Насловна / Вести / Инфраструктурата мора да биде државен, а не политички проект

Инфраструктурата мора да биде државен, а не политички проект

400, 500, 600 …… километри регионални, магистрални, автопатишта, пруги. Предизборни политички инфраструктурни наддавања од сите страни. Темелени, не на стручни, долгорочни, осмислени, издржани и одржливи анализи туку најчесто на евтини, популистички ПР стратегии во кои лесно ветените километрите се користат само како податлива мамка за освојување на што повеќе гласачки ливчиња. А потоа?!

autoroute

автопатот Демир Капија – Смоквица

Потоа, настапува моментот на вистината. Наместо километри асфалт – тони проблеми. Сериозни, тешко решливи, фрустрирачки. Купови незапочнати, недовршени или набрзина склопени проекти, често базирани на квази-инженерство, надри-истраги, формални ревизии, сомнителни договори со така-наречени надзори, залутани (бело)светски изведувачи. Се надоврзуваат компликувани постапки, бавни институции, персонални диверзии, разнобојни фидици, клејмови, варијации, стравови од одговорност.

DCIM100MEDIADJI_0138.JPG

автопатот Кичево – Охрид во изградба

Следат нереализирани ветувања, изневерени очекувања, (не)оправдани критики, притисоци од (не)информираната јавност. Па потоа, (не)вешти правдања, паника, импровизации, потпирање врз (не)стручен инженерски клиентелизам, притисоци за оставарување на дел од ветеното. Борба за квантитет наспроти квалитет. ,,Шпанска“ инфраструктурна серија со предвидлив крај – поразена инфраструктура, урнисано инженерство, политички суицид, општествена трагедија.

миладиновци-схтип

автопатот Миладиновци – Штип

Инфраструктурата, онаа сериозната, започнува со долгорочно планирање, сеопфатни анализи и се разбира со изработка на квалитетна проектна документација. Нешто што овде, при општото маргинализирање и релативизирање на интелектуалниот труд, скоро редовно се смета за нужно зло, инстант фаза, своевидна црна дупка во сложената инфраструктурна галаксија во која, особено за оние помалку информираните, единствено црниот чад од забревтаните, одамна амортизирани половни машини, представува вистински знак за почеток на нова градежна офанзива. И секако, тоа пропратено со театрална мешавина од хедонистичкото костумосано групно сечење на црвени ленти невешто бетонирање на виртуелните темели, ритмичен звук на формален аплауз и наместени насмевки.

А, токму квалитетните проекти, базирани на целосни и прецизни топографски, геометриски, геотехнички, хидролошки, еколошки и многу други истраги, проекти исполнети со знаење но и одговорност, проекти соодветно вреднувани (велат дека добро платениот проект не гарантира квалитет, но малку платениот гарантира неквалитет), се основниот предуслов за успешна и навремена реализација на квалитетни инфраструктурни објекти. Реализација ослободена од стресови, дополнителни експропријации, болни покачувања на предвидената инвестициска вредност, анекси, варијации, инженерски срам ……

patot

експресен пат Градско – Дреново

За ваквите инфраструктурни проекти потребни се и средства и време. Средствата се заработуваат или позајмаваат. Но времето ниту може да се купи, ниту пак да се приспособи на дневно-политичките потреби. Со оглед на тоа што четворогодишните политички модули се премногу куси за целосно заокружување на една инфраструктурна целина, најчесто се прибегнува или кон избрзано, не доволно подготвено, популистичко, крајно ризично започнување со градба, што со себе носи низа предизвици со несогледиви последици или кон постапно, макотрпно, исцрпувачко оформување на обемната инвестиционо техничка документација што пак во јавноста предизвикува привид на пасивност и некомпетентност. Како и да е, на крајот, гледано од политички аспект, губитници се и едните и другите. А, најголем, се разбира – државата.
Токму затоа инфраструктурата, барем оној нејзин најзначаен дел, треба да се ослободи од мобингот на деструктивните политички надмудрувања. Планирањето, како на потребите, така и на процесите, мора да и се довери на струката, а политичките успеси или неуспеси да се ценат според степенот и квалитетот на реализација на однапред специфицираните фазни активности. При планирањето на работите, преку суптилен позитивен протекционизам, треба да се води сметка и грижа и за реалната моќ на домашното градежништво, за потребата од потпомагање на неговиот раст, но и за расположивиот инженерски потенцијал и неопходноста од негово калење низ вакви градителски дела, Едновременото отворање на премногу фронтови, можеби во јавноста создава ренесансна економска слика, можеби влијае и на покачувањето на толку милуваниот и (пре)многу споменуван БДП, можеби на крај ќе донесе и некој глас повеќе, но едновремено тоа подразбира и поголеми задолжувања, отворени порти за полесен влез на странски компании и за излез на остварената добивка.
Поради сето ова.инфраструктурата мора да премине од политички во државен проект.Наивно е да се помисли дека оваа трансформација би минала глатко. Особено не во општество кое е крајно исполитизирано и набиено со негативна (само)деструктивна енергија. Но колку побрзо ова се оствари, толку подобро. За сите.

Автор: Проф. д-р Горан МАРКОВСКИ   

Испрати коментар

Scroll To Top