Насловна / Вести / Интервју: Декан проф. д-р Горан Марковски – 75 години Градежен факултет Скопје

Интервју: Декан проф. д-р Горан Марковски – 75 години Градежен факултет Скопје

Редакцијата на Порта 3 Ви ја честита 75-годишнината на Градежен факултет –  Скопје. По овој повод на Свечената академија имавте оригинално и сеопфатно обраќање пред полната сала на Македонската филхармонија. Што од него би издвоиле во неколку реда?

Благодарам на убавите зборови. Драго ми е ако моето обраќање прозвучело онака како што го опишувате. Тој впечаток, убеден сум, најмногу се должи на пренесената внатрешна синергија помеѓу благодарноста, почитта и љубовта кон институцијата која е темел на нашиот градителски идентитет и грижата за нејзината иднина. Институцијата која е најзаслужна за изградбата и за растежот на Македонија. Земја на чија територија до средината на минатиот век имало само една брана, ниту километар асфалтирана сообраќајница, ниту една армиранобетонска зграда… Накусо, создавајќи инженерски кадар и со тоа услови за формирање на македонските колосални градежни компании, Градежниот факултет овозможил живот на овие простори.

Полната сала на Македонската филхармонија е показател дека такви чувства кон една од групата најстари високообразовни институции во државата, имаат и многу нејзини поранешни и сегашни студенти, соработници од стопанството, членови на академската заедница и многу други.

Инаку, говорот, како впрочем и целата свеченост, на централно место ја постави младоста. Иднината на струката и на државата. На потребата од прилагодување на нас повозрасните кон потребите и начинот на размислување на младите. Но, нема придвижување напред ако не се осознае и разбере минатото. Синусоидата по која се движеле Факултетот, струката, општеството. Сметав дека тој 75 години долг пат најдобро и најсликовито може да се претстави преку развојот на дигитализацијата, она што е денес најприсутно и најатрактивно помеѓу младата популација. Оттаму и слоганот на прославата „75 ГОДИНИ ГРАДЕЖЕН ФАКУЛТЕТ – ОД ЛОГАРИТМАР ДО ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА“.

Декан проф. д-р Горан Марковски

Во рамки на серијата настани, ден по свеченоста, на 4 октомври на истата локација, беше организирана научна конференција насловена токму  како споменатиот слоган. Кажете ни за нејзината содржина.

Би сакал да истакнам дека за првпат во рамките на одбележување на јубилејна година, Градежниот факултет организираше и научна конференција. Со задоволство можам да ја пренесам својата, но и констатацијата на учесниците дека „експериментот“ успеа. Главната цел беше да го истакнеме значењето на научноистражувачката работа за развој на Факултетот, високото образование, градежништвото и на општеството во целина.  Да покажеме каде сме ние, но и да видиме каде се другите. Универзитетите, институциите и поединците од странство со кои имаме воспоставено долгорочни контакти и соработка. Собирањето на едно место да ни отвори можности. За нови вмрежувања, размена на искуства и за споделување идеи за понатамошно делување. Ни беше чест и привилегија што имавме околу 20 повикани реномирани гости од многу држави кои ги презентираа своите актуелни истражувања. Верувам дека ваквата тематски разновидна конференција беше и своевидно освежување за сите оние кои ја следеа. А ги имаше навистина многу. Од студенти до наши ценети професори во пензија.

Развојот на Факултетот од неговото основање (1949)  до денес (2024) се случува во многу динамичен и интензивен период на технолошки развој. Оттука веројатно и оригиналниот наслов под кој ја организиравте научната конференција. Ќе успеете ли и понатаму како факултет да останете технолошки пионер, како што сте биле низ историјата.

Секако. Тоа ни е аманет оставен во наследство од претходните генерации и затоа мораме, не само да го одржуваме, туку постојано и да го надградуваме технолошкиот развој. Во спротивно ќе заостануваме сè до исчезнување. И покрај тоа што градежништвото, поради одговорноста која со себе ја носи, е мошне претпазлива, конзервативна и по малку инертна струка, тоа ниту може, ниту пак сака да функционира надвор од современите технолошки достигнувања. Оттаму и нашите континуирани активности за набавка на современи дигитални алатки, софтвери и сл. кои ги реализираме од различни извори на средства.

Првите генерации на Градежен факултет Скопје, 1950-тите години

Живееме со сè повеќе присутната ВИ и убедени сме дека таа нема во целост да ги замени луѓето, особено не оние по трасите, длабоко во тунелите, по мостовите. Но луѓето ќе мора да научат да ги користат нејзините предности и со огромните бази на податоци да иновираат и да ги прошират сопствените креативни хоризонти. Колку се работи конкретно на оваа проблематика на Градежниот факултет?

Полека почнуваме да навлегуваме и во оваа област. Појавата и развојот на ова најново дигитално „чудо“ се случија мошне брзо. Пребрзо за бавните процеси на акредитација и прилагодување на студиските програми. Мислам дека никој не очекуваше ваква дигитална експлозија на нешто чии крајни дострели, ако такви воопшто има, се нецелосно познати. Чинам, дури и за неговите изумители.

На Градежниот факултет веќе имаме одредени истражувања и докторски дисертации во областа на машинското учење, особено во делот на мониторинг на конструкциите. Неспорно е дека оваа дигитална алатка сѐ повеќе ќе навлегува и во нашиот едукативен и истражувачки простор. Претпоставувам дека најбрзо своја употреба ќе најде во областа на проектирањето, но не исклучувам нејзино присуство и во изведбата. Секако (барем засега) нема да може на сите позиции да го замени човекот, но брзата анализа на огромен број податоци ја прави податлива за изнаоѓање најсоодветни решенија, како и за носење правилни одлуки во одредени случаи.

Декан проф. д-р Горан Марковски

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е горд фундамент на речиси сè што вреди како образовна и научна институција во државата. Градежниот факултет – Скопје е меѓу првородените деца во оваа фамилија, а ректорката проф. д-р Биљана Ангелова не го криеше задоволството од овој голем јубилеј. Како се одвива оваа соработка, декларативна или суштинска е комуникацијата на релација Факултет – Универзитет?

Големо е името на нашиот универзитет, а неговото место во многу општествени сфери уште поголемо и позначајно. Тој бил, е и секогаш треба да остане лидер во високото образование и во научноистражувачката работа во државата. Но во денешни услови тоа не е доволно. Репер за утврдување на неговите квалитативни координати треба да му бидат развиените универзитети од регионот и од Европа. Точно е дека средствата кои кај нас се вложуваат во науката се мали, но тоа не треба потполно да не амнестира од себевложување во напредок на научната мисла. Можеби, кога зборуваме за природните и за техничките науки, немаме предуслови за изнедрување нобеловци, но за добро осмислени, поскромни истражувања кои во себе ќе содржат квалитетна идеја, секогаш може да се најде решение. Сѐ поголемата интердисциплинарност во областа на науката, но и нашите ограничени финансиски, материјални и човечки ресурси изискуваат меѓусебно вмрежување на единиците на Универзитетот, нивните лаборатории, опрема и сл., поосмислена соработка со стопанството, што може значително да влијае на зголемување на нашите потенцијали.

Со доаѓањето на ректорката проф. д-р Биљана Ангелова  нa чело на Универзитетот, се почувствува една нова енергија, пропратена со вистинска желба за поместување на работите кон подобро. Она што посебно сакам да го истакнам е нејзиниот висок капацитет на академска демократија, постојаната достапност и целосната подготвеност за размена и прифаќање на идеи и искуства. Токму онака како и што прилега на ректорот на најстариот универзитет во државата.

Деканатот, односно Градежниот факултет секогаш наидува на целосна поддршка од страна на ректорката при реализација на прогресивни проекти кои Факултетот и секако Универзитетот го водат напред. Се разбира, една мандатна година за толку голем Универзитет е премногу кус период за сето тоа да биде пошироко видливо, но уверен сум дека плодовите од двонасочната одлична соработка набрзо ќе бидат препознаени.

Ректорка проф. д-р Биљана Ангелова

Во Вашето обраќање, но и во неколку наврати вашите гости говорници, им се обратија токму на студентите, кои пак не случајно беа сместени токму во првите, ударни редови, пред сите останати. Свесни за проблемите со кои ние како општество се соочуваме, постои ли модел како ќе се избориме да ги задржиме децата дома?

Oчигледно дека модел не постои. Да постоеше немаше младите масовно да си заминуваат и со тоа земјава полека да се претвора во држава на стари, изнемоштени и осамени лица. Според мене, ова е најсуштествениот проблем со кој се соочуваме. Да не заборавиме дека без работоспособни млади луѓе нема ниту развој, а на подолг период ниту опстанок на државата. Затоа треба веднаш да се бара решение. А тоа, за волја на вистината, не е ниту лесна задача ниту задача чиј резултат е брзо видлив.

Според мене, за почеток, треба да се делува на два фронта. Прво, ние повозрасните мораме што побрзо да ја разбереме младата т.н. „генерација Z“, нејзиниот начин на размислување, стил на живеење, нејзините приоритети, барања, очекувања… Патетично мудрување и тагување по минатото се потполно бесполезни и контапродуктивни „мерки“. Наместо тоа, треба што побрзо содржината и особено начинот на држење настава, а подоцна и третманот од страна на фирмите при нивното вработување и работа да се видоизменат и приспособат на новото (на нивното, не на нашето) време. Време во кое дигитализацијата е нераздвоен дел од младата популација. Време во кое вештачката интелигенција е веќе меѓу нас. Кога сѐ ита со брзина над дозволената, а трпението се претвора во нано категорија. Колку побрзо прифатиме дека нѐ очекуваат сериозни промени во сите сегменти на живеењето, толку подобро. Занимавајќи се упорно со здодевни дневнополитички теми, ќе ја заметнеме суштината – иднината на државата.

Истовремено треба да се делува и на промени во законската регулатива. За нас, како мала и сиромашна држава, потполно е неодржливо со таква неподнослива леснотија да се откажуваме од скапиот, готов производ во вид на млад, високообразован кадар и воедно да им го отстапуваме на побогатите и поразвиени од нас. Мора да се има на ум  дека во секоја личност, во зависност од стекнатиот степен на образование, државата вложила сериозни средства и со тоа, да се изразам метафорично, поседува одреден број акции од квантумот на нејзиното знаење. Доколку остане да работи и со тоа да создава нови вредности овде, државните акции постапно би се откупувале преку плаќање на редовните даноци, односно придонеси. Во спротивно, тие би се откупиле со соодветна  еднократна или постапна уплата во државниот буџет. Слична аномалија има и кај Законот за загарантираните платени едногодишни и неплатени двегодишни отсуства на академскиот кадар, поволности кои не се пропратени со никаква обврска за оној кој ги користи.  Претстојувате во странство три години, за тоа време работното место ви стои  загарантирано при што во првата година добивате и личен доход, а на крај можете без никаква обврска да не се вратите назад. Дали во сето ова, во денешни услови има некаква логика?!

Потполно сум свесен за потенцијалната компликуваност и за можната политичка непопуларност на вакви и слични мерки, но тоа ќе биде многу помалку болно од неконтролираниот егзодус на младите учени луѓе кој ни се случува пред очи.

Поздравно обраќање со симпатични примеси на македонски јазик имаше и академик проф. д-р Питер Марк од Универзитетот РУР во Бохум, Германија. Кажете ни повеќе за оваа соработка, која се одвива подолг временски период и очигледно на повеќе нивоа.

Горди сме на повеќедецениската соработка и вмрежувањето со овој германски универзитет. Многу наши помлади колеги, сега веќе професори, таму имаат магистрирано, две колешки докторирано и тоа со највисоко признание, а еден колега асистент и колешка соработник моментално работат на своите докторски тези. Инаку сè започна со проектот SEEFORM, под закрила на DAAD-програмата финансирана од германската влада, наменет за подигнување на квалитетот на академскиот кадар во земјите од Југоисточна Европа. Носител од германска страна беше Факултетот за градежништво и животна средина од Универзитетот РУР, а од македонска Градежниот факултет – Скопје. Со особена почит и бескрајна благодарност можам да кажам дека професорите Гинтер Шмид (сега почесен професор на УКИМ) кој ги постави темелите на оваа соработка и неговиот наследник, професорот Рудигер Хофер оставија неизбришливи траги во македонското високо образование во областа на градежништвото.

Професорот академик Питер Марк кој во име на сите повикани гости од странство се обрати на Свечената академија, е раководител на тамошниот Институт за бетонски конструкции, дел од SEEFORM и воедно голем пријател на Градежниот факултет и на Македонија. Неговата поддршка на нашата Катедра за бетонски и дрвени конструкции е немерлива. Покрај стипендирањето на тројца млади докторанди од фондовите на неговиот институт, менторското водење низ научноистражувачките лавиринти и искрената човечка посветеност и поткрепа при нивниот престој во Германија, професорот Марк има инвестирано и во набавка на лабораториска опрема и машини за нашиот факултет, во набавка на софтвер, во учество на нашите соработници на бројни конференции, симпозиуми, работилници итн. Едноставно кажано – се работи за исклучителен професор, плоден истражувач, признат експерт и најмногу од сè – голем човек.

Академик проф. д-р Питер Марк

Видливо беше присуството на речиси целиот градежен сектор со претставници на компаниите пријатели на Факултетот. Помеѓу другите, обраќање пред присутните имаа и г-дин Дејан Метикош во својство на потпретседател на КОАОИ и г-дин Андреа Серафимовски, кој во моментот е претседател на Здружението на градежништво, индустрија на градежните материјали и неметали ССК. Каде е суштината на спојот помеѓу компаниите, коморските здруженија и Факултетот. Ќе изнајдете ли заеднички модел за меѓусебен координиран настап пред заедничките предизвици?

Спојот е природен и неизбежен. Едноставно, едни без други не можеме. Ниту компаниите без кадрите кои се образуваат на Факултетот, ниту постоењето на Факултетот има смисла без потреба од нови инженери. Коморското здружување  дополнително го зголемува нашето влијание во општеството при разрешување на горливите проблеми на кои наидува оваа исклучително значајна дејност. На ова треба да се придодадат меѓусебната соработка во научноистражувачката и стручна работа,  поддршката која ја добиваме од градежниот сектор при организација на разни настани и др.

Ваквата плодна 75-годишна соработка оваа година ја крунисавме со формирање на  „Клуб на пријатели на Градежниот факултет“ преку кој ќе се интензивира нашата соработка и ќе се подигне нејзиниот квалитет. Веќе започнавме со координиран настап во насока на зголемување на видливоста на струката и на Факултетот помеѓу младите, на изнаоѓање одржлив модел за стипендирање и вработување на студентите од вториот циклус и др. Нема да изостане ни заеднички настап за разрешување на евидентираните проблеми, за заштита на домашните компании, воведување современи стандарди за подигнување на квалитетот и конкурентноста, за воведување мерки за заштита на животната средина и друго.

Сите присутни поранешни декани на Градежниот факултет, примија признанија на отворена сцена и со ова го завршивте официјалниот дел од свеченоста и беше чин кој наиде на воодушевување кај присутните. Дали сметате дека улогата декан на научно-образовна институција е препозната, почитувана и го добива вниманието на заедницата и на државата?

Зависи од деканот и од неговиот вистински мотив поради кој се нафатил да ја извршува  оваа сериозна и одговорна функција. Во мојот конкретен случај тоа пред сѐ беше искрената желба да му се оддолжам на Факултетот. Онолку колку што знам и умеам и онолку колку што можам. Целиот свој досегашен полнолетен дел од животот го имам поминато во оваа истакната институција. Оттаму, нејзиниот придонес во моето образование, во созревањето како универзитетски професор, стручњак и воопшто како личност, како и во афирмацијата помеѓу стручната и друга јавност се неспорни и бесценети.

Поранешни декани на Градежниот факултет, примија признанија на отворена сцена

Воден од оваа премиса, во досегашните две години од мојот мандат несебично давам сѐ од себе за да оставам некоја лична трага во развојот на Градежниот факултет, да придонесам за негова подобра позиција во општеството, да го направам попривлечен за младите, поуспешен во наставната и научноистражувачка дејност, попријатен за престојување… Дали тоа ќе биде препознаено од потесното опкружување и од пошироката заедница не знам. Но знам дека сето тоа го правам искрено, вложувајќи ги сите мои потенцијали во заедничкиот интерес. И тоа ме прави среќен и задоволен.

Гостинката од Р. Турција, Академик Ѓулсун Сагламер која воедно е и првата жена ректор на Техничкиот универзитет во Истанбул, ни покажа дека годините и искуството се почитуваат насекаде околу нас. Дали сметате дека техничките професии не можат без искуството, со оглед дека областите како градежништвото понекогаш бараат цели децении, за да докажете или да постигнете некакво ниво.

Сакам и во оваа прилика да ѝ се заблагодарам на професорката академик Ѓулсун Сагламер за нејзиното присуство и обраќање со што ја збогати нашата јубилејна свеченост. Ни беше чест, задоволство и голема привилегија една таква грандиозна личност да биде меѓу нас.

Академик проф. д-р Ѓулсун Сагламер

Што се однесува до работното, би додал и животно искуство, сметам дека тоа  е една од ретките работи која не може ниту да се купи, ниту да се научи, туку мора лично да се стекне. А за стекнување, неопходно е време исполнето со многу работа, квалитетна работа.

Секако дека покрај знаењето и вештините, искуството игра многу  важна улога во секоја струка, а особено во градежништвото. Само што во оваа одговорна дејност можеби е потребно нешто повеќе време и работа за да се почувствуваат неговите благодати, односно позитивните ефекти врз професионалниот растеж на инженерот. Мислам дека токму ова, особено ако се земат предвид кусото трпение и моќ за концентрација на младата генерација, е една од причините за намалениот интерес за изучување на градежништвото, геодезијата и геотехниката. Но убеден сум дека синусоидата го започна својот пат угоре.

Испрати коментар

Scroll To Top