Од досегашното искуство не видовме дека политичките партии, кои ја кројат судбината на нашите градови, некогаш имале стручен однос кон архитектурата и урбанизмот, не видовме ни вистински професионалци од овие области помеѓу членовите на советите во локалната самоуправа. Секако дека локалната власт треба да има вклучено стручни лица од повеќе сфери, но она што се случува со урбанистичките планови во Скопје кулминираше со непланиран град, кој имаше простор како ресурс, но кој е неповратно, изгубен засекогаш. Поради децениските проблеми со урбанистичките планови и нивното „кроење“ и „прекројување“ исклучиво и само според желби поттикнати единствено од профит – инвеститорите и сопствениците на локациите, кои секогаш се повикуваат на „божјата заповед“, „стекнатото право“, Порта 3 одлучи да разговара со архитектите кои се на независните листи за советници во општините Центар и Карпош. Со единствена надеж дека конечно ќе дојдеме до квалитетни урбани решенија, на оној малку простор кој ни преостана.
Во продолжение ви пренесуваме четири интервјуа со четири архтекти, кои одговараат на истите прашања со цел да видиме какви се нивните размислувања за урбаните проблеми. Прочитајте што велат: д-р Дивна Пенчиќ, Билјана Филиповска и Даница Павловска – Циги од „Шанса за Центар“, како и Невена Георгиевска од „Независни за Карпош – За Заштита на Карпош“, кои воедно се и долгогодишни соработници на Порта 3.
Порта 3 е подготвена да разговара и со останатите кандидати кои се на советничките листи на политичките партии, кои по професија се архитекти, градежни инженери или екологисти, а кои би сакале да го дадат својот став околу решавање на проблемите кои се од најтесен интерес на нашето списание. Подготвени сме да отстапиме простор за промовирање на идеите и иницијативите во некој од следните броеви на списанието или на порталот.
Можеби за прв пат кај нас на една советничка листа се пријавуваат повеќе архитекти. Влева ли ова надеж дека конечно за плановите навремено ќе реагираат стручни лица?
Да, голем дел од надлежностите на советот на општините, градоначалниците и локалната администрација, опфаќаат аспекти кои се тесно врзани со архитектурата и урбанизмот, па оттука многу е значајно да има поголем број на стручни лица од таа област. Придонесот и активното учество на архитектите е од големо значење во креирањето на визиите за просторниот развој на општината, креирањето на градските политики кои ќе понудат обликување поквалитетен градски простор, во кој ќе има услови за одржлив економски, социјален и еколошки напредок. Но, дополнителна е и можноста на архитектите, како ексклузивна способност, да гледаат во иднината и уште во фаза на изработка на планови и проекти, да ја визуализираат очекуваната изградба и да поддржат добри проекти, но и да спречат лоши.
По сите оние грешки кои имавте можност да ги воочите во ДУП-овите, направени од планерските куќи, ќе можете ли да влијаете да не се изработуваат ДУП-овите како досега? Да се добиваат на јавна набавка и да ги изработуваат истите планерски куќи?
Учеството во Комисијата за урбанизам на Општина Центар, е исклучително вредно, иако прилично фрустрирачко искуство и дава добра почетна позиција за иницирање и инсистирање изработка на посоодветни и поквалитетни урбанистички планови за подрачјето на Општината. Имајќи увид во скоро сите детални урбанистички планови, заедно со останатите членови на Комисијата, воочивме генерално исти проблеми кај сите и тоа: безидејност со слаба планска програма, непочитување на ГУП за Скопје, но и проблеми предизвикани од него и непознавањето на локалниот контекст, грижа само за што повеќе површина за градба и катност, а никакви насоки или услови за изградба на земјиштето за општа употреба (улици, плоштади, паркови, игралишта и друг јавен простор). За проблемот да биде поголем не се дадени ниту конкретни: мерки за справување со климатските промени, мерки за справување со отпад, мерки за одржлива мобилност и безбедност во сообраќајот, мерки за заштита од разурнувања, мерки за заштита на недвижното културно наследство, мерки за озеленување на планскиот опфат и други мерки за остварување на целите на планирањето.
Прашањето на јавните набавки исто така е детектирано не само како проблем предизвикан од законски пропишаните начини и услови на спроведување, туку и како немање волја на одговорните лица да пропишат соодветни критериуми и да го употребат механизмот на давање негативно мислење за оние планерски фирми кои не ги почитуваат пропишаните стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, а тие најчесто се причина за лоши планови. Увиден е и проблемот на штетно припремени договори, каде нема рокови и услови за изработка на плановите. Сето ова е нешто за кое можеме да воспоставиме позитивни практики и во корист на граѓаните, нo и во корист на Општината за заштеда и на време и нa пари, како и подигање на квалитетот.
Дали сметате дека градоначалникот треба да има повеќе советници архитекти од пракса?
Не се работи за број, туку за докажани стручњаци со граѓански вредности, кои јавно и приватно се однесуваат и се залагаат за вредности кои се поврзани за доброто на заедницата, колективот, струката, квалитетот на живот. Архитекти кои не го познаваат градот, кои автомобилот им е главно превозно средство, чии деца не одат пешки во градинка и училиште, кои не се грижат каде и како го фрлаат ѓубрето, кои не се грижат за својата животна средина, не ја гледаат својата иднина локално, кои ги претпочитаат парите над правите вредности на својата струка, можат да бидат добри стручњаци, но не за својата заедница. Затоа сметам дека советниците треба да имаат исти вредности и цели кои ќе нè водат кон подобар, поквалитетен и подостоинствен живот во нашата општина. Но, токму затоа и целите и вредностите на градоначалникот треба да се кон заедничко добро, а не личен интерес или интерес на некои структури од партијата.
Досега не видовме дека државата, застана зад градоначалниците во борбата за подобро урбанистичко планирање. Откако најдиректно имавте можност да се соочите со начинот на кој се изработуваат ДУП-овите сметате ли дека е неопходно да ги изработува исклучиво стручен тим составен од професионалци од својата област, кој ќе работи со јасно зададени задачи, програми и рокови, наместо плановите да одат на јавна набавка?
Јавната набавка е вообичаена постапка за набавка на урбанистички планови, но не е таа суштински проблем. Суштинскиот проблем е како општината, и понатаму планерската фирма го подготвуваат и изработуваат планот. Прашањето е врз основа на кои претпоставки (планска програма), врз кои податоци и информации, врз какви сознанија и со какви заклучоци се изработува урбанистичкиот план. За жал, кај нас е напуштена праксата која постоела во подготовка на документациска основа, како сериозно собирање податоци, анализирање и синтетизирање. Денес никој сериозно не оди и пребројува жители, објекти, станови, градинки и училишта и друг вид на јавни објекти, потоа игралишта, зелени површини и дрвја, контејнери, покриеност со инсталации и низа на вакви податоци кои се клучни за да се има почетна претстава за покриеноста со одредени содржини и инсталации, капацитетот и можностите на просторот. Уште помалку некој ги прашува жителите за нивно мислење и потреби, а уште помалку другите субјекти кои се на тој простор (јавни и приватни институции и правни лица). Прашањето на партиципативно планирање, иако пред дваесетина години се отвори, сега се третира како сериозна опасност по планирањето.
Прашањето на стручен тим отвора прашање што е стручен тим. Дали само архитектите се стручни? Со моето не многу големо искуство, сè повеќе гледам недостаток на сериозни економски анализи, сериозни социолошки, па и културолошки. Дефинитивно, за мене, урбанистичките планови не се само просторно разместување на градби и одредување услови за градење. Сè повеќе верувам дека архитектите, освен оние кои се одважиле да се надоградат и со познавање од урбана социологија и урбана економија, па и некои урбано-културолошки аспекти, не се доволни за креирање квалитетни урбанистички планови. Секако самиот урбанистички план како технички документ, не може во себе да ги содржи сите студии, но многу е важно во припремната фаза да е сето ова апсолвирано и да обезбеди сериозна и квалитетна база за изработка на техничкиот документ.
Постои ли доволно развиена свест и кај политичарите и кај граѓаните кога станува збор за планирање, а кога станува збор за личниот или јавниот интерес?
Некако свеста кај сите оди горе-долу, се менува, расте и се намалува. Сè зависи од личниот интегритет и личните преференци. Неолиберализмот, според мене е голем кривец за губење на јавниот интерес и вредностите кои ги дели заедницата. Во опкружување кое е водено само од материјалистички интереси, од лични интереси, од краткорочни потреби и без долгорочна визија, немаме ниту политичари, ниту граѓани за едно поинакво урбанистичко планирање.
Општина Центар беше единствена која влезе во борба со урбанистичкото планирање. Зошто мораториумот не даде очекуван резултат?
Навистина Општина Центар беше ластовицата која ја најавуваше пролетта, и многу други ластовички посакаа да дојде, но преовладаа нечии интереси за кои беше подобро тоа да не се случи. Ниту партиите, ниту власта кои некои од нив ја имаа и на локално и на централно ниво, сè уште не се спремни за едно демократско и граѓанско општество. Стагнираме и дури се враќаме кон едно примитивно клиенталистичко општество. Урбанистичкото планирање во контекст на „нати-дај ми“ политика, нема услови да си ја оствари својата примарна улога – создавање услови за квалитетен, рамномерен, рамноправен развој, со акцент на заштита на јавниот интерес. Мораториумот не успеа, затоа што власта и опозицијата не сакаа да успее.
Во затечената состојба во Скопје има ли воопшто шанса да добиеме поквалитетен град?
Секако! Не сме единствени, ниту први кои се соочиле со проблеми во градот кои навидум се нерешливи. Но градови од поголеми размери и со поголеми проблеми успеале да создадат квалитетен и достоен живот за своите граѓани. И Скопје има шанса, само треба да се сака и да се работи посветено и чесно, за својата заедница! Скопје и сите општини имаат и граѓани и стручњаци и политичари, кои можат и сакаат!
КРАТКА БИОГРАФИЈА
Д-р Дивна Пенчиќ својата професионална кариера ја започнува работејќи кај истакнатиот турски архитект Џенкис Бекташ во Истанбул. Денес е професор на Архитектонскиот факултет при УКИМ. Предметите кои ги предава се од областа на урбанизмот, со фокус на одржливиот урбан развој. Својот професионален ангажман го збогатува со соработка со невладин сектор и меѓународни организации, работејќи на проекти, меѓу кои позначајни се: „Замисли град – дискусија за (отворање на) процесот на планирање на градот“, „Незавршени модернизации – помеѓу утопија и прагматизам“, „Оживување на градските плоштади на балканските градови“ и др. Едно од позначајните делувања е реализирањето на проектите и активностите со НВО „Коалиција за одржлив развој“. Таа е и поранешен член на Комисијата за урбанизам на Општина Центар.