Интерарт културен центар го претстави проектот Инкубатор, поддржан од Амбасадата на Швајцарија во Македонија. Станува збор за проект наменет за млади и креативни нереномирани уметници кој ќе се одвива во два циклуси. Од 21 март до 7 март, стартува првиот отворен повик за аплицирање на млади неафирмирани уметници од 18 до 30 години во три невербални категории – современ танц, музика и визуелна уметност (вајарство и сликарство).
Сите пријавени кандидати треба да приложат кратка биографија, а соодветно на посебните категории треба да исполнат технички критериуми достапни на интернет страницата на Инкубатор – www.inkubator.com.mk/apliciraj/ .
Работилниците ќе се одвиваат под менторство на реномирани уметнички имиња на националната, но и меѓународната сцена, уметничкиот директор на Интерарт културен центар, Рисима Рисимкин за танц, Тони Китановски за музика, Симонида Филиповска Китановска за сликарство и Жарко Башевски за вајарство.
„Сметам дека Инкубатор програмата за култура овозможува една нова платформа за едукација и развој на млади уметници од Македонија, кои имаат желба да создаваат во областа на современиот танц, музиката и визуелните уметности со цел да оформат мултимедијален сценски перформанс.
Целиот проект е дизајниран за да се овозможи развој од тој вид и да им се помогне на младите да го најдат својот изразен пат во уметничка насока.
Живееме во комерцијално време, во кое уметноста не е во прв план, меѓутоа моја задача, а секако и на Интерарт културниот центар е потребата од посебно нагласување на важноста на уметничкиот развој и креација, кои секако ќе го најдат своето место во општеството, доколку им се даде соодветен простор.
Многу ми е драго што Амбасадата на Швајцарија го препозна нашиот напор за поддршка и развој на млади уметници, посебно во овие уметнички категории, кои иако го заслужуваат – го немаат вистинското место во нашето општество и на кои, со нивната поддршка, ќе им се овозможи процес кој ќе донесе вистински резултати во уметничкиот развој на младите таленти“, изјави Рисимкин – уметнички директор на проектот.
Рисимкин и амбасадорката на Швајцарија во РМ, Сибил Сутер Тејада истакнаа дека креативноста и потребата за уметничко изразување се водечки критериуми за развојот на едно општество.
Тие истакнаа дека е евидентен потенцијалот и желбата кај младите уметници за развој и себеизразување, а со Инкубатор се овозможуваат услови и простор за нивна креативна експресија и реализација на идеи.
Проектот е само вовед во формирањето на мултимедијален центар за култура кој се надеваат дека наскоро ќе можат да го отворат во свој простор кој очекуваат да им биде доделен од Владата.