Тринаесет граѓански иницијативи и здруженија бараат од Владата да преземе итни и конкретни чекори за подобрување на состојбата со животната средина во Македонија со акцент на екстремно загадените воздух и почва. Во иницијативата испратена до сите надлежни институции детаљно се наведени барањата и роковите до кога се очекува да бидат исполнети од 2017 до крајот на 2018 година.
„Со оглед на хронично алармантно високата загаденост на воздухот во Република Македонија, бараме итни подобрувања на квалитетот на воздухот и на почвата, чие влијание е недвојбено поврзано за квалитетот на воздухот“, се вели во иницијативата, со која се бара целосно ревидирање на легислативата поврзана со животната средина.
Како критични извори на загадување се посочуваат ремедијацијата на ОХИС – Скопје и „Топилницата“ – Велес како најризични од 16 индустриски жешки точки и започнување/продолжување на процесот кај другите до комплетна санација. Исто така, се бара усогласување на оперативниот план на РЕК „Битола“ за А-ИСКЗ, филтри и затворен систем на отпрашување, дислокација на загадувачката индустрија надвор од населените места, минимум 10 километри надвор од границите, дислокација на фирмите за отпад надвор од населените места, како и раскинување на постојните договори за концесии и да се запре отворањето нови рудници за јаглен и металички минерални суровини.
Исто така, иницијаторите бараат забрана за рудници од површински коп и употреба на цијанид и забрана за движење низ градските средини на сите мобилни извори кои загадуваат под Евро 3-стандард, почнувајќи од Скопје, вклучително мобилната механизација во индустријата, градежништвото.
Во однос на урбанизмот и заштитата се бара мораториум на градење, првенствено во Скопје и Охрид, до комплетна ревизија на донесените ДУП-ови, особено СОВЖС и мандаторно вклучување во оценувањето на влијанието на климатските промени. Како и заштита на природата, на шумите, на реките, на езерата, на биодиверзитетот, на автохтоните видови, создавање биокоридори, особено по должината на реките, поврзани делови низ целата држава кои ќе овозможат непречено движење и пренесување на животинските и растителни видови.
Иницијаторите сметаат дека треба да се инвестира и субвенционира во одржлив туризам, органско земјоделство, обновливи извори на енергија, индивидуално производство на електрична енергија од сонце и ветер.
„Потребно е запирање на горењето на отпад, гуми, кабли од страна на ромската популација по должината на реката Вардар во град Скопје и на други локации во Македонија со нивно социјално згрижување и вклучување во образовниот систем и пазарот на труд. Вработувања во секторот на селектирање отпад. Субвенционирање ранливи категории во текот на грејната сезона со почисти извори на енергија, замена на печки, енергетска ефикасност“, велат иницијаторите.
Тие бараат и зголемување на транспарентноста на институциите и овозможување лесен и брз пристапот до информации со еден клик, соработка со граѓанскиот сектор, формирање работни групи за учествуво при изработка и измена на закони, прописи, стратешки документи и друго. Исто така, сметаат дека е потребно обезбедување доволно финансиски средства, резервни делови за мерните инструменти за континуирано мерење на квалитетот на воздухот и другите медиуми на животна средина, зајакнување со стручен кадар, персонал, опрема, обуки, стручна и подготвена инспекција за спроведување на сите проекти насочени кон ремедијација на деградираната животна средина, заштита на животната средина, мониторинг и информирање. (Макфакс)