Во текот на пролетниот семестар во академската 2015/2016 година, студентите на последипломските студии од факултетите за архитектура и дизајн на Универзитетот Американ колеџ – Скопје и на Техничкиот универзитет во Виена, вклучени се во работата на заеднички проект од областа на урбанизмот во трета земја, во овој случај Италија во местото Капраника. Раководители на проектот се асистент Максим Наумовски од ФАД – Сkопје, и Елена Ромањоли од ТУ Виена.
На работилницата присуствуваа и професорите Кристоф Лусингер и Ерих Рајт од Виена и Мишко Ралев од Скопје. Наставниот план и програмa предвидува дел од работата да се изведе и на конкретната локација.
Токму затоа, во првата половина на април оваа година се одржа работилница во Италија. Интернационалниот тим најнапред престојуваше во Рим, каде што ги посети значајните архитектонски градби и урбани единици изградени и реализирани помеѓу двете светски војни, како и неколку послевоени населби и објекти.
Исто така, тимот престојуваше во градот Капраника (Capranica), на 50 километри од Рим. Капраника отсекогаш имал важна позиција во поширокиот регион на мрежата населби. Предмет на истражување беше територијалната организација во која инфраструктурната арматура, топографијата, пејзажот, агрикултурата и типологијата, имаат директен ефект врз формирањето на градот.
Студентите ја опсервираа територијата на Капраника како артикулирана историски дефинирана социјална конструкција, испитувајќи го начинот на кој таа е организирана. Тие беа поделени во групи и на секоја од нив ѝ беше доделена специфична задача, за која требаше да продуцираат цртежи, мапи, дијаграми за прецизно да ја објаснат територијалната логика.
На крајот од работилницата, во просториите на Собранието на општината Капраника, се одржа завршната презентација на работилницата, на која присуствуваше и градоначалникот, градскиот архитект и неколку општински службеници.
Проектот продолжува да се доработува во Виена и во Скопје, а во текот на јуни се планира изложба на сработеното и издавање на заедничка публикација на двата факултети.
Само да напоменеме дека ова е втор интернационален проект на ФАД при УАКС. Првиот се одржа во 2013 година во соработка со Архитектонскиот факултет од Гази Универзитетот од Анкара, Турција. Тогаш се работеше во регионот на Кападокија.
(ФАД при УАКС)