Истражувачите од MIT (Massachusetts Institute of Technology), откриле начин да го претворат бетонот во средство со кое е можно и да се складира енергија, сосема доволно за напојување на еден дом или за полнење на електричен автомобил.Овој бетон на иднината настанува кога цементот и црниот јаглерод (carbon black) ќе се помешаат со вода. Резултатот е бетон кој сам се организира во суперкондензатор за складирање на енергија. Оваа технологија е чекор напред во однос на претходните идеи за користење на бетонот за складирање на енергија, бидејќи не бара поставување на мрежести електроди во бетонот. Намето тоа, црниот јаглерод формира поврзани структури на електроди во процесот на стврднување.
Процесот ја користи реакцијата на водата и цемент, при што водата формира мрежа од канали во бетонот во процесот на стврднување, а црниот јаглерод природно навлегува во тие канали. Поголемите канали се гранат на помали и создаваат јаглеродни електроди со голема површина низ бетонот. Оваа технологија отвора врата за бројни можности. Замислете патишта кои самите се напојуваат, згради кои генерираат енергија и дури и градови кои ја користат сопствената инфраструктура за складирање на енергија. Но, што значи оваа технологија на практично ниво? Просечна американска куќа од 185m2, изградена на стандардна бетонска плоча со дебелина од 13cm, користи околу 24m3 бетон. Тимот од MIT, тврди дека блок од бетон со црн јаглерод од 45m3, може да складира околу 10kWh електрична енергија, што покрива околу една третина од потрошувачката на енергија на еден просечен амеркански дом. Резултатите и заклучоците од ова истражување се објавени во списанието PNAS.