Насловна / Архитектура / ИНТЕРВЈУ: Проф. д-р Зорица Блажевска – добитник на наградата „Андреја Дамјанов“ 2022

ИНТЕРВЈУ: Проф. д-р Зорица Блажевска – добитник на наградата „Андреја Дамјанов“ 2022

Архитект Зорица Блажевска, професор на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје е добитник на наградата за животно дело ,,Андреја Дамјанов“ за 2022 година. Оваа награда ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ, како признание за особени достигнувања и личен придонес во равојот на архитектурата и градителството.

Дипломирала на Архитектонско-градежниот факултет, отсек архитектура во 1973 година во Скопје. Одбранила специјалистички труд во 1980 и магистерски труд во 1982 годинана на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На истиот факултет одбранила докторска дисертација „Повеќедворна куќа во функција на хумано домување на стари лица во рамки на семејствотo“, под менторство на проф. Георги Константиновски во 1991 година.

6

Квалитетот на домувањето и посебно домувањето во третата животна доба се теми, кои постојано го окупираат нејзиниот научен и проектантски интерес. Зема учество на бројни конгреси и научни советувања. Добитник е на повеќе награди и признанија. За објектот Дом за нега „Сју Рајдер“, добитник е на наградата за посебен придонес во архитектурата на град Скопје 1999 – АСК и на Награда за реализација на архитектонско дело со особен социјален и хуман карактер БИМАС 2000 година.

Во 2004 година како ментор на престижниот меѓународен студентски конкурс ЕААЕ-АГ2Р за архитектура за трета животна доба добива прва награда со што дава своевидна платформа за просторните основи на третата животна доба.

24

Била раководител на Летната школа за архитектура 1996 г. во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“, била раководител на Институтот за архитектонско проектирање 1995 -1997 и 2009 – 2013, член на Советот на главниот архитект на Град Скопје1999 – 2000, продекан за наставно-научна дејност 1999 – 2001 и 2003 – 2005, раководител на постдипломските студии на Архитектонскиот факултет 2001 – 2003, член на Судот на честа на ААМ 2001 – 2005, член е на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, 2009 – 2013.

Учесник е на многу архитектонски конкурси и добитник на повеќе награди на истите.

Со чинот на добивање на наградата „Андреја Дамјанов“, архитект Зорица Блажевска станува член на Академијата на архитекти на Македонија, која функционира во рамките на ААМ.

Редакцијата на ,,Порта 3“ Ви ја честита наградата. Доделувањето на наградата ,,Андреја Дамјанов“ е круна на Вашиот целокупен професионален ангажман. Што Ви значи добивањето на оваа престижна награда?

Наградите отсекогаш имале значење за мене, затоа што сите претставувале поттик за нови успеси и предизвици во конкретни области. Престижната награда „Андреја Дамјанов“ што денес ја добивам за животно дело, претставува потврда и големо признание од архитектонската фела, за целата моја вложеност и посветеност како во професионалната пракса, исто така и во мојата академска работа. Оваа награда предизвикува кај мене длабоки лични чувства: чувство на гордост и исполнетост, чувство на самопочит и лична реализација. Всушност, наградата ја разбирам и примам за целокупниот мој придонес во педагошката, научноистражувачката и стручно-уметничката дејност.

Вашата професионална кариера е многу богата и разновидна. Сте биле успешни во повеќе области на архитектонското делување: образовен процес, научноистражувачка дејност и проектирање. Вашите почетоци на професионален план се во ателјето ,,Андерграунд“ на проф. Георги Константиновски. Може ли да ни кажете нешто повеќе за работата на ателјето и за искуствата.

Првата средба и контактите со проф. Константиновски всушност почнуваат од моите студентски денови. Во третата година на студии го слушавме предметот Проектирање на станбени и угостителски објекти кај проф. Јован Ранковиќ, извонреден педагог и реномиран архитект, а во наставата учествуваше и проф. Георги Константиновски. Со веќе реализираната антологиска градба Историскиот архив на град Скопје, монументална скулптурална конструкција и со стекнатата диплома, магистер по архитектура на Јелскиот универзитет во САД, проф. Георги Константиновски беше омилен и популарен меѓу студентите. Како неуморен творец и вљубеник во архитектурата, основаше архитектонско   ателје „Андерграунд“, во коешто имаа слободен пристап сите студенти кои сакаа да учат архитектура низ работа. Во ателјето пристапив и јас, со неколку колеги од мојата генерација. Ателјето „Андерграунд“ за мене претставуваше основно јадро на архитектонско образование, како паралелна континуирана форма на факултетската настава. Ателјето беше лабораторија во која постепено се запознававме со алатките и со вештините на совладување на процесот на архитектонското проектирање. Тоа беше период на учење архитектура од прва рака, од раката и креативниот ум, на еден голем архитект, кој и самиот трагаше по вистинските вредности и по уметноста на архитектурата. „Андерграунд“ беше голема група на луѓе собрани околу заеднички и слични идеи и ставови за архитектурата и за нејзиното место во општеството. Додека учествував во работата на ателјето, на почетокот како студент, а потоа и како вработена, учев и соработував на низа идејни и конкурсни проекти. Прв основен архитектонски проект во кој учествував, беше проектот за Дом на печатот во Приштина.

11

Сиот професионален работен век го поминувате на Архитектонскиот факултет при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј“, Скопје. На почеток како асистент на проф. Константиновски на катедрата Проектирање на станбени згради, а потоа како професор. Што значеше за Вас работењето и соработката со еден од нашите најзначајни архитекти проф. Константиновски?

Соработката со проф. Константиновски доби во интензитет со отпочнувањето на мојата универзитетска кариера (1974). Соработката се одвиваше еднакво во рамки на трите  дејности: наставно-педагошката, научноистражувачката и проектантската дејност. И сега, повторно учев. Магистерскиот труд „Структурален концепт на домување во современи услови“ (1982) како и докторската дисертација“ Повеќедворната куќа во функција на хумано домување на старите лица во рамки на семејството“ (1991) ги работев со негово менторство. Беше личност со посебна харизма, неуморен истражувач, со посебно чувство за пропорција и воспоставување ред и хармонија во просторната композиција. Нам, неговите соработници ни оставаше слобода рамноправно да учествуваме во креативното промислување на објектите, со различни програмски содржини и во различни контексти.  Добрата архитектура за проф. Константиновски обилува со возбудливи перцептуални доживувања, создадени со променливи нивоа на подовите, со променливи височини на просториите, со контрасти на светло/темно, широко/тесно, цврсто/транспарентно и со други контрасти. Од него учевме како се станува одговорен педагог, како се воспоставува соодветен однос кон колегите студенти, почит кон професорите, другите вработени… Соработката со проф. Константиновски, македонската архитектонска икона, со својот пример на перманентна професионална работа, ја поттикнуваше кај мене одговорноста кон професијата, самодовербата, етичноста и потребата за сопствено докажување во создавањето архитектура.

Со проф. Константиновски и со други колеги сте учествувале на повеќе конкурси за кои сте добиле и награди. Некои од нив се изведени, некои останаа на хартија. Кој од овие конкурси би го издвоиле и зошто?

Јавните анонимни конкурси беа вистински предизвик за творештво, натпревар и споредување со колегите како од Р Македонија, така и од другите простори на тогашната СФРЈ. Еден од најзначајните конкурсни проекти како за мене, така и за целиот тим, раководени од проф. Георги Константиновски, беше проектот за Дом на културата (1976) во Никшиќ. Проектот беше експресивна просторна композиција ставена во модуларна триаголна мрежа, читлива и во надворешната појавност, проект награден со прв откуп.

01

12

Собранието на град Скопје (1977/78) Конкурсен труд – прва награда

Автори: Г. Константиновски, А. Прилепчански, З. Блажевска, Т. Стојков;

Соработник: М. Бакалчев

Искуството од проектирање во триаголна конструктивна мрежа го применивме и во конкурсниот проект за Собранието на град Скопје (1977/78). Конкурсот, програмски беше обемен и составен од повеќе групи на свечени простории и служби на управата. За прв пат добивме прва награда како тим од четворица автори и десет студенти, за што бевме многу горди и среќни. Објектот на Собранието ја обликуваше западната силуета на главниот плоштад со оригинална и динамична просторна структура, соодветно на условите на поширокото опкружување. Добиената прва награда значеше и право на реализација. По две години напорна работа на главниот проект и на проектот за ентериер, со стапување на сила на Законот за забрана на градење на нестопански објекти, проектот заврши во фиока.

2

Православна соборна црква „Св. Богородица“ (1993), Струмица;

Конкурсен труд – прва награда

Автори: Г. Константиновски, З. Блажевска, Т. Стојков

Меѓу првонаградените значајни проекти е и конкурсниот проект за Православната соборна црква „Св. Богородица“ (1993) во Струмица. Новиот храм ги почитува каноните на православната црква и во основа претставува впишан крст, на кој му се додадени уште две свети места, крстилница и параклис. Тежиштето на црквата е во основите на крстот над којшто се издига главната купола. Просторната композиција на храмот е едноставна и ја манифестира духовната семантика и просторно-еманативните сили на волумените на објектот. И овој објект не е изграден. Бројни се разочарувањата во оваа смисла. Конкурсните проекти, други идејни проекти, па дури и основни, како што е и проектот за  Здравствениот дом во Охрид, покрај проектот за Собранието на град Скопје, остануваат само хартиена архитектура. Меѓутоа, и хартиената архитектура не е без значење. Архитектонските цртежи ни овозможуваат и по многу  години да се загледаме во нив и да се обидеме да го разбереме тоа, што не настанало а имало такви можности. Духовните вредности на хартиената архитектура треба да ги разбереме како меморија на нашата смисла и постоење.

Во областа на домувањето сте направиле повеќе студии, проекти и реализирани објекти. Денес сме сведоци на експанзија на градење објекти за домување. Како ја оценувате  денешната архитектура за домување, дали градиме квалитетни домови?

Домувањето како социокултурен феномен претставува основен архитектонски проблем и едновремено најобемна градска програма. Станбената архитектура како најзастапена  доминантно влијае на карактерот на животната средина и на промените на градската форма. Во нашата физичка реалност во име на урбана обнова доминираат интерполации   на повеќесемејни станбени згради во егзистирачки урбани острови/фрагменти, со препознатлива слика и идентитет. Притоа, без да се води сметка за целовитоста на просторната композиција ваквите интервенции доведуваат до бришење на урбаните фрагменти од новата мапа на градот. Урбаната обнова на станбените енвиронменти треба да продолжи, но втемелена врз истражувања на нови морфолошки, типолошки и програмски можности. Едновремено, присутна е и изградба на повеќесемејни станбени згради како пунктуални интервенции и интерполации и на локации, кои тешко здравиот  урбанизам и разум, би ги прифатил, загрозувајќи го квалитетот на домување на жителите  од зградите во непосредното опкружување. Архитектонскиот јазик на станбената архитектура е јазикот на објектот, без да се води сметка за градбите во непосредното опкружување и особеностите на местото.

Со доминацијата на приватниот капитал во станбената изградба и отсуство на општествената изградба, изостана и општествената контрола, а со тоа и континуираното непочитување на усвоените нормативи и стандарди, како за зградите исто така и за домовите. Не мора да се биде експерт за да се забележи падот на квалитетот на современата станбена архитектура.

5

„Студија за социјално домување“ (2000); Конкурсен труд – специјална награда

Автори: З. Блажевска, С. Тасиќ

Новите станбени згради се одликуваат со пренагласено дизајнирање на фасадите, а најголемиот дел од нив, во основа се сиромашни во иновативност како во функционалната организација на домовите, исто така и во начинот на компонирање на програмско-просторната конфигурација на зградите. Повеќесемејните станбени згради и едносемејните куќи, треба да претставуваат високоперсонални просторни одговори на програмските барања и на условите на контекстот. Формата наместо дизајнирана, треба да биде генерирана и поттикната од авторовите импресии од контекстот. И покрај воспоставените пазарни услови во станбената изградба, неприфатливо е станот да се третира исклучиво како лична потрошувачка и проблем само на поединецот, а да отсуствува грижата на државата во решавањето на станбеното прашање на оние граѓани, кои се наоѓаат во услови на потреба од неопходна помош во обезбедувањето на сопствен дом.

02

„Студија за социјално домување“ (2000); Конкурсен труд – специјална награда

Автори: З. Блажевска, С. Тасиќ

Станува збор за социјалната станбена изградба, којашто треба да биде втемелена на  јасни стратегии и на редефинирана станбена типологија. Конкурсниот проект „Студија за социјално домување“ (2000) нуди одредени насоки во тој поглед. Во Студијата се понудени пет просторни приказни, со основна цел редефинирање на есенцијалните елементи на структурата на домовите и реформулирање на типологијата на станбените згради во колективната/мас-продукција. Преку рационализацијата на градбите, развојот на типологијата на домот со внесување на карактеристики на семејната куќа, како и вкупното унапредување на естетиката и етиката на станбената архитектура, се настојуваше станот со достоинство на дом, да не биде привилегија само на едни а неостварен сон на други, туку  демократско право на секој човек.

Верувам дека архитектите кои држат до својот став кон архитектурата, нема да станат сервис на оние коишто раководат со градот и на оние коишто управуваат со капиталот.  Иднината на добрата станбена архитектура ја гледам таму каде суштината на животот секогаш ќе биде над скапата игра на елементите на фасадата.

Дали нашето општество доволно внимава на домувањето за лица во трета животна доба и каква е моменталната состојба со овие објекти во државата, наспроти големата експанзија на објекти за домување?

Општествената грижа за остарените лица е дел од општата политика за социјалната сигурност на граѓаните и претставува израз на хуманизмот на општеството и на етичкиот став на сите општествени субјекти и поединци. На прашањата од областа на домувањето во трета доба им припаѓа значајно место. Како институции изградени од државата на територијата на Р Македонија до 2004 г., егзистираа 4 домови за живеење на стари лица и  37 домови за живеење на пензионери, изградени од 1966 до 1973 година, како дел од општата југословенска политика. По повеќе од три децении од изградбата, овие објекти според просторните услови, содржината и услугите што ги пружаа не соодветствуваа на променливите потреби на растечкиот број на лица во трета доба. Од тој период државната изградба на какви било институции од областа на домувањето, сосема згасна.

Со донесувањето на Правилник за нормативите и стандардите за основање на установи за  социјална заштита за стари лица (2005, 2015) во чие изготвување учествував, изградбата на сместувачки капацитети за повозрасните граѓани стана растечки сектор за приватните градители и инвеститори. Проектирањето на ваквите објекти претставува комплексна и одговорна задача. Комплексноста произлегува од спецификите на проблемите и потребите, коишто стануваат сè повеќе меѓузависни со годините. Кај одреден број на нови приватни установи, особено оние сместени во адаптирани објекти,  научните сознанија релевантни за квалитетно домување во третата доба, не најдоа  соодветна примена, ниту во архитектонската концепција, ниту во програмската содржина ниту пак, во степенот на грижата што ја даваат. Една од целите на социјалната политика во однос на потребите во домувањето, би требало да биде обезбедување на алтернативни форми и низа на можности, како би се одговорило на индивидуализираните потреби и состојби на лицата во третата доба. Оттаму, темата на домувањето и негата на лицата во третата доба е одговорна архитектонска, но и општествено-политичка задача.

Добитници сте на првата награда на престижниот меѓународен студентски конкурс ЕААЕ-АГ2 за архитектура на трета животна доба. Овој проект дава своевидна платформа за просторните основи на домувањето во оваа доба. Може ли да ни кажете нешто повеќе за овој конкурсен проект?

Идејата за просторно-програмскиот концепт на овој студентски конкурсен проект произлезе од истражувањето на актуелните услови во областа на домувањето на лицата во третата доба. Поттикнати од лошата состојба и од несоодветното функционирање на постоечките домови за пензионери, како и од аналитичкиот и критички однос кон вкупните состојби во оваа област, одлучивме дека идејата за реквалификација на егзистирачките домови за пензионери, ќе биде од општествен интерес за нашата земја. Домот за пензионери „Јане Сандански“ во населба Стар Аеродром беше избран за предмет на истражување на конкурсниот проект. Постоечкиот објект беше редизајниран, репрограмиран и придружен со доградба на платформа изградена со станови за релативно здрави стари лица и станови за ранлива категорија на лица, кои се во потрага по социјално решавање на станбеното прашање. Новиот проект промовираше Центар за интегрирано домување и нега на лица со различни возрасти, со различни економски и социокултурни заднини и на тој начин се приклучи во постојаната потрага по оптимизирање на концептот „подобар живот за лицата во третата доба“. Овој проект се однесува на конкретната реалност во земјата и постави платформа за иднината на општествениот развој на домувањето во трета доба.

7

Редизајн и доградба на домот за пензионери „Јане Сандански“, Скопје

Меѓународен европски студентски конкурс EAAE-AG2R (Париз), прва награда, 2004

Претседател на жири: проф. Марио Бота

Првата награда на меѓународниот студентски конкурс „Архитектура на трета доба“ е добиена во конкуренција меѓу 75 проекти од 40 европски универзитети од 18 земји. Оваа награда на четирите студенти (Ана Ѓуреска, Димитар Крстески, Калина Доневска и Љупчо Сачкаровски) и мое менторство, ја доживувам како најголема награда за мојата педагошка и научноистражувачка работа.

Објектот ,,Сју Рајдер“ е исклучителен објект за кој сте добиле повеќе награди и признанија. Како се случи овој објект?

Домот за нега „Сју Рајдер“ (1996 – 1998) од мојот скромен опус на авторски реализирани дела, е објектот којшто највеќе ми значи, затоа што претставува рефлексија на вкупните мои сознанија и искуства стекнати преку научноистражувачката работа. Домот за нега „Сју Рајдер“ е наменет за згрижување на лица со малигни заболувања, и претставува прв објект од ваков вид изграден во Р Македонија. Домот „Сју Рајдер“ е претходник на домовите за нега на лицата во трета доба.

3

4

Дом за нега „Сју Рајдер“, Ѓорче Петров, Скопје

Автори: З. Блажевска, Г. Константиновски

Објектот е проектиран врз основа на современите функционални и технолошки програми и доминација на хуманата компонента. Основната идеја во концептуализацијата на објектот, претставена е преку експресија на тензијата помеѓу објектот како институција и индивидуалноста на станбените единици, помеѓу јавната и приватната сфера. Оваа цел на просторен план е операционализирана со аксијалната диспозиција на главниот коридор, којшто ги раздвојува групата на станбени единици за корисниците и групата на простори од јавен карактер, достапни за пациенти и публика. Коридорот симболизира улица и ја носи целата тензија на објектот. Со благата закривеност на покривната конструкција и застаклениот фриз, што го следи по целата должина, коридорот нуди симболичка конотација и чувство на возвишеност.

16

13

Дом за нега „Сју Рајдер“, Ѓорче Петров, Скопје

Автори: З. Блажевска, Г. Константиновски

Диференцирањето на станбените единици во шест просторно-социјални групи, пристапни од еднострано изградениот коридор/станбена улица, и ритмичкото повторување на изградените и отворените простори во стационарниот дел, од една страна овозможуваат  ред, архитектонска дисциплина и потребна густина на изграденост, а од друга страна на корисниците им ја обезбедуваат неопходната приватност, со цел зачувување на достоинството, самопочитта и интегритетот на личноста. Иновативност во просторната и функционална организација на Домот е промоцијата на осветлен и проветрен сервисен  коридор ,диференциран од групата на станбените единици. Домот „Сју Рајдер“ претставува уште еден начин на манифестација на суштествување на човекот на земјата.

Во вашата педагошка и професионална работа темата на индивидуалното домување е доминантна. Кој од нереализираните проекти од оваа област, а кој од реализираните објекти би го издвоиле и зошто?

Есенцијата на поимањето на ниската станбена структура е во едносемејната куќа, нејзината смисла и постоење.

Денес, кога градовите и териториите настојуваат да се презентираат со своите посебни карактеристики во лицето на глобализацијата, фактот да се има нов прототип на семејна куќа, со нов урбан идентитет, може да биде клучен елемент во надградувањето на урбаниот и културен пејзаж на градовите. Студијата „Нови типологии – куќи без коридори“   е неизведен проект, вреден за архитектонско внимание, поради квалитетите што ги нуди како на ниво на куќата, така и на ниво на постигнување идентитет на  станбената целина.  Проектите во оваа студија го проблематизираат прашањето на достојно живеалиште, засновани на реинтерпретација на архетипската слика на куќата. Во просторниот концепт на куќите, како фигури во просторот, и концептот на домот како флексибилна категорија, употребена е модуларна координација.

10 15

„Куќи без коридори“ (2015); Конкурсен труд – втора награда

Автори: З. Блажевска, Б. Мехмети

Композицијата на плановите на куќите е јасна и читлива, заснована на принципите: отворен план, јасно зонирање на станбените и нестанбените простории, минимизирање на површините, на помошните простории и комуникациите, концентрација на водени јазли, живеење во простор, а не во соба, флексибилност на просторот, визуелна и акустична поврзаност на нивоата, органска поврзаност на внатрешниот со надворешниот простор.

9

„Куќи без коридори“ (2015); Конкурсен труд – втора награда

Автори: З. Блажевска, Б. Мехмети

Вовлечениот двор е основна тема и препознатлив белег на сите шест куќи, којшто овозможува дискретност во пристапот и посебност во обликувањето. Можноста за варијации во комбинирањето на куќите, променливоста во нивната структура и катност, променливиот дизајн на кровните површини, изборот на материјалите и колористичката шема, ќе придонесат за различен обликовен карактер на куќите и нов идентитет на урбаниот  пејзаж.

Од моите реализирани проекти за едносемејни куќи, посебно внимание ѝ припаѓа на ЕКО  КУЌАТА. Оваа куќа е од типот на самостоечки, изградена во природен пејзаж, на мала парцела, во село Бардовци. Куќата претставува структура која израснува од условите на теренот, од непосредното опкружување и поширокиот пејзаж. Носивата структура на куќата е изработена во современ дрвен бондрук, а целата материјализација како на надворешните така и на внатрешните ѕидови е од еколошки материјали, со што се вбројува во еколошки и енергетски одржливи куќи.

80

Еко куќа, (2007-2008), с. Бардовци, Скопје

Автори: З. Блажевска, А. Савева

Идејата на архитектонскиот концепт на куќата претставува интерпретација на импресиите на авторот од потенцијалите и ограничувањата на местото. Во компонирањето на планот читлива е аксијалната организација на просториите и приватноста како приоритет.  Двостраната отвореност на дневната соба по оската север/југ, овозможува надворешноста да стане внатрешност, збогатувајќи го просторното доживување. Идејата на планот  всушност претставува интерпретација на поимањето на домувањето.

Во просторната композиција на куќата воочлива е геометриската артикулација на волумените и нивната атропоморфност. Човечките мерки и денес се мерило на вистинската архитектура.

ЕКО КУЌАТА претставува мал придонес во градењето на достоинствени домови за човекот, преку употребливоста и надворешната естетика, но пред сè поради посебната енергија што ја поседува.

Што би им порачале на младите архитекти кои треба да создаваат во иднина?

Младите архитекти пред сè не треба да заборават дека за да бидат успешни во архитектонското творештво не е доволно само талент, неопходна е постојана напорна и  посветена работа во професијата. Потребно е повторно и повторно учење, сопствено надградување, критичко прифаќање на новите интернационални знаења, покажување љубопитност, иновативност, истражување. Да бидат одговорни во професијата и чесни луѓе, и да не заборават дека градбите не се апстрактни конструкции, туку конкретни објекти, со чие отелотворување оживуваат просторите во кои треба да се внедри животот.

Архитектурата секако дека не може сама да го промени светот, но сигурно е дека има значајно место во културата и во формите на нашето секојдневно живеење и однесување.

Разговород го водеше: Натка ЌОСЕВА, дипл.инж.арх.

17 18 19 20 21 22 23

Испрати коментар

Scroll To Top