Нашиот соработник, архитект Д-р Владимир Ладински, кој живее и работи во Англија (добитник на наградата Порта 3 за 2023 година) поднесе Предлог иницијатива за прогласување 24 февруари или 30 април ден на жените инженери и архитекти во Република Северна Македонија. Иницијативата е поднесена до Асоцијацијата на архитектите на Македонија – ААМ, Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери – КОАИ.
Во целост ви ја пренесуваме Предлог иницијативата.
Владимир Ладински
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Пред 105 години, во понеделник 24 фебруари 1919 година во Скопје, дипл.инж.арх. Јелена Томиќ-Бокур (1889 Белград – 1961 Белград) била промовирана во звањето подархитект од прва класа.
Оваа промоција потврдена со указ (декрет) од 30 април 1919 година се смета за прво именување на жена инженер архитект за државен службеник на територијата на бивша Југославија. До тогаш, жените можеле да бидат вработени само по договор на дело. Според расположивите информации, дипл.инж.арх. Јелена Томиќ-Бокур работела во Одделението Скопје на тогашното Министерство за градежништво во период од околу осум години од 1915 до 1923 година по што била прераспоредена на работа во Војводина каде останала до крајот на својот работен век.
Од тука дипл.инж.арх. Јелена Томиќ-Бокур се јавува не само како прва жена дипломиран инженер архитект примена во државна служба во Скопје, а на територијата од бивша Југославија, туку и како своевиден предвесник на трите жени инженери родени на територијата на денешна Република Северна Македонија, а коишто дипломирале пред почетокот на Втората светска војна:
• 1933 – дипл.гр.инж. Сабиха Рифат-Ѓурајман (1910 Битола – 2003 Измир)
• 1934 – дипл.инж.арх. Јованка Наумовиќ-Чолаковиќ (1911 с. Букојчани – ?)
• 1938 – дипл.инж.арх. Ратислава Вохоска/Вехоска-Маџаревиќ (1914 Скопје – ?)
Сабиха Рифат-Ѓурајман
Со ова се отвора можност Асоцијацијата на архитектите на Македонија – ААМ и Инженерската институција на Македонија да се приклучат кон слични инцијативи од други средини каде се одбележува придонесот на жените инженери и архитекти во развојот на инженерските дисциплини на своите територии.
На пример во Велика Британија, Кралскиот институт на британските архитекти 5 јуни го одбележува како „Денот на Етел“, преку кој се одбележува придонесот на жените архитекти, а во чест на арх. Етел Мери Чарлс која во 1898 година била избрана и примена како прва жена архитект во институтот.
Во надеж дека ќе бидете во можност да ја разгледате оваа предлог иницијатива и да ја подржите за да се реализира.
Со почит
Д-р. Владимир Б. Ладински, дипл.инж.арх
Нашиот соработник Ладински, минатата година веќе пишуваше за овие храбри жени кои го поминале макотрпниот пат во неговиот текст за Порта 3 – Хероини: Првенките на инженерството и архитектурата во Македонија.