Киоскот К67 е признат како еден од симболите на индустрискиот дизајн во социјалистичка Југославија, а создаден е во 1966 година од словенечкиот архитект и дизајнер Саша Јанез Мехтиг.
Дизајнот на киоскот се заснова на модули појачани со полифибер, кои можат да се користат како поединечни единици или да се комбинираат во поголеми агломерации, со можност да се користат за различни наменети.
Патентиран во 1967 година, па оттука и неговото име, K67 се појавуваше во различни комбинации на бои, при што најзастапена е црвената, па оттука и популарното име „црвен киоск“, додека модуларниот дизајн на единиците овозможуваше да се вклопи на речиси секоја локација.
Откако фабриката Имград од Љутомер во Словенија започна со сериско производство во 1968 година, култниот киоск можеше да се види речиси во секој агол на нашата поранешна татковина, но со нејзиното распаѓање полека почна да исчезнува од нашите улици.
Меѓутоа сега, архитектот од Белград, Никола Опачиќ, дошол на идеја овој мал дизајнерски бисер од времето на СФРЈ повторно да биде актуелен, но не на регионално, туку на светско ниво, покренувајќи ја иницијативата познатата компанија ЛЕГО да направи сопствена верзија на киоскот K67.
Страст кон коцки и емоции кон Југославија
Имено, најпознатите коцки во светот се големата страст на Опачиќ и, како што истакнува, се појавуваат на списокот со основни предмети за домаќинството на неговото семејство, а денес тој поседува стотици парчиња од различни комплети.
„Во тој куп една вечер ги барав оние парчиња од кои би можел да ја составам мојата сопствена верзија на Киоск К67. Тоа не беше едноставно редење на коцки. При неговото создавање таа вечер се споија две многу важни чувства за мене – страста за ЛЕГО која трае онолку долго колку што се сеќавам и длабоките емоции што ги чувствувам за Југославија, каде што сум роден“, вели архитектот.
Тој посочува дека киоскот К67 стана симбол на безграничната креативност на југословенската архитектура, дизајн и индустриско производство, но и сведоштво дека наједноставните работи можат да создадат приказни за цел живот.
„Дизајниран е од Саша Мехтиг кога имал само дваесет и пет години, веројатно несвесен дека ќе создаде ремек дело и симбол на заедништво и припадност. Фабриката што ги произведувала киосците не му исплаќала хонорари, па тој никогаш не се збогатил од својата идеја“, вели Опачиќ и додава: „Сакам да верувам дека барем срцето му било полно кога Музејот на модерна уметност (MoMA) во Њујорк го вклучи неговиот црвен прототип на киоскот во поставката. Она што го знам со сигурност е дека му се допадна мојата идеја за изградба на неговиот киоск од LEGO. Благодарение на безграничните простори на Интернет, до него стигна веста за иницијативата, а вечерта помината на подот во дневната соба и создавањето на црвената минијатура добија малку повеќе значење. Се разбира, тогаш не размислував за тоа“.
Приказни од југословенското секојдневие
Таа вечер, кога ја создавал својата верзија на К67, Опачиќ ги замислувал сите приказни што овој мал киоск може да ги раскаже – било да е на прометно место во прометниот Белград, Загреб, Љубљана или Скопје и Сараево или во оддалечен кварт на мал град на Јадранскиот брег.
Во двата случаи, посочува белградскиот архитект, тоа би биле приказни за секојдневието на луѓето кои минуваат, купуваат весници, пушат цигари или разговараат за политика пред да одат на работа.
„Додека ги држам моите ЛЕГО верзии на киоскот, се чувствувам како да имам временска капсула во рацете што ме враќа во најраното детство, младоста и првиот бакнеж. Нема да зборувам за првиот бакнежот, но ќе зборувам за сеќавањето на првото независно купување на плескавица. Имав, мислам, 11 години и отидов кај познатата Мајка Мара блиску пазаротј Калениќ, кој со години важеше за еден од најдобрите ресторани за брза храна во Белград, а како кујна го користеше токму црвениот киоск К67“, се присетува Опачиќ и додава: „Додека со двете раце ја фатив најсовршената плескавица што дотогаш сум ја пробал, бев толку возбуден што дури и не платив. Не ме обвинија, но секако се оддолжив во годините што следеа. Верувам дека потрошив скоро исто толку пари на плескавици кај Мара колку и на ЛЕГО“.
Гласајте за иницијативата на официјалната ЛЕГО платформа
На прашањето зошто токму киоскот K67 од ЛЕГО коцки, архитектот вели дека одговорот е всушност едноставен, иако веднаш не ви паѓа на памет.
„Двете работи се создадени во средината на минатиот век, и двете се модуларни, едноставни, а толку трајни и вредни од многу причини и на многу начини. Кога некој ќе каже ‘црвено коцкасто’, веројатно првото нешто што ви паѓа на памет се ЛЕГО и КИОСК“, вели Опачиќ: „Има нешто извонредно во таа слобода на модуларност – лесно да се составува, лесно се менува, долго трае, а сепак е толку нежно и кревко и ако за него не се грижи на вистински начин, лесно ќе се распадне, можеби како земјата во која е создаден. Значи, ни останува Киоск. ЛЕГО КИОСК К67“.
Можете да гласате за иницијативата на официјалната платформа LEGO IDEAS. Пред тоа, треба да креирате бесплатен налог, која ќе ви одземе една минута.