Насловна / Вести / Интернационален филмски фестивал „Астерфест“ во Струмица

Интернационален филмски фестивал „Астерфест“ во Струмица

asterfest

Единаесеттото издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ – Струмица ќе се одржи од 27 до 31 мај, под мотото „Еден филм насекаде, сите на Астерфест“.
И овој пат фестивалската програма на „Астерфест“ изобилува со врвни актуелни филмски остварувања од целиот свет.
Во натпреварувачката програма на кратки играни филмови „Глобална фикција“, што ја селектираше Сунчица Уневска, има неверојатна палета на ексклузивни филмски приказни од Иран до Шпанија, од Египет до Велика Британија. Сите тие приказни зборуваат за судбината на човекот во денешното општество, за судбината честопати предодредена од природните или општествените закони.
Оскаровецот Мет Киркби со британскиот „Телефонски повик“, потоа иранскиот „Повеќе од два часа“ на Али Азгари, кој беше номиниран во Кан и во Санденс и освои над 18 награди; тука е и француско-израелската авторка Тамара Ерде, чиј филм „Дизни Рамала“ ги собра сите награди во Франција, но ја освои и публиката.
Натпреварувачката програма на кратки документарни филмови „Ѕвездени документи“, што ја селектираше Гена Теодосиевска, го поставува главно прашањето дали сме подготвени да ѝ погледнеме на реалноста в лице. Таа е составена од седум ексклузивни креативни документарни стории.
За филмовите во официјалната конкуренција ќе се доделат Златна, Сребрена и Бронзена потковица, Старозлатен проектор, како и наградите „Ѓорги Абаџиев“ за најдобро сценарио, „Ацо Алексов“ за најдобар режисер, и други награди од жирито.
За програмата „Мувиленд“, која оваа година е во фокусот на најновиот краток филм од Турција, Влатко Галевски, во соработка со Универзитетскиот филмски центар „Митхат Алам“ и со Истанбулскиот фестивал на краток филм, одбра неколку интересни краткометражни филмови потпишани од претежно млади турски режисери, а за тој програмски блок ќе се додели една награда за најдобро филмско дело.
На самото отворање на фестивалот лауреатите ќе ги примат престижните награди за високи достигнувања во областа на филмот. Овогодишен добитник на авторското фестивалско признание „Астер“ е Киро Урдин, а Специјалната награда од Тивериополската филмска алијанса му припадна на актерот Боро Стјепановиќ.
Астер портретот и Тивериополските филмски беседи, посветени на лауреатите, традиционално ќе се одржат во дворот на манастирот во Велјуса. Во нивна чест во текот на фестивалот ќе се прикаже „Две времиња“ на Урдин, кој ја освои главната награда „Џиновска панда“ на Шестото издание на Меѓународниот фестивал во Јаан, Кина.
Исто така, професорот Стјепановиќ на „Астерфест“ ќе одржи работилница за посебноста на филмското актерство со акцент на интермедијалната игра, модалитетите, разликите, спецификите и споредбите на филмското актерство во однос на другите медиуми.
Сите филмски проекции ќе се одржуваат во големата сала на НУЦК „Антон Панов“.
Финансиски покровители на „Астерфест“ се Агенцијата за филм на РМ и Општина Струмица.

Испрати коментар

Scroll To Top