Инфраструктурата е демијург на модерниот сообраќај. И двонасочен спроводник низ кој, кон едната страна патува готов производ (познат како извршено патување, односно извршен транспорт), а кон другата, смеса од социјалнo-стопански придобивки. Но, таа не е само лиферант, некој што го доставува производот, туку и некој што го оформува и одредува кога, каде и на каков начин тоа ќе се изврши.
Одредувајќи се на тој начин и самата себе…
Патувачките почетоци беа исклучително бенигни. Потрага по храна и засолниште во непосредната околина. Потоа дојдоа миграциите на поголеми растојанија со исти мотиви, да се преживее и опстане. Денес се преживува во близина, а совладувањето на просторот на поголеми растојанија се прави за повисоки цели и задоволства. И сите економски и социјално оправдани. И поставени на „крилјата“ на современата технолошка култура.
Брзата, комфорна и евтина човечка односно материјална дислокација е прерогатив на овој милениум. Кој упорно се „ослободува“ од физичките и техничките пречки и потешкотии, креирајќи градби кои импресионираат и во габаритна и во функционална и во финансиска смисола. Поединечни детали за две од можеби не и најпознатите, но, според финансиско-технолошките критеируми на современата ера, секако најсложените и најскапите, овој пат се пред вас.
The Interstate – САД
Стравотијата на патувањето при неповолни метеоролошки услови „извира“ во елементарна форма доколку патната инфраструктура се сведе на земјено-макадамски делници. Свесна за комуникациските потреби кои големината на сопствениот територијален посед ги наметнува, младата, амбициозна американска демократија почнала на стартот на ХХ век да бара начин да го исчаши од лежиште тој инфраструктурен рецидив.
И да го типизира во форма на патна мрежа од национално значење која ќе ги соедини сите федерални единици и нивните главни градови. Во изворната идеја, во типичен прагматично-претприемачки манир, земени се предвид и феноменот на се поголемиот број приватни моторни возила, но и дистрибутивниот потенцијал на изворно поштенскиот сервис Rural Free Delivery.
Удобноста и просперитетот на руралните и развојот на урбаните средини се за првпат комуникациски-концептуално срамнети преку темелниот Federal Aid Road Act (т.н. Bankhead-Shackleford закон) од 1916 година. Предвидените 75 милиони долари биле финансиската „центрифуга“ која требала да исфрли coast-to-coast структура од интерконектирани примарни автопатишта. Освен реализациски мораториум, Големата војна, 1914-1918 година, донела нови сознајни искуства. После кои гласот на воената елита имал малку поинаква тежина.
Легислативниот наследник Federal Aid Highway Act од 1921 година (т.н. Phipps закон) придружен е со документ познат како Першингова мапа на повеќе од 32.000 километри автопатски рути проценето неопходни за мобилноста на американската армија (Генерал John J. Pershing, главен командант на американските трупи во Европа 1917-1918 година).
Маслинесто-зелената поддршка на проектниот бонитет е „забетонирана“ благодарение на фасцинацијата на воинот-претседател Dwight D. Eisenhower од комуникациските предности на окупираниот германски Reichsautobahn систем. Поддршка доволно силна да го спои неговото име со овој проект во форма на официјален и конечен назив.
Популарно позната како The Interstate, оваа гигантска мрежа од автопатски врски финално е официјализирана во 1956 година со т.н. Национален закон за меѓудржавни и одбранбени автопатишта.
Со одредени модификации од типот отфрлени урбани делници замислените обем и структура на The Interstate се реализирани дури 35 години подоцна. Дополнителните екстензии до 2013-та ја зголемиле веќе достигнатата должина на повеќе од 77.000 километри, кои „удомиле“ цела четвртина од националниот број на поминати километри. Екстензии „домашни“, но и оние „на гостински терен“, кои немаат копнена врска со матичното тло, но го „уживаат“ друштвото на американската морнарица и маринци. Како што се Аљаска, Хаваи и Порто Рико. Првично предвидениот реализациски буџет од 75 милиони долари во 2006 година ја надминал границата од 425.000.000.000 долари!
Сенките на големите проекти се, по правило, и „одморишта“ за по некоја легенда. За секоја петта автопатска милја на пример, предвидена како полетно-слетна патека во услови на надворешна воена агресија. Која, пак, федералните власти упорно ја демантираат. Туркајќи ја во преден план евакуациската важност на автопатските линии во услови на елементарни непогоди по системот contraflow lane reversal сите коловозни ленти во една, евакуациска насока. Но тоа е друга приказна…
Надморска висина |
|
Највисока |
3.401m (Тунел „Eisenhower“, Rocky Mountains, Colorado) |
Најниска |
-31m (Тунел „Fort McHenry“, Inner Harbor, Baltimore) |
Должина |
|
Најголема |
4.861m (I-90, Boston – Seattle) |
Најмала |
19.75m (Emery – Greensboro, North Carolina) |
Федерални единици |
|
Најмногу опслужени |
I-95 (Florida, Georgia, S. Carolina, N. Carolina, Virginia, DC, Maryland, Delaware, Pennsylvania, New Jersey, New York, Connecticut, Rhode Island, Massachusetts, New Hampshire, Maine) |
Најмногу рути |
29 (New York) |
Највеќе километри |
5.203,73km (Texas) |
The Crossrail – Велика Британија
Во алијансата од направи, кои светот и нашето поимање како да се снајдеме во него го ставија пред нови перспективи и дилеми, парната машина е меѓникот што ги „растури“ бариерите на просторот и времето. И кој ги постави темелите за современата антрополошка манија на „држење чекор“ со настаните, а на Британците им ја подари гордоста на домашните железници.
Стабилна и амбициозна цели 230 години од моментот кога шкотскиот пронаоѓач William Murdoch го изработил својот прототип на парната локомотива. The Crossrail е епитом на таа гордост. И еден од најголемите европски инфраструктурни проекти.
Големите концепти имаат долга инкубација. На пример од 1941-та и идејата на, сосема природно, железничарот George Dow за голема, дијаметрална тунелска врска помеѓу легендарните лондонски улици Liverpool и Paddington. Која набрзо е втемелена во развојните План за Лондонскиот регион (1943) и План за поширок Лондон (1944).
Терминот The Crossrail е „чедо“ на здружените напори на Министерството за животна средина и Советот на поширокиот Лондон во стратешки манир да се согледаат транспортните потреби на империјалната метропола, особено нејзините југоисточни делови (1974). Појдовната Liverpool-Paddington идеја веќе е само сегмент од поширокиот контекст на нови, јубилејни предог-линии и нивните екстензии, како и две подземни железнички врски: тунелите Northern и Southern.
Во намера да ги „прескокне“ забелешките за индикативната сличност со парискиот RER и хамбуршкиот S-Bahn, концептот прави обид инфраструктурно да „дофрли“ до аеродромот Heathrow. Признаената имагинативност на овој предлог, сепак губи „здив“ пред грубата проценка од околу 300.000.000 неопходни реализациски фунти.
Во периодот 1989 – 2009 година, стратешките акти и надлежните институции оперирале со добро „одлежани“ концептуални „продукти“, кои ги издржале битките со времето, бирократијата и, во однос на националната железничка гордост, пробирливата јавност. Срамежливиот предлог од 1944-та е „израснат“ во нови Crossrail предлог-идеи за поврзување на постојните железнички линии: East-West, City, North-South, Thameslink и Chelsea-Hackney. Проценетата цена на изведба и набавка на потребните возила само за East-West инфраструктурната опција изнесувала околу 885.000.000 стерлиншки парични единици.
Еволутивниот пат The Crossrail добил стероидна инјекција во 2004-та, во форма на инфраструктурни екстензии вон фокусното градско подрачје. Предложените продолженијата на железничката шема East-West до градовите Cambridge, Ipswich, Southend, Pitsea, Reading, Basingstoke и Northampton, не ја издржале пробата во кабинетот на градоначалникот на Лондон, со што е избегнато дополнителното финансиско оптоварување од проценети 13.000.000.000 фунти.
Најголемата градежна „тезга“ The Crossrail, составена од традиција, потреба, политичка волја и финансиска моќ, отворена е на 15 мај 2009 година. Да ја „запечати“ оваа идеја стара во тој момент веќе 65 години. Која во основа се базира на пет подземни тунелски делници под центраното подрачје на Лондон, спојувајќи ги Големата западна со Големата источна Главна железничка линија. Со 65 нови 200-метарски композиции со капацитет од 1.500 патници и максимални оперативни брзини до 160km/h.
The Crossrail, како идеален терен за британската минуциозност, затскриена понекогаш зад добро познатиот, фамозен традиционализам. Како што е сериозната дискусија во Домот на лордовите за потенцијалните заразни опасности од затруеното месо закопано на градежниот локалитет Smithfield во 1520 година! Па сè до јавниот отпор на љубителите на лондонскиот ноќен живот во однос на реализацијата на одделните инфраструктурни сегметни, кои би предизвикале затворање на повеќе историски музички објекти од клупски тип и непоправлива штета за реномето на британската музичка сцена. Сериозно и ситничаво, во вистински островски манир, впрочем како што и му доликува на овој железнички, инфраструктурен magnum opus …