Насловна / Вести / „ИнфраструктУРА“

„ИнфраструктУРА“

Кренати раменици. Тоа е најчестиот одговор на прашањето за препорака на квалитетен и  искусен инженерски кадар подготвен да се фати во коштец со актуелните инфраструктурни проекти низ Македонија.

Слично е и со потрагата по млади, тукушто стасани инженери. По оние кои би требало, под влијание на разбудени професионални хормони, силно мотивирани и младешко амбициозни , низ вакви сериозни проекти, трпеливо да созреваат и стручно да се надградуваат над нултата кота на која моментално се наоѓаат. Би требало…IMG_4258

Незгодна е инфраструктурата. Дава, но и многу бара. Осмислена финансиска конструкција, долгорочна консензуална државна стратегија, јасна визија, време, опременост, стручност, искуство, знаење. Многу знаење. Инфраструктурата едновремено овозможува и иницира. Овозможува побезбедна, поквалитетна, побрза, поедноставна комуникација. Иницира развој, вработувања, обрт на капиталот. Сé заедно – подобар живот.

Инфраструктурата има и други димензии. Таа поврзува и обединува. Места, градови, држави, континенти. Цивилизации, култури, идеи, народи, семејства, пријатели, личности. Зборува за зрелоста на државата, за нејзиното минато, сегашност, иднина. За визионерството и сериозноста на владетелите. Поранешните и сегашните.

Инфраструктурата е во јака интерактивна врска со инженерството. Со својата сложеност и комплексност поттикнува продлабочено учење, истражување, усовршување, вложување, технолошки развој… Истовремено обезбедува  услови за формирање и развој на сопствен инженерски идентитет, техничко-технолошка независност, за изградба и наградба на свој стручен потенцијал, компатибилен и компетитивен на оној на глобализираниот пазар.DSC_0396

Коридор 10, делница Демир Капија – Смоквица

Македонија е во фаза на своевидна инфраструктурна манија. Отворени се и се отвораат бројни сериозни градителски фронтови. Започнати се и се најавуваат нови градителски битки. Битки за кои е неопходна искусна, добро обучена и современо опремена бројна градителска армија. Квалитетна формациска структура која ќе гарантира инженерски победи во војната со природните препреки и градителски предизвици.

Структура која, за жал, под влијание на уништувачките алфа зрачења од транзицискиот атомски удар, полека и тивко атрофираше, губејќи го макотрпно изградениот кадровски и стручен потенцијал. Неколку децениската пустош во сферата на инфраструктурните вложувања, остави зад себе црни инженерски дупки кои сега мораат да се пополнуваат со увезен кадар. Со нешто што порано беше наш препознатлив извозен бренд. Суфицитот се претвори во дефицит.

Радиоактивниот облак предизвикан од ударот на инфраструктурната празнина, успешно потпомогнат од пратечката општествена катаклизма,  има(ше) масовно и долготрајно уништувачко дејство. Ја озрачи прво генерацијата на сега веќе (пред)пензионираните градителски генерали, кои, останувајќи долг период без сериозни градежни предизвици,  засолнувајќи се во ,,удобноста“ на тесните ќелии на бетонските атомски скривници, останаа заробени во подзастарените и веќе подзаборавени градителски доктрини. Паповки во време на беспилотни летала.IMG_5137

Делница Кичево – Охрид

Оние пак кои денес, барем според своето животно и работно искуство, требаше да ја преземат командата на првите инфраструктурни фронтовски линии, истоштени од долготрајните, монотони и бизарно непродуктивни животни битки за совладување на неинспиративни градежнички дребулии (поткровја, доградби, надградби, куќички, зградички, тротоарчиња…) и кои како генерали без војска, летаргично осамени во своите запуштени штабски канцелариички, (не)оправдано чувствуваат стручна инфериорност, несигурност и неподготвеност да се впуштат во битки со кои ќе го нарушат воспоставениот животен ,,комодитет“. Каков и да е.

Младите, пак, тукушто дипломирани инженерски поручници, целосно збунети од поразителните животни доктрини кои упорно им се сервираат како победнички, наместо со реални, многу полесно и со поголемо задоволство  се зафаќаат со развивање виртуелни Minecraft градителски стратегии. Со мислите веќе отпатувани надвор, повеќе возбуда и предизвик наоѓаат дури и во неинвентивното позадинско административно чекирање туѓи проекти и склерометрирање млади бетони, отколку во создавање свое градителско CV кое ќе им овозможи успешно искачување по скалилата на инфраструктурното знаење.

Ако кон сето ова се додадат и целосното исчезнување на категоријата техничари, своевидните градежни подофицери, како и масовната демобилизација на армијата квалитетни градежни работници, недвосмислено се наметнува потреба од сериозно разработена, повеќе слојна инфраструктурна стратегија.

Еден од можните пристапи води кон повнимателно, континуирано, постапно, временски поместено, отворање на помали инфраструктурни фронтови, прилагодени на моменталната реална моќ на нашата градителска армија (проектанти, ревиденти, изведувачи, надзори и др.).IMG_5093

На тој начин, преку посериозно сопствено финансиско учество и контрола врз процесот, би се создале пореални услови за позитивна дискриминација на домашните градежни компании или за порамноправен партнерски однос со квалитетните странски.

Поголем дел од вложените средства би останале на домашниот пазар,  што би иницирало постабилен и попредвидлив технолошки и кадровски развој, вложувања во модерни технологии и научни истражувања, како и во толку значајното постојано учење. Од битка во битка, сопствениот инженерски кадар, најсуптилниот сегмент во сложената инфраструктурна логистика,  професионално би созревал, и со тоа непосредно би влијаел на подигнување на стандардите и квалитетот на крајните производи, односно инфраструктурните дела.

Чинам така и повикот „ИнфраструктУРА“ би ја повел градежната армија во посеопфатна и подолгорочна инженерска победа.

Пишува: проф.д-р Горан Марковски

 

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top