Во светот денес постојат десетици милиони мостови, од кои само во САД се наоѓаат повеќе од 600 илјади. Стручњаците процениле дека речиси 13% од мостовите имааат некој вид конструктивно оштетување. Како да се детектираат и санираат?
Кај најголемиот број мостови сè уште се користат класичните техники за отстранување на дефектите: визуелна инспекција, користење на пенетрати, магнетни честичи и ултразвучни техники. Но, овие методи можат ненамерно да пропуштат некој сериозен проблем, што во исклучителни случаи може да доведе и до сериозни катастрофи.
Во случајот на рушење на решеткастиот мост во Минеаполис, САД, во 2007 година, што доведе до 13 жртви, американскиот Национален одбор за безбедност во сообраќајот (NTSB) со испитување заклучил дека причина за несреќата било оштетувањето на 16 јазолни врски за спојување на решетките. Поучени од ова искуство, новиот мост завршен во 2008 година интегрира најнапредни технологии за мониторинг на безбедноста на мостот. Денес, паметните технологии зачестено се применуваат во мониторингот на мостовските конструкции, овозможувајќи ефикасен надзор и инспекција во реално време.
И трагедијата во 2007 година би била сигурно избегната, доколку мостот бил опремен со мрежа паметни сензори кои континуирано следат повеќе критични параметри на елементите од конструкцијата. На пример, мостот Рио-Антирио во Грција со шест ленти и должина од 2,9 километри има вкупно 100 сензори кои ја следат неговата состојба.
За кратко време по отворањето на мостот, сензорите откриле изразено ниво на вибрации во каблите што го носат мостот, што довело до итна санација од страна на инженерите преку интервенции во тежината. Јасно е дека оваа технологија спасува многу пари но и човечки животи, а еден сензор чини и до 15.000 евра.
Мостот Цинг Ма во Хонг Конг, седмиот најдолг висечки мост во светот, има над 350 сензорски канали, а може да се спротивстави на брзини на ветерот и до 341 километар на час. Меѓу порепрезентативните мостови во светот со оваа технологија се следните: Геумданг во Јужна Кореја, Ги-Лу на Тајван, Бруклинскиот мост во Њујорк, како и Меморијалниот мост Бил Емерсон во Мисури, САД.