Поради наталожените проблемите во градот во однос на урбанизмот и екологијата, нивното несистемско решавање, Порта 3 одлучи да разговара со единствениот кандидат за градоначалник – архитект, а воедно и експерт за екологија, Ана Петровска од Зелен хуман град.
Вие сте инженер архитект со долгогодишно искуство во животната средина и просторно планирање. Што е она што Ве натера долги години да водите битка за заштита на животната средина?
Имав среќа уште во 1989 година да бидам вклучена во првиот еколошки проект „Заштита на реката Вардар од загадување“ и тогаш учев од врвни стручњаци во тоа време, а ги запознав и загадувачите на реката Вардар. Меѓутоа, од она што го видов на терен длабоко ми остана врежана зелената боја на шестовалентниот хром како резултат на штавењето кожа од кожарите во Гостивар, Скопје и Куманово и, исто така, ми остана во сеќавање силната црвена боја од отпадните води од свиларата „Нонча Камишова“. Во 2002 година со 10-тина момци во разрушено училиште селектиравме еден тон отпад и тогаш можев навистина да посведочам дека во отпадот има корисни елемeнти, корисни фракции кои може да се искористат за рециклирање или повторна употреба. Значи, на најдиректен начин видов што има во отпадот и како тој отпад може да се спречи да заврши на депонија. Сум учествувала и во многу други проекти каде што одблизу сум се запознавала со проблемите во животната средина, проблемите што ги засегаат сите граѓани и самото тоа што сум ги запознала проблемите и сум работела на нивни решенија, ме направило борец и активист низ сите овие години. Можно е да се решаваат проблемите во животната средина, но за решенијата мора посветено да се залагаме сите во општеството.
Јавноста Ве запозна како директор на Инспекторатот за животна средина каде навистина им застанавте на патот на капацитетите кои загадуваат. Сметате ли дека успеавте во таа мисија и што е она на што ќе треба да продолжи да работи Инспекторатот?
Во Државниот инспекторат за животна средина направивме големи промени, но постигнавме и резултати. Со акредитирана лабораторија за животна средина успевавме да детектираме загадувачи и кога ќе го докажевме загадувањето дефиниравме рокови за корекција на неправилностите или изрекувавме казни. Исто така, го зголемивме бројот на вонредни надзори, па успевавме загадувачите да ги изненадиме ноќе и во текот на викендите. Правевме многу координирани акции заедно со овластени инспектори со што ги подигнавме квалитетот и стандардот на инспекциските контроли на локално ниво. Го изработивме и Нацрт-законот за инспекциски надзор на животната средина со кој сакавме прво да ги детектираме слабостите, а потоа сакавме и да ги стандардизираме инспекциските постапки, да го подигнеме нивниот квалитет со примена на листи за проверка, а соработката со другите институции при покомплексни случаи на загадување да ја уредиме со стандардни оперативни процедури. Со помош на „Зелен институт“ и во соработка со Горјан Јовановски направивме мапа на загадувачи во градот Скопје, ги лоциравме на карта сите големи, средни и мали загадувачи што всушност требаше да овозможи полесно детектирање на изворите на загадувањето. Со Институтот за комуникациски студии направивме алатка за пријавување загадување од страна на граѓаните и тие навистина се охрабрија во секое време да пријавуваат случаи на загадување за кои имаше интервентни реакции од страна на инспекторите. Сето ова беше постигнато за многу краток период, за нецели 10 месеци. Очекувам итно да се усвои Законот за инспекциски надзор на животна средина за да обезбедиме одржливост на овие инспекциски практики. Сметам дека мора да продолжи функционирањето на Граѓанскиот инспекциски совет кој, исто така, го формиравме со преку 30-тина граѓански организации кои придонесоа кон поголема отчетност, но од друга страна беа и помош за работата на Инспекторатот. Оваа пракса мора да продолжи и доколку тоа се случи, навистина сум оставила позитивен печат врз оваа институција.
Сега сте повторно во Секторот за отпад во Министерството за животна средина и просторно планирање каде ќе продолжите да работите на стратегиите за третман на отпадот. Ќе почне ли сега реализацијата на сето она што беше запоставувано со години?
Министерството за животна средина и просторно планирање ги утвдрдува политиките, стратешките приоритети и донесува стратегии и планови кои, за жал, не секогаш се спроведуваат поради поделените надлежности. Надлежноста за управување со комуналниот цврст отпад е на локално ниво, а приватниот сектор е вклучен во активностите за селектирање, транспорт, преработка и извоз на посебните видови на отпад што не може да се преработат во земјата. Како член на тимот во Секторот за управување со отпад целосно ќе се вклучам и ќе се посветам на сите оние активности кои во моментот се реализираат, тука пред сѐ се европските проекти кои се спроведуваат во Источниот и во Североисточниот плански регион и тука сум, исто така, да помогнам во решавањето на проблемите со Буково. Затворањето на Буково е една од препораките на УНЕСКО, а јас сум емотивно поврзана со процесите што се насочени кон нивно спроведување, бидејќи долго време се занимавам со оваа проблематика.
Може ли да ни кажете кои се најголемите еколошки проблеми со кои се соочуваме како држава, кои вие од другата страна ги идентификувавте, а за кои јавноста можеби и не е ниту свесна?
Јавноста главно ги знае овие прашања, меѓутоа мора уште еднаш да се навратиме за да потенцираме колку е важно нивното решавање. Пред сѐ тука е загадувањето на воздухот, за кое главни причини се индустријата, транспортот, јавните објекти (болници, училишта, студентски домови), домаќинствата и градежништвото. Она што малку се знае во јавноста е дека во индустријата сѐ уште се согоруваат горива кои во современите земји се веќе и забранети, а тоа се јаглен, петрол кокс, мазут, нафта. Значи и овие горива кои понекогаш се со сомнителен квалитет се горат во големи количини во печките на големите загадувачи. Иако има систем на дозволи со кои се ограничуваат концентрациите на загадувачки материи во емисиите на издувните гасови, сепак никој не ја ограничува количината на гориво што го согоруваат овие инсталации. Имајќи го предвид фактот дека е многу тешко да се следи кои се вистинските емисии, бидејќи многу опасни загадувачки материи и воопшто не се пропишани во дозволите додека емисиите ретко се следат континуиано, загадувањето на воздухот од индустријата мора да се решава во блиска иднина. Неопходно е најпрво да се воведе ограничување на количините на емитираните загадувачки материи (прашина, сулфурен диоксид, азотни оксиди) и по истекот на определен период на (праведна) транзиција, да се забрани користењето на овие фосилни горива.
Во однос на управувањето со водите имаме ситуација каде што голем дел од градските средини немаат пречистителни станици, односно урбаните и отпадните води од некои индустриски капацитети се испуштаат директно без пречистување. Таков е случајот и со градот Скопје; освен тоа, речиси 20 отсто од домаќинствата не се приклучени на фекалната канализација, туку испуштаат отпадни води во септички јами или директно во отворените канали, во Тафталиџе, Серава и Усјанскиот канал. Исто така, во Градот Скопје изградени се само 30 проценти од атмосферската канлизација и кога има поројни дождови улиците се целосно непроодни за движење поради излевање на измешана атмосферска и фекална отпадна вода од шахтите.
Загадувањето на водите е предизвикано и од рудниците. И покрај тоа што со нивните интегрирани еколошки дозволи се пропишани емисиите на загадувачки материи во водите, сепак многу често се случува да се излее јаловина и да ги загади и реките и почвата. И тоа се огромни штети кои се направени поради тоа што во составот на јаловината се среќаваат токсични хемикалии и тешки метали. Очигледно прашањето со рудниците е многу сериозно и овие чести хаварии не смее да се третираат како резултат на небрежност туку институциите мора сериозно да се занимаваат со превенција и санкции. Да, економските аспекти не треба да се занемаруваат, но мора да преовлада еколошката мисла и да се стави крај на загадувањето од рудниците.
Управувањето со отпадот е, исто така, голем проблем. Освен што гледаме голем број на диви депонии насекаде во природата, имаме ситуација и некои општински депонии да претставуваат големи ризици за животната средина. Ќе ја споменам како пример депонијата во Гевгелија која е направена на брег на река. Често, кога ќе надојде реката, се испира отпадот и се транспортира со водотекот, а истовремено не се применуваат ниту минималните технички услови, односно компактирање на отпадот и прекривање со земја. Депонијата често се пали. Има повеќе вакви депонии низ земјата, а многу малку се работи за решавање на проблемите што произлегуваат од непрописното отстранување на отпадот. Сметам дека општините и комуналните претпријатија не успеаја во претходниот период да направат промени, односно да ја намалат количината на отпадот за депонирање и да ги искористат вредните компоненти. Така, на пример, биоотпадот, кој учествува со преку 60 проценти во составот на отпадот – не смее да се носи на депонија, бидејќи распаѓањето на органската фракција е една од причините за запалувањето на депониите. Депониите горат дури и во зимскиот период, а во текот на летото нивното палење е редовна појава. Искористувањето на овој биоразградлив органски отпад преку компостирање е можно и неопходно. Компостот, односно органското ѓубриво што е резултат на зреењето на органската компонента на отпадот во компостарите, може да се добива во самите градини на станбените куќи или во компостари што би ги поставиле општините. Компостот може да се користи за различни намени, во градините, парковите, како и за рекултивација на деградирани простори. Отпадот во овој момент не се гледа како ресурс, туку како нешто што само се отфрла и понатаму никој за него не се грижи. Многу финансиски средства се потрошени на различни стратегии и студии, меѓутоа сметам дека е конечно време општините во согласност со своите надлежности да почнат со селекција на отпадот во соработка со колективните постапувачи кои се одговорни за посебните текови отпад (отпадот од пакување, батериите и акумулаторите, електричната и електронската опрема и друго). Крајно време е сите чинители да се здружат и заедно со граѓаните да се погрижиме што е можно помалку отпад да се отстранува со депонирање.
Долго време зборувавте и за проблемите околу Охридското Езеро. Колекторскиот систем е во лоша состојба, отпадните води се испуштаат во езерото, камповите и останатите објекти исто така се потенцијални загадувачи. Од каде треба да се почне решавањето на овие проблеми и имаат ли институциите доволно сила и мотив да застанат на патот на сето ова?
Не само што зборував за проблемите во Охридскиот Регион кој ужива статус на светско културно и природно наследство, туку како државен секретар на МЖСПП директно бев вклучена во изработката на Планот за управување со ова светско природно и културно наследство. Како директор на Инспекторатот за животна средина организирав и учествував во бројни еколошки акции, некои од нив резултираа и со кривични пријави, како на пример онаа за насипувањето земја и градежен шут на Далјан и кривичната пријава за насипувањето земја и шут и палење трски во Калишта. Во овој момент сум сѐ уште член на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство, а од неодамна сум член и на работната група формирана од Владата како помош на Агенцијата за планирање на просторот за изработка на урбанистичкиот план од државно значење за крајбрежјето на Охридското Езеро.
Значи, пред сѐ, мора да се запре непланската урбанизација и градежната офанзива, сѐ со цел да се спречи натамошното уништување на пределските вредности и традиционалната архитектура во градот која постапно се уништува со реконструкција на постојните и изградба на нови објекти. Освен тоа, мора да се воспостави одржлив транспорт и туризмот да не биде масовен и да не се базира само на искористување на капацитетите на плажите, односно на хотелските комплекси во текот на летната сезона. Мора да се овозможи развој на одржлив и еколошки туризам што ќе се базира на атрибутите на исклучителните универзални вредности на ова наследство.
Државата мора редовно да одделува финансиски средства за да се спречи натамошно загадување на Охридското Езеро, пред сѐ за доизградба на колекторскиот систем кој е во лоша состојба, и покрај тоа што веќе се реализираа одредени активности за негова реконструкција. Неопходно е редовно финансирање од страна на државата, односно мора да се обезбедуваат средства колекторот континуирано да се одржува како што треба. Имено, во текот на самата реконструкција се утврди дека има голем број на нелегални приклучоци што направиле оштетувања, дека корења од дрвја ги пробиваат цевките и пропусноста на колекторот за определени делници е значително намалена. Исто така, мора итно да почне реконструкција на пречистителната станица за отпадни води во Враништа.
Управувањето со Охридскиот Регион е фрагментирано и многу институции се вклучени во различни аспекти на просторниот, социјалниот и економскиот развој, меѓутоа решенијата за проблемите се многу едноставни. Во овој момент Комисијата за управување со светското природно и кулутурно наследство со своите мислења кои навистина се почитуваат од институциите, на некој начин претставува бариера за да се спречи непланската, односно неконтролираната урбанизација, што особено ме радува. Но, не е доволно интегрираната заштита на целиот Охридски Регион да зависи само од издадените мислења од страна на Комисијата за управување. Природното и културното наследство на Охридскиот Регион има голема површина и поседува извонредни пределски карактеристики што е задолжително да ги заштитува едно стручно и оперативно тело. Во блиска иднина неопходно е да се формира тело за интегрирано управување согласно Законот за заштита на природата и поврзаните закони.
Урбанизацијата и бетонизацијата на Скопје е долгогодишен проблем. Има ли спас од сето ова? Од каде и како треба да се почне враќањето на нормалниот „зелен“ живот во Скопје?
Започна изработката на Генералниот урбанистички план за Скопје, што значи дека Градот има можност да воспостави нови правила на игра, односно да ја спречи натамошната бетонизација. Тоа е можно бидејќи имаме регулатива што мора да се почитува. Пред години јас бев иницијатор за изработката на Законот за урбано зеленило, а откако законот беше донесен, како државен секретар во МЖСПП работев и на Правилникот за урбано зеленило. Согласно овој Правилник, како прв чекор пред почнувањето на работата на ГУП-от треба да се изработи Стратегија за урбано зеленило. Јас мислам дека е крајно време таа Стратегија за урбано зеленило да почне да се реализира. Претходно мора да се заврши изработката на Катастарот на урбано зеленило, потоа да се идентификуваат сите празни непарцелирани локации кои имаат потенцијал за развој на убави урбани паркови и градини. Понатаму, неопходно е да се направи биотопско картирање за да се востанови мрежата на урбано зеленило во градот која треба да ја спречи натамошната фрагментација на биолошките заедници. Задолжително е да се идентификуваат сите подрачја кои се изложени на енормно загадување и локациите на топлотните острови, за да се интервенира со засадување урбано зеленило што ќе влијае врз намалување на загадувањето и врз локалната клима. Исто така, задолжително е да се мапираат сите потенцијали за урбано зеленило, постојно и идно, и нивната достапност преку постојната сообраќајна инфраструктура, а особено велосипедските патеки, сѐ со цел на секој граѓанин да му се овозможи во временска дистанца од 10 минути (со велосипед или пеш) да стаса до парк во којшто ќе може да дише свеж воздух и да се одмори. Оваа стратегија за урбано зеленило не е само форма, туку таа треба да даде суштина на идниот урбан развој на градот. Без оваа стратегија никој не смее да продолжи со урбанизација, бидејќи ако продолжиме со ова темпо на градење, ќе ги уништиме сите празни простори со кои можеме, доколку правилно го планираме урбаното зеленило, да обезбедиме минимум 25 метри квадратни зеленило по глава на жител за да имаме хумани услови за живеење.
Понекогаш токму граѓаните се тие што даваат отпор кон воведување зелени политики – намалување на габаритите на нивните објекти, ограничување или отежнување на употребата на автомобилите, промена на начинот на греење итн. Мислите ли дека институциите се способни да спроведат непопуларни, но потребни мерки?
Зелените политики всушност немаат за цел да го влошат, туку тие го подобруваат квалитетот на животот. Но, разбирлив е отпорот на граѓаните кон промени кога тие се исклучени од процесот на носење одлуки и промени со кои се ставаат пред свршен чин. Затоа, сите мерки што значат воспоставување зелени политики – зазеленување на градот, намалување на густината на населеност и слично, мора да бидат искомуницирани со граѓаните и тие мора да имаат можност да учествуваат во носењето на одлуките, но и да добијат соодветни алтернативи. Во развиените земји, на пример, се воспоставувале политики за урбана мобилност со кои се обесхрабрувало поседување сопствено возило, но не пред да се оптимизираат јавниот транспорт, вело и пешачката инфраструктура. Доколку на популарен начин се објаснат придобивките за животната средина, за локалната клима и за здравјето на луѓето од примената на овие мерки, односно користењето на јавниот превоз, споделувањето автомобил, возењето велосипед или одењето пеш, доколку на луѓето им се обезбеди безбедна инфраструктура за алтернативен транспорт, ефективен и евтин јавен транспорт, тогаш мислам дека полесно ќе биде прифаќањето на овие мерки. Значи транзицијата е процес кој мора внимателно да се управува, меѓутоа најголемите придобивки ќе ги имаме за градот само тогаш кога граѓаните непосредно ќе учествуваат, ќе ја добијат вистинската информација, ќе бидат вклучени во носењето на одлуките, но и ќе ги имаат добиено алтернативните опции. Впрочем директната демократија е иднината за развој на градот и е исклучително важна алатка за Скопје да стане зелен и хуман град.
КРАТКА БИОГРАФИЈА
Ана Петровска е архитект, просторен планер и екологист со професионално искуство од над 30 години. Работела на законски решенија и голем број проекти за заштита на животната средина и просторното планирање, од кои релевантни за идниот развој на Градот Скопје се Просторниот план на државата, на заштитните зони на изворот Рашче, Генералниот урбанистички план на Скопје и Локалниот еколошки акциски план за Скопје.
На меѓународно ниво, била помошник – раководител на работната група за паметни мрежи и енергија во рамките на Платформата за паметни градови (2011-2012, Европска Комисија) и раководела со глобалниот проект за подобрување на квалитетот на горивото и електрификација на транспортот за Западен Балкан (2008-2018 година, УНЕП)
Како директор на државниот инспекторат за животна средина ги подобри контролите, го зголеми бројот на надзори, го олесни пријавувањето на загадување од страна на граѓаните и ја зајакна соработката со граѓанскиот сектор.