Насловна / Вести / Интервју: Проф. д-р Милорад Јовановски – Награда за градежништво ПОРТА 3 2023

Интервју: Проф. д-р Милорад Јовановски – Награда за градежништво ПОРТА 3 2023

Проф. д-р Милорад Јовановски e редовен професор при Градежниот факултет, на Катедрата за геотехника. Дипломирал на Рударско-геолошки факултет во Штип при УКИМ во 1988 година, магистрирал во 1993 година на Рударско-геолошки факултет во Белград, Србија, а докторирал во 2001 година на Градежен факултет – Скопје при УКИМ. Предава поголем број на  предмети како: „Инженерска геологија“, „Применета хидрогеологија“, „Геотехнички истражувања“, „Подобрување на карпи“, „Механика на карпи“, „Свлечишта и стабилност на косини“, „Проценка на ризици во геотехника“ и  други.

Тој е активен член на поголем број на стручни здруженија како: Друштвото за геотехника на Македонија (каде од 2014 до 2018 бил претседател),  Здружението „Македонски комитет за големи брани“, Друштвото за патишта на Македонија, Македонското друштво за геологија (каде е потпретседател), Инженерската институција на Македонија (каде бил потпретседател од 2016 до 2020 година) и др. Тој е и прв претседател на Одделението за геотехника при Комората на овластени архитекти и овластени инженери во периодот од нејзиното основање до 2016 година.

Автор или коавтор е на околу 210 трудови објавени во зборници на трудови од домашни и меѓународни конгреси или списанија од кои голем дел се на SCI-листата. Автор е на три универзитетски учебници.

За своите залагања, во 2019 година добива Голем златен медал на честа од Австриското здружение на архитекти и инженери за особени заслуги во развојот на инженерската геологија и геотехниката. Тој е почесен член на Српското друштво на градежни инженери и на Друштвото на патишта на Македонија, а добил и признанија за развој на геотехниката од Комората на овластени архитекти и овластени инженери. 

Член е на Меѓународното друштво за механика на почви и геотехничко инженерство како и на Меѓународното друштво за механика на карпи и инженерство во карпите, каде во моментот е заменик-претседател за периодот од 2023 до 2027 година.

фото

Професор Јовановски, во периодот од 7.11.2023 до 14.11.2023 година, во Салцбург, Австрија, се одржа 15-тиот Светски конгрес за механика на карпи и инженерство во карпите каде свое учество имаа и претставници на Друштвото за геотехника на Македонија (ДГМ), односно на Градежниот факултет од Скопје. Кажете ни што го одбележа овој настан?

Овој конгрес е дел редовните активности на Меѓународното здружение за механика на карпите и инженерство во карпите (ang. International Society for Rock Mechanics and Rock Engineering- ISRM). Настанот помина во одлична атмосфера, бидејќи учествуваа над 1 400 претставници од цел свет, а своја редовна седница одржаа Собранието и Управниот одбор на ISRM.

На овој настан, покрај заедничкиот труд со колегите Јован Бр. Папиќ и Игор Пешевски којшто е објавен во Зборникот на трудови заедно со претседателот на ДГМ, проф. Пешевски, учествувавме на седницата на Собранието на ISRM, каде се избра и новиот Управен одбор на ISRM за наредниот период од 2023 до 2027 година.

За македонската геотехничка наука е многу значајно што Друштвото за геотехника на Македонија доби многу високи признанија. Имено, по нашата апликација, на Друштвото му е доверена организацијата на Интернационална конференција со наслов EUROCK2026, која треба да се одржи во Скопје, 2026 година.

Мислам дека најзначајно е што ДГМ доби прва награда, како најдобра национална група во рамките на ISRM за период од 2021 до 2023 година. Од своето основање во 1998 година до денес, Друштвото покажува постојано интензивна активност во меѓународните здруженијата од областа на геотехниката, а тоа се ISRM и ISSMGE (International Society for Soil Mechanics and Geotechnical Engineering), што е во овој случај препознаено на меѓународно ниво со оваа награда. На ова може да се горди сите претходни претседателства и членови на ДГМ, без чие залагање не беше можно да се дојде до ова ниво.

На крај, мене ме избраа за заменик-претседател на ISRM за наредниот мандатен период од 2023 до 2027 година. Сето ова ценам дека е големо достигнување за сите колеги од ДГМ, за Градежниот факултет и за Универзитетот.

Otvaranje

Свечено отварање на Конгрес на ИСРМ во Салцбург, Австрија, октомври 2023

Појаснете ни нешто повеќе за какво здружение се работи и  кои се неговите основни цели?

Меѓународното здружение за механика на карпите и инженерство во карпите е формирано далечната 1962 година во Салцбург. Иницијатор за формирање е славниот проф. Леополд Милер, кој заедно со уште пославниот проф. Карл Терцаги на полето на механиката на почвите и Јозеф Стини на полето на инженерската геологија се сметаат за легенди не само на австриската туку и на светската  геотехничка наука. Леополд Милер е и првиот претседател на ISRM oд основањето до септември 1966 година.

Инаку, ISRM e научно здружение каде членуваат над 60 национални групи, а во моментов има oколу 9 100 активни членови. Главните цели на Друштвото се: да се поттикне меѓународна соработка и размена на идеи и информации помеѓу лицата кои се занимаваат со механика на карпи и инженерство во карпите; да се поттикне наставата, истражувањето и унапредувањето на знаењето на механиката на карпите и да се промовираат високи стандарди на професионална пракса со цел изведбата на градежните, рударските и објектите за експлоатација на нафтените ресурси да би можеле да се изведуваат на  безбеден и  економичен начин, без значајно нарушување на животната средина.

Главните активности што ги спроведува Здружението за да ги постигне своите цели се: одржување на меѓународни конгреси на секои четири години; регионални и интернационални собири секоја година, издавачка дејност поврзана со развојот на механиката на карпи, работа на комисии за проучување на научни и технички прашања од интерес на Здружението, доделување на признанија за најдобри докторски тези секоја година, доделување на највисоката награда (т.н. Милерова награда) како признание за истакнати придонеси во механиката на карпи, соработка со други сродни  здруженија и др. Актуелен претседател е проф. Сеоквон Јеон од Јужна Кореја. Тој на оваа позиција доаѓа по проф. Ресат Улусај од Турција, којшто истовремено е и визитинг професор при Градежниот факултет.

Nov Board

Избран нов Борд на ISRM за период опд 2023 до 2027

Со оглед на вашето долгогодишно искуство, работа во голем број домашни и меѓународни инженерски здруженија и соработка со голем број компании кај нас и во опкружувањето, дали можете да дадете мислење за состојбата во која се наоѓа македонското градежништво во моментов?

Сите во државата се сложуваат дека градежништвото е значајна (ако не и најзначајна) гранка во стопанството. За ова прашање, подетална анализа имам прикажано во изданието број 48 на стручното списание ПРЕСИНГ од 2020 година кое се издава од Комората на овластени архитекти и овластени инженери. Написот е со наслов: „Некои согледувања за состојбата и перспективите во македонското инженерство“. Во него се изнесени видувања за состојбата со легислативата, постојни проекти и проекти во најава врзани за периодот кога е правен написот, како и за некои стратешки прашања генерално за инженерството кај нас. Некои од ставовите се и ден денес многу актуелни. Со цел да не се оптоварува ова интервју, вашите заинтересирани читатели може да ги прочитаат моите мислења во тој напис на сајтот на Комората. 

Ако може да се сублимира нешто за овој повеќеслоен проблем, тоа е дека се  направени и се прават одредени  чекори градежништвото и инженерството да имаат некој  одржлив развој од поголем број засегнати страни. Сепак, за голема дискусија е дали сите ние правиме доволно не само за градежништвото, туку и за енергетиката, рударството и за другата придружна индустрија.

Во стручната јавност во моментот (веројатно и со право), како да има одредена состојба на резигнираност. Причини за тоа има поголем број, но секако се издвојуваат неколку и тоа: создавање на дисконтинуитети зависни од надворешни фактори кои не се врзани со инженерството, непостоење на усвоена стратегија за развој на градежништвото, ниски примања кај најголем дел од инженерскиот кадар, одлив на млади инженери во странство итн.

Посебен проблем е што промената на генерациите на инженери не се одвива на системски и редоследен начин, така што во моментов како да немаме доволно време за пренос на знаењата на искусниот кадар кон генерациите кои доаѓаат. Недостатокот на квалификувана работна рака е исто така горливо прашање. Ако на тоа се надоврзе доста комплицираната легислатива за водење на капиталните проекти, сето ова создава големи проблеми во реалноста. За посебна дискусија е дали на нашите компании и кадар им создаваме еднакви услови за натпревар на пазарот на трудот.

Затоа, состојбата ја оценувам како многу комплексна и не е извесно како понатаму ќе се развива, така што ценам дека сме во некаков момент на пресвртница.

Награда-Најдобро-Здружение-МАГ-ИСРМ_001

ДГМ доби прва награда, како најдобра национална група во рамките на ISRM за период од 2021 до 2023 година

Според Ваше видување, кои би биле перспективите во градежништвото и кои чекори може да се преземат за стабилизирање на состојбата на подолг период?

Перспективи секако дека има. Покрај изведба на започнатите проекти, планирањето за градба на новите проекти на сите нивоа, дојдено е време за посветување на многу големо внимание на одржување, рехабилитација и реконструкција на сите објекти кои се претходно градени како сообраќајна, хидротехничка и инфраструктура од високоградбата. Како конкретна значајна активност од мојата област, би го спомнал  полето на заштита на косините кај изградените патишта од сè поизвесните влијанија на климатските фактори. Полето на енергетската ефикасност, примената на новите технологии, безбедноста во сообраќајот, потребата од зачувување на животната средина се исто така неодминливи теми. Сите овие аспекти нудат големи можности, но и многу предизвици кои може да се разрешуваат само низ постојана и активна соработка на сите нивоа.

За тоа како да дојдеме до навремено планирање и до ефективна реализација на генералните стратешки прашања, секако дека нема лесен и еднозначен одговор. Како прво, мора да се тргне од основата и да се почне со најтешките чекори. Тука се мисли на создавање на услови за подобрување на целиот систем за школување, започнувајќи од основно образование, па сè до високошколското образование. Ова е макотрпен процес кој може да даде ефекти само со систематска работа во наредниот период од дваесетина години. Ова заслужува посебна елаборација при некоја друга можност во вашето списание.

с3

доделување на Награда за најдобра Национална група на ИСРМ примена од Претседателот на ДГМ вонр. проф. д-р Игор Пешевски

Што би можеле да им порачате на студентите и на младите инженери?

Пред да одговорам на ова прашање, сакам да ја оддадам мојата огромна почит кон сите  македонски компании и инженери кои и покрај фактот што обично работат со кратки рокови, ниски примања, често пати со недоволно општествено уважување на нивниот труд и одредени напади, сепак се секогаш тука да ги извлечат работите на свој грб. Оддавајќи едно вакво признание и негување на она што го имаме, може да биде основа за подобар развој, бидејќи е познато дека оној кој не ја почитува традицијата, не може јасно да ги согледа сегашните состојби, а уште помалку може да има визија за иднината.

Факт е дека интересот за студирање на техничките факултети не е на задоволително ниво, но благородноста на оваа макотрпна професија треба да е предизвик за помладите инженери, сегашните студенти и идните колеги кои би се определиле за својот животен пат во градежништвото.

Поради сегашната состојба, комплексноста на самата работа и други моментални прилики, не е добро да се влева лажна надеж кон никого, но ако се пронајде начин за интегриран приод на решавање на горливите прашања и ако покажеме смелост и добра волја на сите нивоа, може да се создадат услови за подобра перспектива за помладите.

На крај ќе парафразирам една изрека од еден од најголемите научници на полето на механиката на карпите и тунелоградбата д-р Ник Бартон од Норвешка (кој исто така е визитинг професор на Градежниот факултет), всушност тоа е насловот на едно негово предавање одржано пред млади инженери во Санкт Петербург во 2018 година: „Кариерата во механиката на карпите и инженерството на карпите (читај градежништвото) е избор за којшто никогаш нема да зажалите“.

Ова нека биде и моја порака кон помладите.

Испрати коментар

Scroll To Top