Изградбата на клучката кај месноста Смилковци започна во март годинава и според активностите на терен кои се во ек, завршени се повеќе од 60 проценти од градежните работи.
Директорот на ЈП за државни патишта Александар Стојанов денес направи увид во текот на градежните активности за изградба на оваа клучка.
Иако предвидениот рок за изградба на клучката е 12 месеци, односно до март наредната година, според активностите на терен истата ќе биде завршена пред предвидениот рок. Со завршувањето на оваа клучка за околу 10 километри ќе се скрати патувањето до центарот на градот, а со тоа ќе се овозможи побрз и побезбеден транспорт на околу 8000 жители од 5 населени места.
Инвестицијата е во вредност од околу 40 милиони денари.