Насловна / Вести / Иницијатива за формирање на Совет за зелена градба во Македонија

Иницијатива за формирање на Совет за зелена градба во Македонија

Земјите од Западен Балкан се подложни на значителен притисок од различни засегнати страни, како што се меѓународните обврски (Договорот за енергетска заедница, Парискиот договор, декларацијата од Софија/Зелениот договор итн.), меѓународните финансиски институции, донаторите и инвеститорите да го декарбонизираат снабдување со енергија и да ја намалат потрошувачката на енергија.

Како главни активности на овој процес се сметаат постепеното укинување на јагленот во производството на електрична енергија, замената на фосилните горива со почисти опции како што е обновливата енергија, но и зголемувањето на ефикасното користење на енергијата во сите сектори.

Градежниот сектор, посебно високоградбата има голема улога во овој процес со оглед дека резиденцијалниот сектор троши меѓу 30 и 60 % од севкупната финална потрошувачка во земјите. Потенцијалните заштеди на енергија во резиденцијалниот сектор се проценуваат на повеќе од 50 % од неговата потрошувачка. И покрај малата потрошувачка на енергија по глава на жител, просечната употреба на енергија по квадратен метар варира во различни земји, и се движи од околу 100 kWh/m2 во Црна Гора до над 200 kWh/m2 во Босна и Херцеговина, а Македонија е некаде на средина.

Ова се главните причини зошто во делот на програмата RECONOMY која претставува инклузивна и зелена програма за економски развој на шведската Агенција за меѓународна развојна соработка (Sida), имплементирана од Helvetas во Источното партнерство и во земјите од Западен Балкан заедно со CeProSARD како партнер кој го имплементира проектот „Енергетска ефикасност во градежниот сектор во земјите од Западен Балкан“ ја инициравме идејата за создавање на совети за зелена градба.

ЗОШТО СОВЕТ ЗА ЗЕЛЕНА ГРАДБА?

Светскиот совет за зелена градба (WorldGBC) е најголемата и највлијателната глобална мрежа, која активно ја води трансформацијата кон одржлив и декарбонизиран градежен сектор. Заедно со 80 совети за зелена градба и индустриски партнери од целиот свет, овој совет поттикнува системски промени насочени кон намалување на емисиите на јаглерод во текот на целиот живот на постојните и на новите згради. Светскиот совет за зелена градба работи кон создавање на „здрави“ згради преку инклузивна архитектура, со користење на материјали кои имаат ниско ниво на вградени CO2 емисии, и истите имаат голем потенцијал за рециклибилност.

Зарем овие цели не се заеднички и со целите на нашиот градежен сектор? Секако, затоа и одлуката да поддржиме формирање на совети за зелена градба беше лесна, од причина што истата е исправна.

На 23 мај 2024 во Комората на овластени архитекти и овластени инженери се одржа инфо сесија на иницијативата за формирање на Советот на зелена градба во Македонија. На истата имаше преку 50 присутни кои ги претставуваа градежните компании, инвеститорите, проектантските студија, академијата, невладиниот сектор и финансискиот сектор. Од нив, дваесетина изразија желба да бидат дел од приказната за формирањето на Советот, а преку 30-тина да бидат негови членови.

За време на овој настан, извршниот директор на Советот за зелена градба на Хрватска, господинот Деан Смолар даде одлични насоки како да започнеме, како да се организираме и работиме. Искуствата кои тој ги претстави за време на излагањето се надевам дека ќе бидат добронамерно прифатени и искористени. Инаку, Деан Смолар е ангажиран од страна на проектот, и тој ќе го помага создавањето и развојот на советите за зелена градба. Самиот проект ќе ги поддржува сите совети во земјите од Западен Балкан, вклучувајќи го и нашиот во Македонија до крајот на 2026 година.

ШТО ТРЕБА ДА ОЧЕКУВАМЕ ОД СОВЕТОТ ЗА ЗЕЛЕНА ГРАДБА?

Советите за зелена градба се замислени како невладини организации кои ќе работат кон создавање на одржливи градежни практики, ќе ја поттикнат дигитализацијата на градежниот сектор преку поголема пенетрација на BIM- методологијата, ќе ја едуцираат стручната и општата јавност, ќе работат кон промоција на нискојаглеродни материјали и решенија, и на подобрување на регулативата и на законите поврзани со градежниот сектор.

Дополнително, Советот за зелена градба, ќе се залага за воведување на веќе етаблирани системи за сертификација на згради, како што е германскиот DGNB, американскиот LEED и/или британскиот BREEAM. Овие системи за сертификација се разликуваат од сертификатите за енергетски карактеристики на згради во тоа што освен енергијата, истите опфаќаат и како зградата се однесува со водата, отпадот, рециклабилноста, внатрешниот комфор и урбанистичкиот пристап.

Со други зборови преку овој тип на сертификација на зградите, нивните корисници, посебно комерцијалните објекти ќе имаат погодност при известувањата за ESG- принципите на одржливост (животна средина, општествени карактеристики, добро владеење/управување).

КАКО СОВЕТОТ ЗА ЗЕЛЕНА ГРАДБА ПЛАНИРА ДА РАБОТИ?

Согласно со препораките со Светскиот совет за зелена градба (World GBC), нашиот совет ќе ја примени истата структура на работење и ќе ги има следните тела: собрание, борд на директори и претседател на борд. Дополнително со развојот на самиот совет, се очекува да се формираат различни комитети: технички, научен, регулаторен итн.

Како членови на Советот, добредојдени се сите индустрии/компании поврзани со високоградбата кои начелно се идентификувани во три категории:

1) Компании за производство и дистрибуција на градежни материјали и производи наменети за обвивката на објектот, проектантски студија, стручни асоцијации.

2) Компании чија дејност е греење, ладење, климатизација, производство на топла вода преку соларни системи и системи за произвоство и складирање на електрична енергија од обновливи извори.

3) Компании кои работат со автоматизација на зградите (BMS), SMART и IoT- технологии за оптимизација на потрошувачката на енергија и зголемување на комфорот во објектите.

Како посебен дел и секогаш добредојдени се академските, финансиските  и државните институции кои го затвораат овој круг на засегнатите страни.

Активности кои треба да се очекуваат од страна на Советот за зелена градбе се: организација на настани, промоција на зелени градби и одржливи практики, обука на стручен кадар за сертификација на згради, учество во јавни настани, поддршка на институциите и носителите на одлуки за подобри и одржливи законски решенија.

Во рамките на RECONOMY-програмата, која има фокус на жените и младите и на подобрување на нивните примања и вештини, проектот „Енергетска ефикасност во градежниот сектор во земјите од Западен Балкан“ развива активности во делот на подобрувања на вештините на работната сила во градежниот сектор, со фокус на архитектите и инженерите, како и пристап до нови финансиски инструменти кои ќе ја поддржат зелената транзиција на Македонија во достигнувањето на националните цели кои ги имаме зададено.

Автор: Игор ПАНЧЕВСКИ, дипл. ел. инж.,координатор на иницијативата за Македонија и координатор за мониторинг и мерење на резултати во рамките на проектот

Испрати коментар

Scroll To Top