Autodesk University (AU) е најголемиот и најважниот настан во годината кој ја третира проблематиката на информатичката технологија во АИГ-индустријата во светот. Се одржува еднаш годишно, во месец ноември, трае 3-4 дена, го посетуваат неколку илјади посетители кои за нешто над 2.000 долари (колку што чини целосната влезница) имаат можност да одберат помеѓу неколку стотини презентации, работилници, курсеви и слично. Присутните имаат можност од прва рака да слушнат за новите технологии кои се „крчкат“ во лабораториите на Autodesk, да научат нови вештини или пак да се дружат со колеги од индустријата. А интересот е навистина голем. На овогодишниот AU 2017 кој се одржа од 14-ти до 16-ти ноември во Лас Вегас, САД, присуствуваа околу 10.000 посетители, додека веб- страницата (http://au.autodesk.com) која го покрива настанот има околу 2.5 милиони регистрирани корисници. Битно за спомнување е и трендот на одржување на локални Autodesk University конференции низ целиот свет (на пример, во Лондон и Минхен во Европа и уште 12 низ целиот свет). За „закоравените“ корисници на Autodesk-овите апликации, Autodesk University се третира на ниво на аџилак.
Autodesk University 2017 беше јубилеен, 25-ти, и важен особено по неколку работи: дебитантскиот настап на новиот извршен директор на Autodesk, Ендрју Анагност и прикажаната цврста определба на компанијата да ги воведе и развива новите технологии како што се Artificial Intelligence, Machine Learning, Internet-of-Things во своите апликации. Ендрју Анагност е новиот извршен директор на Autodesk кој ја презеде диригентската палка од Карл Бас во јуни годинава. Како наследник на еден легендарен визионер кој успеа да го збогати портфолиото на Autodesk на 140 апликации и ја „турна“ компанијата кон новите технологии (БИМ пред сè), Ендрју има сериозна задача „да се раскрили“ и да ја оправда довербата кај инвеститорите, но и кај корисниците. Нималку воздржано, Ендрју, го стави акцентот на Autodesk University на информациите во центарот на вниманието на корисниците, одејќи неколку чекори напред во напредните технологии, а тотално „заборавајќи“ некои проекти во развој кои пред година-две беа најавувани како технологии на иднината. Новата визија на Autodesk за информациите во центарот на случувањата подразбира напуштање на традиционалната поделба на апликации, верзии и платформи од типот AutoCAD или Revit, или пак, Windows, Mac или Linux. Како што е тоа случајот со BIM 360 платформата, се очекува во блиска иднина, корисниците да работат на веб-платформа базирана на облак (cloud-based web platform) со тоа што податоците ќе се движат без пречки без разлика дали ни требаат ГИС или БИМ-податоци. Ендрју најави блиска соработка и партнерство со Esri, компанија која е лидер на полето на ГИС-системите. Во визијата на Autodesk, проектантите ќе можат своите БИМ-модели на објекти да ги постават во функционален ГИС-модел од кој подоцна ќе можат да се извлечат и употребат мноштво анализи и заклучоци корисни при оптимизација на трошоци или превенирање на незгоди. Од останатите партнерства и соработки, треба да се спомене и онаа со Dropbox. Најавено е дека наскоро корисниците ќе можат да прегледуваат и коригираат dwg (AutoCAD) фајлови во самиот Dropbox дури и да немаат инсталирано AutoCAD. Во однос на претходно најавуваната технологија со кодно име Project Quantum, која треба да ја замени Revit платформата, беше само штуро најавено дека дел од истата ќе биде вклучена во следната генерација на BIM 360 платформата. Очигледно дека токму BIM 360, но и Fusion 360 технологиите како Software-As-A-Service (SAAS) ќе ја предводат новата револуција во инженерските апликации. А причините за тоа се многу. SAAS-апликациите се базирани на облак, па лиценцирањето е по принцип на изнајмување на апликацијата (временски ограничена претплата). Корисниците би пристапувале на апликациите преку интернет без разлика дали станува збор за работна станица, лаптоп, таблет или мобилен. Не би постоеле (или барем би се свеле на минимум) локални инсталации на софтверите. Не би постоеле верзии, ниту пак одвоени апликации. Фајлот нема да патува од една до друга апликација, туку сите алатки/апликации би биле достапни преку една платформа која всушност би била предмет на изнајмување. Податоците во таков „екосистем“ на софтверски можности би се користеле во сите фази на еден животен циклус на објектите. Токму терминот „екосистем“ беше употребен за да се заменат софтверските пакети кои некогаш се викаа Suite, а денес Collections.
Апликациите базирани на облак, се чини дека се дотолку погодни за воведување на нови технологии, што Autodesk планира на голема врата да ги воведе технологиите како Artificial Intelligence, Machine Learning, Internet-of-Things со цел да се добијат најнапредни технолошки алатки. Во своето мошне интересно излагање, Ејми Буншел, потпретседател на „Дизајн и креативни продукти“, направи паралела помеѓу проектантите од една и пилотите од друга страна. Очигледно и двете групи на професионалци имаат одговорни задачи и раководат со нешта кои вредат милиони, односно милијарди долари. Сепак, пилотите се тие кои имаат на располагање исклучително напредна технологија, како што е тоа автопилот кој е способен да го донесе и слета авионот на посакуваната дестинација. Autodesk, рече Ејми, е решена да воведе слични state-of-art технологии во своите продукти на бенефит на корисниците. Времето е зрело за тоа бидејќи се создадени услови за новите технологии. Пример за тоа е ЕВА (AVA – Autodesk Virtual Agent). Ева е софтвер/услуга наменета за корисничка поддршка. Во случај на проблем, наместо контакт со човек, Autodesk ја нуди Ева. Ева разговара со нас, поставува прашања кои се битни за да го лоцира проблемот, а потоа дава и одговори, т.е. решенија на проблемот. Ејми Буншел ја пофали дека за еден месец, Ева помогнала при неверојатни 35.000 барања за корисничка поддршка. Ова е пример како уште една професија наскоро ќе замине во историјата (телефонски оператор за корисничка поддршка). Ова исто така е пример за воведување на вештачка интелигенција во ИТ. Вештачка интелигенција, упростено, е наука која се труди да ги прилагоди машините да извршуваат задачи и да носат одлуки како луѓето.
Учење на машините, како технологија пак, претставува напор да се испрограмираат машините да можат самите да извлечат заклучоци од стекнатите искуства и истите да ги искористат при носење независни одлуки. Ананд Раџагопал, пак објасни дека е дојдено времето за рапиден напредок во областа на учење на машините, бидејќи се развиени потребните техники и алатки за програмирање на машините, да научат нешто за што не биле програмирани. Како пример го наведе фактот што пред две години, оваа технологија срамежливо се спомнуваше додека денес е главна тема на развој на апликации на многу компании. Autodesk оваа технологија ја развива со кодно име Project Discover и веќе е употребена успешно во неколку наврати. Конкретно, во рамки на Generative Design алатките, употребена е технологијата учење на машините за дизајнирање на сала при Autodesk University 2017, при што софтверот генерирал околу 30.000 можни решенија. Подоцна преку нивна евалуација, софтверот предложил најприфатливо решение, кое било применето, а значајно се разликувало од решенијата од претходните години. Учење на машините како технологија во Autodesk-овите продукти е употребена и за уредување на Autodesk-овите канцеларии во Торонто, земајќи предвид критериуми како природно осветлување, стандардни димензии, потребна канцелариска опрема, најкратки растојанија, логични комуникациски врски итн. Во случајот на Van Wijnen компанијата, истата технологија е употребена за развој на градска четврт во Холандија, при што со избор на најоптималното решение се заштедени 50 % од предвидените средства и 15 % од предвиденото време за изведба. Конечно создаден е софтвер кој ја решава зададената програма, колку и да е комплексна, за најкратко време и со најоптимално решение.
Од останатите технологии и платформи презентирани на Autodesk University 2017, треба да се спомне и Autodesk Forge платформата која на корисниците, односно на софтверските инженери им дава околина за развој на апликации и додатоци на Autodesk-овите веб-базирани апликации во една униформирана средина без разлика за која апликација се работи. И навистина податоците се во центарот на вниманието. Колку и да се држеа говорниците до тоа дека Autodesk ги слуша корисниците и прави апликации согласно нивните барања и очекувања, што дефинитивно е точно, сепак мислам дека исто толку корисниците го слушаат Autodesk во она што компанијата ни вели дека е корисно за нас. Доказ? Длабоко верувам дека Autodesk-овите стратези и инженери, фантазираат повеќе од самите проектанти во однос на она што технологијата може да го направи за нас. Иако од далечина, сепак поради достапните видеа од презентациите, Autodesk University 2017 покажа како во блиска иднина ќе ги креираме работите.