Насловна / Архитектура / Интервју со Билјана Филиповска: Да го препознаеме градот како наш чист и среден дом

Интервју со Билјана Филиповска: Да го препознаеме градот како наш чист и среден дом

Од досегашното искуство не видовме дека политичките партии, кои ја кројат судбината на нашите градови, некогаш имале стручен однос кон архитектурата и урбанизмот, не видовме ни вистински професионалци од овие области помеѓу членовите на советите во локалната самоуправа. Секако дека локалната власт треба да има вклучено стручни лица од повеќе сфери, но она што се случува со урбанистичките планови во Скопје кулминираше со непланиран град, кој имаше простор како ресурс, но кој е неповратно, изгубен засекогаш.  Поради децениските проблеми со урбанистичките планови и нивното „кроење“ и „прекројување“ исклучиво и само според желби поттикнати единствено од профит – инвеститорите и сопствениците на локациите, кои секогаш се повикуваат на „божјата заповед“, „стекнатото право“, Порта 3 одлучи да разговара со архитектите кои се на независните листи за советници во општините Центар и Карпош. Со единствена надеж дека конечно ќе дојдеме до квалитетни урбани решенија, на оној малку простор кој ни преостана.

Во продолжение ви пренесуваме четири интервјуа со четири архтекти, кои одговараат на истите прашања со цел да видиме какви се нивните размислувања за урбаните проблеми. Прочитајте што велат: д-р Дивна Пенчиќ, Билјана Филиповска и Даница Павловска – Циги од „Шанса за Центар“, како и Невена Георгиевска од „Независни за Карпош – За Заштита на Карпош“, кои воедно се и долгогодишни соработници на Порта 3.

Порта 3 е подготвена да разговара и со останатите кандидати кои се на советничките листи на политичките партии, кои по професија се архитекти, градежни инженери или екологисти, а кои би сакале да го дадат својот став околу решавање на проблемите кои се од најтесен интерес на нашето списание. Подготвени сме да отстапиме простор за промовирање на идеите и иницијативите во некој од следните броеви на списанието или на порталот. 

4H5A0095

Можеби за прв пат кај нас на една советничка листа се пријавуваат повеќе архитекти. Влева ли ова надеж дека конечно за плановите навремено ќе реагираат стручни лица?

Сведоци сме дека архитектите станаа сè повидливи во јавниот простор, особено после проектот „Скопје 2014“, и тоа не како „џавкачи“, туку истапуваа со свој личен, професионален став со сиот свој интегритет по многу горливи прашања од областа на урбанизмот и градбите. Се огласија колеги од образовната сфера, професионалци од јавните институции кои делуваат како урбанисти и колеги архитекти со долгогодишна професионална кариера. На неколку пати се огласи и ААМ. Тоа беше предигра тие активно да се вклучат во советничките листи за да можат повлијателно да го канализираат своето делување при планирањето  на градот.

Сметате ли  дека е возможно да се изработуваат ДУП-овите како досега? Да се добиваат плановите на јавни набавки и да ги изработуваат неколкуте планерски куќи, одамна етаблирани по лошо урбанистичко планирање?

Се виде кои се последиците од парцијално обликување на просторот, без стратешки документи за визија за развој на урбаните средини на ниво на целата Република, несразмерен развој на метрополата и тоа само на две-три нејзини општини. Густината на населеност директно го загрози здравјето на луѓето и нивното нормално извршување на секојдневните активности. Од друга страна се девастираа цели области каде населението масивно ги напушта своите огништа. Овие проблеми не се решаваат со тендери и вклучување мали планерски куќи кои имаат капацитет да се занимаваат со урбанизам само на ниво на урбанистички проекти.

Во државата недостасуваат сериозни институти за урбанизам какви што постојат во развиени средини, со специјализирани истражувачки тимови на кои не им се страни академските титули.

Дали сметате дека градоначалникот треба да има повеќе советници архитекти од пракса?

Градоначалниците треба да имаат на располагање институции со кои ќе го планира развојот на градовите и општините и непосредни советници од пракса.

4H5A0087

Градоначалникот на Љубљана во своите два мандата го имаше покрај себе за заменик- градоначалник истакнатиот архитект, професор и теоретичар Јанез Кожељ. Нивната тесна соработка ја доведе Љубљана на првото место за „Зелен град во Европа“. Со паметни урбани зафати се промени дури и микроклимата на градот и се изгубија неговите познати долготрајни периоди со густа магла.

Досега не видовме дека државата, застана зад градоначалниците во борбата за подобро урбанистичко планирање. Сметате ли дека е неопходно општините да формираат стручен тим составен од професионалци кој ќе работи исклучиво на плановите со јасно зададени задачи, програми и рокови, наместо плановите да одат на јавна набавка?

За жал новиот Закон за урбанистичко планирање, поддржан од државата, доби само некои козметички измени и понатаму задржувајќи се до строго дефинирани површини за градби, одејќи од поединечно кон општо на сметка на општиот интерес. Легислативата не остава можност на послободно визионерско третирање на одделни територии од населените места и  квартови кои по потреба можат да се решаваат со архитектонско-урбанистички конкурси. Ако се постават јасни цели за развој на одржлив град за сите, ќе бидат задоволни и жителите и оние кои со градежништвото остваруваат доход ,односно профит. Рамнотежа мора да има, мора да биде остварена на принципи, а не на  коруптивни дејности.

KIR_0015

Постои ли доволно развиена свест и кај политичарите и кај граѓаните кога станува збор за планирање, а кога станува збор за личниот или јавниот интерес?

За жал не, тоа е најтешката задача како да се влијае на јавноста, на граѓаните да го бранат општото добро, откажувајќи се понекогаш од дел од својот, навидум голем парцијален личен интерес, а кој во крајна инстанца и ним им се враќа како бумеранг во уништување на квалитетот на живеење. Звучи утопистички, но со упорно објаснување на концептот здравје пред профит ќе се подготви јавноста за поинаков однос кон развојот на нивниот непосреден простор во кој живеат.

Општина Центар беше единствената која влезе во борба со урбанистичкото планирање. Даде ли мораториумот очекуван резултат? И зошто?

Мораториумот овозможи да се анализираат повеќето ДУП-ови во Општина Центар и нивните неусогласености со ГУП на Град Скопје, како стратешки документ и документ од повисок ранг. Но, за жал не се влезе во следната фаза на нивно ефикасно ревидирање со паралелна работа со јавноста, да ја придобијат за основна идеја, да се подобрат условите за живот и приближувањето кон здрава животна средина во услови на енормна загаденост токму во тој период.

1

Во затечената состојба во Скопје има ли воопшто шанса да добиеме поквалитетен град?

Сега сме на пресечна точка кога се изготвува нов ГУП, кога постои квантум на енергија меѓу скопјани, која може да покрене промени, кога се појавуваат млади, слободоумни кадри, свесни за јавен интерес и добробит на пошироката заедница. Треба да се постават јасни цели и да се работи посветено на нив во повеќе мандати, а не само шест месеци пред избори.

Наука и сознанија постојат, советите на општините со градоначалниците се на потег со лидерство да ги остварат зацртаните цели во интерес на сите, не само на мал број поединци. Да го препознаеме градот како наш чист и среден дом, со мемориски точки кои ќе се прифаќаат и ќе се надополнуваат со секоја генерација што доаѓа.

КРАТКА БИОГРАФИЈА

Билјана Филиповска е архитект со професионална кариера како проектант од над 40 години. Сè уште професионално активно и општествено ангажирана. Заговорник на идејата на градби во контекст на средината. Наградувана на конкурси, добитник на повеќе награди на БИМАС, а како круна на нејзината кариера е наградата „Андреја Дамјанов“ на ААМ за животно дело и член на Архитектонската академија при ААМ.

Испрати коментар

Scroll To Top