napred

  2. Анонимен

    Било је задовољство радити и сарађивати са овим младим инжењером!
    Поздрав из Бања Луке

  3. Анонимен

    Bravo Viktor . Ti pozeluvam uste pogolemi uspesi

Испрати коментар

Scroll To Top