Новиот музеј на уметноста во Аспен, Колорадо, е лоциран на видно место во центарот на високото гратче кое е еден од најпознатите зимско рекреативни центри во САД. Музејот е отворен во август 2014 година, а проектиран е од познатото архитектонско студио Shigeru Ban Architects. Шигеру Бан е познат по своите експериментирања со употреба на дрво и картонски туби во своите конструкции, па и во овој проект може да се забележи значителна употреба на овие природни материјали.
Новиот музеј со вредност од 45 милиони долари го заменува стариот, кој се наоѓа во стара фабрика адаптирана за изложбен простор. Новиот менаџерски тим на чело со Zuckerman Jacobson, во 2005 година ја предложува идејата да се пресели музејот во нов објект, а веќе во 2008 година е избран Бан со неговиот проект од вкупно 36 идејни решенија од различни архитектонски бироа.
Ова е прв комплетиран објект на Бан во Северна Америка по добивањето на престижната награда за архитектура Прицкер во 2014 година. Шигеру Бан е еден од многуте успешни архитекти, како Eero Saarinen, Harry Weese, Herbert Bayer, а во поново време Peter Gluck, Jhon Lautner, па дури и Renzo Piano, кои со своите архитектонски дела оставиле свој печат во Аспен.
Архитектот Шигеру Бан го обликува објектот како хибридна конструкција со бетон-челик-дрво, затворен од две страни со стаклен ѕид, а сетоа тоа покриено со плетена фасада од дрво. Навидум објектот е едноставна коцка вметната помеѓу градските улици, но сепак една од главните идеи на архитектот е таа да биде отворена кон околината. Објектот има вкупен простор од 3.000 м2, поделен на четири нивоа од кои едно подземно ниво, приземје и два ката.
Целиот простор на подземниот дел, приземјето и првиот кат се пространи галерии за истакнување на разни уметнички дела, додека на највисокиот кат се мултифункционални простории и кафетерија. Највисокото ниво, исто така, е поделено на половина по дијагонала. Едниот дел е затворен, а другиот е голема отворена тераса која овозможува прекрасен поглед кон високите планини над Аспен.
Главните дизајнерски обележја на музејот се дрвената конструкција на кровот, фасадата изработена од дрвени композитни плочи, конструктивните стаклени подови за дневна светлина, стаклениот лифт и друго. Од надворешноста, главна карактеристика на музејот е плетената фасада од композитни дрвени плочи.
Материјалот на фасадата е направен од плочи изработени од пресуван микс од хартија и природна смола, обложени од двете страни со тенок фурнир од дрвниот вид Okoume (Aucoumea klaineana) и третирани со премачкувач со УВ заштита. Заради отворената фасада, во објектот е поставен иновативен систем за регулирање на температурата во галериите, каде уметничките дела бараат константна температура независно од надворешните температурни промени во текот на годината, кои можат да бидат и до минус 35 Целзиусови степени во зима.
Тридимензионалната конструкција на кровот претставува иновација сама по себе. Конструктивните врски се изработени без видливи метални конектори. Овие врски конструктивната стабилност ја добиваат како резултат на геометријата на целата конструкција, зајакнати со долги дрвени клинови и метални штрафови кои се внимателно поставени за да не се гледаат.
Овој начин на изработка на конструктивните врски потсетуваат на традиционалните јапонски дрвни конструкции каде со помош на вештите раце на јапонските столари се изработувале стабилни врски без употреба на метални конектори. Тридимензионалната геометрија на кровната рамка е направена со свивање на дрвените конструктивни елементи под притисок на преса со специјално изработен калап.
Бидејќи музејот нема постојана поставка, просторот треба да биде флексибилен за да може да се презентираат најразлични модерни изложби. Сите шест галерии се без столбови во средината за максимално искористување на просторот и имаат висина од четири метри.
Во најголемата од нив, која го зафаќа поголемиот дел од првото ниво, се изложени засолништа во вистинска големина, за бегалци од природни катастрофи или војни во светот, проектирани од Бан. Терасата што се наоѓа на врвот од објектот зафаќа приближно половина од основата. На неа може да се забележи мала градина со клупи и маси. Прекрасната тераса со поглед кон планините каде што се скијачките терени, претставува место за одмор, опуштање и разговор за впечатоците од уметничките дела.