Архитектонското студио Objekt Architecten во соработка со Ханс Стерк се претстави со проектот за реставрација на индустриска зграда лоцирана во градот Аaлст, Белгија, создавајќи нов изложбен салон за дизајнерски парчиња мебел.
Ентериерот го зајакнува индустрискиот и историскиот карактер без да запаѓа во стереотипи. Видлива е зависноста на комплексот со ентериерот, кој ги подобрува особеностите на дизајнерските парчиња и обратно, формирајќи простор каде луѓето лесно ќе пристапат и истражуваат.
Историски гледано, Алст е важен индустриски град на реката Дендер. Ова подрачје е познато по златното доба на текстилната индустрија, чиј гранка ќе прерасне во водечки епицентар на градот во 18 век. Своевремено, објектот бил текстилна фабрика, подоцна трансформирана во фабрика за пластика под закрила на Tupperware и денес е нов изложбен салон за дизајнерски мебел. При реновирањето на овој објект од историска вредност круцијално е при новата интервенција да се зачува неговиот индустриски карактер. Зградата се одликува со својата типична фасада со варијации од тула и се состои од систем од конектори и три симетрични галерии. Со промената на намената од индустриски објект во изложбен простор неопходна е адаптација на скалиштето на трите галерии во објектот, проучувајќи го односот помеѓу претходно постоечката структура и изложбените експонати.
Иако магацинскиот простор не бил првично вклучен во заштитата, тој сепак важи за архитектонско наследство од голема вредност. Како објект со историска вредност, од исклучителна важност е да се задржи неговиот индустриски карактер. Фасадите и партерот се обновени со посебен процес на чистење, со што се акцентира околниот контекст.
Предното фасадно платно на магацинот е обработено со шема од тули. Во сличен манир, се формирани армирани врамени отвори на врвот. Од една страна, бетонот на отворите совршено соодветствува со старите тули, а од друга страна, има и конструктивна улога. Ритамот од прозорски отвори на страничната фасада, до паркингот, служат да му обезбедат доволно природна светлина на објектот. Волуменот на објектот бара внимателно да се утврди односот помеѓу структуралноста и распоредот на изложбените експонати. Поради оваа причина, при дизајнирање на ентериерот, е одлучено да се работи со комбинации од три материјали – бетон, метал и дрво.
Под централниот кораб поставен е бетонски елемент кој се потпира на три конструктивни елементи. Истиот го обликува галерискиот простор и му обезбедува чувство на интимност и топлина на основниот изложбен салон. Обезбедува и дополнителен корисен простор на катот, каде се пристапува преку две бетонски скалишта. Главниот волумен се поврзува со новата интервенција зад него преку пешачката патека.
Во овој дел од комплексот има административни и технички простории како ( канцеларии, магацини, тоалети, технички простории и кујна ) каде што може да се организираат најразлични презентации за готвење (во контекст на продажбата на кујни). Специфичната и дистинктивна фасадна обработка на овој волумен со метал, исто така, визуелно ги издвојува различните функции кои ги содржи, заедно со партерот кој го задржува габаритот на стариот магацин. Овој надворешен простор обезбедува светлина во соседната галерија, каде во контекст на мебелот егзистираат и значителен број на растенија создавајќи зелена оаза што овозможува изложениот мебел да се прикаже во уникатен амбиент.