Од иницијативата „ШАНСА ЗА СКОПЈЕ“ опоменуваат.
„Постземјотресното Скопје е мислено во време на општиот раст на модернизамот и моторизацијата како водечки планирачки политики ширум светот во 1960-тите и 1970-тите. За жал кај нас сѐ уште се актуелни овие планови и сѐ уште ни се нудат решенија за нивно продолжување. Притоа во ниту еден момент, ниту одговорните лица ниту планерите како стручни, не се потрудија да ги преиспитаат и соочат со денешната (пре)изграденост и потреби на градот Скопје.
Последниот четврт век кај нас го одбележа профитерскиот урбанизам, каде планирањето директно зависи од потребите на инвеститорот. Не се водеше сметка за нормативите во планирањето, за вистинскиот број на жители, за општествените и социјални потреби, за јавниот интерес и потребата од убав и среден град. Резултат е Скопје кое наликува на ментална институција, со урбанистички хаос од невиден размер, и како граѓани сме далеку од нормален и функционален живот.
Денес ширум светот урбанизамот го враќа човекот како основна мерка, и многу често капитални инвестиции во градежништвото се поништуваат со цел да го вратат просторот на вистинските потреби на жителите. За тоа да се случи во нашето Скопје, одговорните лица треба да го слушнат мислењето на неговите жители, што нив им треба во градот. Oние што ја обликуваат и формираат изградената средина треба да излезат од своите канцеларии и да почнат да се движат по улиците и тротоарите, а додека се движат да слушаат што мислат луѓето, да подзастанат и да пораговараат со нив, да се задржат и да размислат за она што го гледаат.
Низ годините се уверивме дека грешките во планирањето се непоправливи, и кога еднаш ќе се направат потребни се понекогаш и столетија за нешто да се смени. Но сакаме да веруваме дека последната шанса за Центар и Скопје е локацијата спроти Холидеј Инн.
Како последен поголем неизграден простор во Центар е од исклучително значење, со излез на кејот на Вардар, во продолжение на ГТЦ кој го гушкавме и надоврзувајќи се на Градскиот Ѕид – и што и да се планира на ова место тоа ќе смени лицето на градот, на подобро или полошо. Оваа локација е единсвениот простор на којшто може во центарот на градот да биде направен значаен јавен простор достапен и од корист на сите граѓани.
Ќе потенцираме дека во моментов имаме исклучително лош и некоординиран урбанистички план за оваа парцела, кој не е според генералниот планиран развој на Скопје. А за да знаеме како правилно да го уредиме градот, потребен ни е податок за вистинскиот број на жители. Само кога ќе знаеме дали градот расте или опаѓа, ќе можеме да направиме споредба помеѓу изградениот и неизградениот простор, помеѓу јавниот и приватниот сооднос и вистинскиот пазар на недвижности. Повеќе од сигурни сме дека градот нема потреба од нови проширувања, дека нема потреба од нови градби и доволно ќе биде неизградениот простор да се прилагоди на јавниот интерес на жителите.
Градот им припаѓа на граѓаните и сметаме дека конечно е време јавниот интерес и здравјето на граѓаните да добијат приоритет пред профитот. Затоа решивме да започнеме отворен дијалог со жителите на градот и да прашаме: што му е потребно на Центар и Скопје? Прашања чии одговори можат да му дадат шанса на Скопје да (о)стане убав град.
Плановите се луѓето!“