Петицијата која ја покренаа група граѓани до градоначалникот на Град Скопје, за запирање на изградбата на Панорамското тркало, за неколку дена ја потпишале над 6.000 граѓани.
Граѓаните бараат средствата да се пренаменат во други цели, како гасификација на градот и решавање на проблемот со загадувањето.
Како одговор на петицијата, Трајановски вели дека проектот не е во надлежност на Градот, туку во надлежност на Владата.
Вредноста на тркалото достигна сума од 19 милиони и 700 илјади евра, но изворот на парите не и е познат на јавноста. Изградбата на тркалото продолжи и покрај острото противење на јавноста и покрај граѓанските протести. Механизацијата на терен забрзано го раскопува коритото на реката Вардар. Планирано е објектот да се издигне во висина од 73 метри над брегот на реката, а на тркалото да се сместат 30 кабини во форма на гондоли.
За потсетување, одлуката за изградба на овој објект во коритото на Вардар ја донесе Град Скопје со мнозинство советници во 2013 година. Планот датира од 2010 година во рамки на проектот „Скопје 2014“. Мислењето на граѓаните е различно, но преовладува ставот дека инвестицијата е непотребна во услови на криза.
Откако не успеа првичната идеја изградбата да ја финансираат бизнисмени и приватни фирми, средства беа побарани од државните институции и од Владата. До сега донираше само Агенцијата за електронски комуникации и тоа околу еден милион евра.