„Тенискиот грен слем турнир „Вимблдон“ не е само традиција, туку и посветеност на иновации и одржливост“, велат организаторите на овој престижен спортски настан. The All England Club и во овогодишното издание на турнирот воведе нови технологии и ја подига на повисоко ниво грижата за одржливост. Од оваа година, теренот бр.1 има подвижен покрив, после две години минати во изградба. Тој покрив е идентичен со проектот на покривот на централниот терен. На тој начин се избегнуваат прекините и одложувањето на натпреварите поради дожд. Покривот може да се отвори односно затвори за 10 минути и изведен е од материјали кои овозможуваат продор на природна светлина.
Турнирот воведува и нови мерки за заштита на животната средина и понатамошно градење на имиџот на одржливост. Така на пример, шишињата за вода се целосно рециклабилни, забранета е пластиката за една употреба, инсталирани се повеќе станици за полнење на електрични возила, а вишокот храна се донира во добротворни цели. За задоволување на потребите од енергија се користат фотоволтаици и енергија од биомаса. Исто така турнирот ја користи вештачката интелигенција (AI) и cloud технологиите за да им овозможи на навивачите повеќе информации за натпреварите, и да го направи нивното доживување интерактивно и персонализирано.