Тим македонски археолози, предводени од проф. д-р Драги Митревски од Филозофскиот факултет во Скопје, интензивно работат на археолошкиот локалитет Билазора во с. Кнежје близу Свети Николе.
Како што вели Митревски, станува збор за еден од најзначајните раноантички локалитети во Македонија и единствен од ваков вид во Средна Европа. Изминатиов период археолозите работат на доистражување на т.н. владетелска палата од 4 век пр.н.е., односно на отворениот двор (атриум) со колонади и уште на неколку нови простории кои се открија годинава. Со ова, вели Митревски, се истражени 70 проценти од целата палата, а остатокот допрва ќе се ископува.
Тоа што досега е пронајдено се објекти за јавна употреба, трпезарија, влезна дворана, култен простор, а на останатиот неистражен дел се очекува да се откријат станбени простории. Ѕидовите на палатата се украсени со фреско-декорација, а од движните наоди има садова керамика, парчиња од алат, стрели, накит и друго.
Истражувањето на Билазора е капитален проект на Владата на РМ, а во координација на Управата за заштита на културното наследство, се реализира од страна на Филозофскиот факултет од Скопје и од Народниот музеј во Неготино.
На Билазора се работи повеќе од триесет години, но сеопфатни систематски истражувања се прават во изминативе години, кои се концентрирани на откривање на просторот на т.н. акропола на локалитетот.