На 11-ти ноември, за време на Климатската конференција на Обединетите Нации COP26, Skidmore, Owings & Merrill (SOM) го прикажаа својот предлог за т.н Urban Sequoia, концептуална мрежа на згради кои го апсорбираат јаглеродот од своето опкружување.
Напорите за намалување на влијанието на јаглеродот во процесите на градење, го привлекуваат глобалното внимание од разбирливи причини, со оглед дека градежништвото како сектор е одговорно за 40% од глобалните јаглеродни емисии. Доколку се покаже успешен, Urban Sequoia проектот може да го намали овој удел на емисиите од градежништвото, дури и во фазата на експлоатација на објектите. Проектот е резултат на интегрирани претходни решенија во областа на зелената градба, ефикасност на ресурсите, технологии на зафаќање на јаглерод, користење на биоматеријали и оптимирање на дизајнот. Постигнатото намалување на емисијата на јаглерод се должи главно на две причини: Материјалот користен во самата изградба вклучува т.н био тули, био изолациони материјали, дрво и сл., кои козумираат помалку јаглерод отколку конвенционалните материјали како што се челикот и бетонот. Втората причинa не е поврзана со самиот процес на градење туку со процесот на експлоатација на објектот. Имено, откако објектите ќе бидат пуштени во употреба се одвива процес на апсорпција на јаглерод од околината.
SOM тврдат дека концептот зад овој предлог оди дури и подалеку од постигнувањето на „нето нула“ емисии, бидејќи овие згради го отстрануваат јаглеродот преку алтернативен пристап во нивниот дизајн. Првиот чекор кон реализацја на овој проект е прототипот со цел да се испита ефективноста на решението. Прототипот апсорбира 1000 тони годишно. Ова резултира во отстранување на јаглеродот до три пати повеќе во фазата на експлоатација отколку во фазата на изградба.