На 1 март оваа година, извршниот раководител на Националната служба за здравје на Англија (National Health Service – NHS – England) Сајмон Стивенс (Simon Stevens), ги најави плановите за создавање на десет „здрави нови градови“ (healthy new towns) низ земјата. Овие нови градови во Англија, во кои ќе се изградат повеќе од 76 илјади нови станбени единици со потенцијален капацитет во нив да се сместат приближно 170 илјади жители, ќе бидат поддржани од здравствената служба.
Националната здравствена служба ќе овозможи да се осмисли развојот на овие нови урбани средини, а со цел да можат да се испитаат креативните решенија за предизвиците со кои се соочува земјата во доменот на здравјето и негувањето на лицата во дваесет и првиот век, вклучително со проблемите сврзани со прекумерна телесна тежина, сенилност, но и отсуство на поврзаност во рамките на заедницата.
Под покровителство на Националната здравствена служба на Англија, познати лекари, дизјанери и експерти за технологија ќе осмислат како здравствената заштита може да се понуди во овие места, при што ќе покажат не само што сè може да се направи преку поврзување на дизајнот на изградената средина со современите служби за здравје и негување на лицата, туку и ќе се воведат нови модели на технологија потпомогната со примарна здравствена заштита.
Иницијативата за програмата „Здрави нови градови“ беше покрената во летото 2015 година кога беше објавен повик за пријавување на интерес за приклучување кон оваа програма, што резултирало во одзив кој ги надминал сите очекувања. На повикот за пријавување на интерес се пријавиле 114 општини, асоцијации за домување, организации во рамките на Националната служба за здравје и градежни организации специјализирани за изградба на станбени единици. Преку процесот на детална селекција, кој вклучувал презентации од селектираните проекти, бил направен избор на првите десет учесници во процесот на изградба на „Здрави нови градови“, од кои веројатно најинтересни се концептите за:
- Витехил и Бордон во Хампшајар (Whitehill and Bordon, Hampshire) каде е предвидена изградба на 3.350 нови станбени единици на локацијата на бивши касарни, но и нов кампус за нега на лицата. Во овој нов кампус ќе бидат лоцирани „станбени единици подговени за нега на лицата“ (care-ready homes) коишто специјално ќе бидат испроектирани за потребите на лицата со хронични заболувања; раководен од медицински сестри, центар за здравствен третман, аптека и интегриран центар за нега.
- Кранбрук во Девон (Cranbrook, Deveon), а каде се планира изградба на 8.000 нови станбени единици. Со оглед на тоа што Кранбрук има трипати поголем број на деца на возраст до четири години во однос на националниот просек, фокусот ќе биде на изучувањето на превенцијата и здравиот начин на живеење од најраните години во рамките на училиштата.
- Дарлингтон (Darlington) каде 2.500 станбени единици ќе бидат изградени на три локации во рамките на Источната зона за раст (Eastern Growth Zone), при што тука ќе се развие понудата за „виртуелен дом за негување“ (virtual care home) каде што група станбени единици со заеднички простории се испроектирани така што директно се позврзани со центарот за дигитална нега, преку што би се избегнала потребата за сместување на лицата во домови за нега.
На дел од селектираните дест „здрави нови градови“ ќе бидат испитани и други опции, како на пример формирање на зони без угостителски дуќани за брза храна во близина на училиштата, проектирање на безбедни и привлечни зелени површини, изградба на улици погодни за сенилните лица, како и овозможување граѓаните лесно да можат да дојдат до услугите на матичниот лекар преку примената на дигиталните технологии. Определбата е преку текот на разработката на плановите, овие нови комплекси да ги отсликаат потребите на локалното насление.
Определбата за изградба на „здрави нови градови“ е резултат на проблемите со кои се соочува земјата, како на пример:
- Изгубени над 130 милиони работни денови како резултат на здравствени проблеми секоја година во Велика Британија.
- Двојно зголемување на бројот на децата со прекумерно зголемена телесна тежина во текот на основното образование, и тоа од девет проценти за оние на возраст од четири до пет години, на 19 проценти за оние на возраст од 10 до 11 години во 2014/2015 година.
- Денес, само 21 процент од децата се игра надвор, во споредба со 71 процент од нивните родители кога тие биле деца.
- Се проценува дека денес 25 проценти од возрасните во Велика Британија се шета помалку од девет минути на ден.
- Физичката неактивност се поврзува како директен причинител во еден на шест случаи на смрт и има негативно економско влијание од 7,4 милијарди фунти.
- Се проценува дека 3,5 милиони станбени единици во Англија имаат сериозни ризици како што се влага, инсекти и глодари кои предизвикуваат здравствени проблеми коишто ја чинат Националната здравствена служба најмалку 1,4 милијарди фунти секоја година.
Господинот Стивенс истакна: „Потребата да се поттикне изградбата на (финасиски) достапни станбени единици низ Англија, создаде одлична можност за Националната здравствена служба да го потпомогне промовирањето на здравјето и да ја поддржи независноста на луѓето. Како овие нови соседства и градови се градат, ние ќе се засрамиме доколку за десет години погледаме наназад и утврдиме дека сме ја пропуштиле можноста преку дизјан да ја отстраниме нашата средина, карактеризирана со прекумерна телесна тежина, и испроектираме здравје и благосостојба.
Ние сакаме децата да имаат места каде што ќе сакаат да си играат со своите другарчиња и ќе можат безбедно да отидат пеш или со велосипед до своето училиште, наместо само да ги вежбаат своите прсти на видео игрите. Ние сакаме да видиме соседства и адаптабилни домови испроектирани на начин кој ќе им овозможи на постарите лица полесно да продолжат самостојно да живеат каде и да е тоа можно. И ние сакаме нови начини на обезбедување на нови видови дигитално потпомогнати локални здравствени служби, кои ќе ја споделат физичката инфраструктура и персоналот со училиштата и групите во заедицата“.
Кон согледувањата на господинот Стивенс се надоврзува и професорот Кевин Фентон (Kevin Fenton), национален директор за здравје и добросостојба во Англиската служба за јавно здравје (Public Health England) кој вели: „Некои од најголемите предизвици во однос на здравјето во рамките на Обединетото Кралство, како на пример прекумерната телесна тежина, менталните здравствени проблеми, физичката неактивност и потребите на населението што старее – врз сите нив може позитивно да се влијае преку квалитетот на изградената и природната средина.
Соодветното проектирање на простори и места е клучен предуслов за промовирање на добро здравје. Оваа иновативна програма ќе го информира размислувањето и планирањето на секојдневните средини, а со цел да се промовира здравјето на идните генерации. Англиската служба за јавно здравје е горда за одиграната активна улога во развојот на програмата за Здрави нови градови и ќе продолжи да ја поддржува изградбата на висококавлитетни, здрави средини“.
Во 1902 година Ебенизер Хауард (Ebenezer Howard) го отпечати второто издание на својата книга од 1898 година „Утре: Мирољубива патека кон вистинска реформа“ (To-Morrow: A Peaceful Path to Real Reform) но под новиот, многу попознат, наслов „Градини градови на утрешноста“ (Garden Cities of To-Morrow). Идеите на Хаурад во доменот на урбанистичкото планирање презентирани во оваа книга, резултираа во создавање на Лечворт (Letchworth) и Велвин гарден сити (Welwyn Garden City) и станаа дел од британската урбанистичка доктрина од тој период.
Без сомнение, тие придонесоа за примена во Планот за поголем Лондон (Greater London Plan) од 1944 година и донесувањето на Законот за нови градови (New Town Act) од 1946 година, а коишто резултира во прстен од нови градови лоцирани зад Зелениот појас на Лондон (London Greenbelt). Минатото покажа дека влијанието на „Градини градови на утрешноста“ значително ги надмина границите на Велика Британија и Обединетото Кралство.
Сто и четиринаесет години подоцна, дали преку промовирање на програмата за „Здрави нови градови“ сме на повидок на преформулирање на урабнистичкото планирање како што го знаеме досега и дали „Британија ќе го покаже патот“ (Britannia lead the way!) повторно. Само „утрешноста“ ќе го покаже ова!