Португалското архитектонско студио OODA, продолжува да го менува урбаниот пејсаж на Тирана, преку импресивниот проект – облакодер под името Hora Vertikale. Оваа одерна кула е висока 140 метри и се состои од 13 неправилно наредени коцки.
Проектот всушност го сочинуваат две згради – главниот облакодер и помала кула покрај него. Главната зграда, составена е од 13 коцки, од кои секоја има димензии 22,5×22,5 метри, и нуди луксузни резиденцијални простори распоредени на седум ката во секоја коцка. Помалата кула ја сочинуваат неправилно наредени коцки со исти димензии. Двете конструкции се проектирани така што создаваат тераси за станарите, обезбедувајќи максимална изложеност на природна светлина и прекрасен поглед на градот. Иако на прв поглед изгледаат нескладно, овие згради се внимателно планирани со цел да обезбедат оптимална функционалност. Посебно внимание е посветено на употребата на локални материјали во изградбата. Секоја коцка има единствена уметничка тема, инспирирана од локалната традиција.
Hora Vertikale во моментот е во изградба, а се очекува да биде целосно завршена во 2028 година. Проектот е дел од архитектонската ренесанса на Тирана, каде покрај студиото OODA, и други реномирани светски имиња како Bjarke Ingels Group, MVRDV и Stefano Boeri исто така работат на нови високи згради кои ќе го дефинираат новиот идентитет на градот.