Насловна / Градежништво / Интелигентен систем за јавно осветлување

Интелигентен систем за јавно осветлување

Inteligenten Sistem

Со модернизирање на патната инфрастуктура во РМ и изградба на новите автопатишта, се наметнува потребата од побезбедни и поквалитени услови за сообраќај. Еден од најбитните фактори за безбедност во сообраќајот се добро осветлени улици и патишта. Овој фактор во голема мера влијае за зголемување на потрошувачката на електрична енергија, а со тоа и за одлевање на големи средства од буџетот на јавните претпријатија за одржување и наплата за потрошената енергија. Просечно, околу 40% од електричната енергија во големите градови се троши за осветлување на улиците. Голем дел од произведената светлина е целосно неупотреблива, бидејќи светилките се палат прерано, се исклучуваат предоцна и интензитетот на светлина не е соодветен.

Една од мерките за намалување на потрошувачката на електрична енергија и зголемување на квалитетот на осветлувањето и неговото одржување, е имплементација на интелигентен систем за контрола, мониторинг и регулација на светлосниот интензитет. Придобивки од имплементацијата на еден ваков систем се: намалена емисија на CO2, намалена потрошувачка на електрична енергија, намалени трошоци за одржување, зголемување на јавната безбедност, зголемена доверливост на системот за ЈО, база на податоци и преглед на настани и извештаи, непрекинато следење во реално време на системот од кое и да било место.Globalna Mreza Graficki Prikaz

Интелигентниот систем е развиен како независна и пристапна модуларна архитектура, базирана на отворени стандарди и протоколи, воедно претставува и менаџмент платформа која им помага на јавните претпријатија и општините да управуваат со нивните системи. Постоечките инсталации од јавното осветлување лесно се интегрираат во овој систем за менаџирање на нисконапонска енергетска мрежа. Ваквата архитектура овозможува интеграција со други постоечки комунални системи како ГИС, видео надзор на патишта и наплатни станици, климатски прилики и сл.

Интелигентниот систем има четиристепена структура, со која оформува една целина:

v Систем за контрола

v Систем за мониторинг

v Систем за далечинско мерење на потрошената електрична енергија

v Систем за регулација на светлосниот интензитет

Системот за контрола е конфигуриран да врши централно вклучување и исклучување, со што се постигнува оптимизирање на работните часови на светилките и поедноставно управување.

Системот за мониторинг е проектиран за известување и брза интервенција во случај на постоење на дефект во контролниот орман – напојното место. При прекин на комплетното напојување или, пак, во случај на дефект на одреден извод или фаза, пренапон или поднапон, отворена врата на орман и сл., се испраќа сигнал до централната серверска станица и СМС на мобилниот телефон на одговорниот за одржување на јавното осветлување. Одговорното лице има постојан (24/7) пристап до секој контролен орман и отчитување на електротехничките прилики во орманот во реално време.

Системот за далечинско мерење на електричната енергија овозможува далечинско отчитување на потрошената активна и реактивна електрична енергија, факторот на моќност, фреквенција, моменталната струја и напон. Овие податоци служат за изработка на дневни, месечни и годишни извештаи и анализи за дефинираното конзумно подрачје.

Системот за регулација на светлосниот интензитет – димирање е проектиран со примарна цел заштеда на енергија. Во зависност од интензитетот на сообраќајот и категоријата на важност на улицата или објектот, може да се дефинира модел со кој во различни периоди на ноќта би се намалувал/зголемувал светлосниот интензитет преку соодветна команда зададена од централниот систем. На овој принцип би заштедиле електрична енергија, без значителна промена на квалитетот на осветленоста.

tabela

Функциите на системот за контрола, мониторинг и регулација на осветлувањето се: евиденција на времетраењето на горење на сијалиците; детекција на напојување на светилките со пренапон или поднапон; детекција на прекин на главното напојување; систем на само-тестирање со цел да се детектираат дефекти во функционирањето на модулите; детекција на отворање на вратата на орманот; отчитувања на броилото во контролната соба во конфигурирани временски интервали; графички преглед на потрошувачката на електрична енергија; аларм во случај на прегорување на некоја од сијалиците во линијата; регулација на светлосен интензитет; детекција на земјоспој; складирање на релевантни податоци за подоцнежна изработка на извештаи и сл.

Графичкиот интерфејс од софтверската апликација обезбедува  информација за статусот на секој орман, притоа покажувајќи ја локацијата на тој орман на мапата на градот-општината и статусот на командно-разводната опрема во орманот. Ова во голема мерка го поевтинува и го прави поефикасно одржувањето на уличното осветлување, бидејќи во секој момент се има точната локација, состојба и увид во опремата во орманот каде што треба да се интервенира.Energetika v2

Интелегентниот систем може да се имплементира во постоечки дистрибутивен систем и со тоа може да се заштеди енергија од 25-40%. Инвестицијата може да се поврати за многу краток временски период и тоа, според некои пресметки за помалку од седум години.

Доколку овој систем се имплементира на територија на град Скопје, би се добиле следниве параметри од кои јасно може да се согледа оправданоста од имплементација на едно вакво решение.

Забелешки:

*потрошувачката на ел.енергија е за период 2012 година

*податоците за потрошувачка на CO2 се според калоричноста на јаглен во РМ и се преземени од официјалната страна на ЕЛЕМ АД

 

Подготвиле:  Биљана Зафирова Наумова, дипл.ел.инж.

Васко Стевоски, дипл.ел.инж.

(ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл и др. ДОО, Скопје)

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top