Архитектите од компанијата Arcgency го претвориле индустрискиот кран кој некогаш служел за јаглен, во простор за сместување на две лица во пристаништето во Копенхаген. Одморалиштето The Krane во населбата Nordhavn гледа на море и до него се стигнува по скали. Повеќеслојната структура карактеристична за индустриска зона претворена е во луксузно одморалиште.
На првиот кат од кранот е простор за прием и состаноци со стаклени ѕидови, додека на вториот кат е бања, тераса и дневен престој. Секоја област може да се изнајми одвоено.
Просторот со површина од 50 m2 на врвот, има минималистични уредена внатрешност во темни тонови, со цел да асоцира на јагленот кој некогаш се транспортирал. Опремен е со вграден мебел, како и елементи од кожа, дрво, камен и челик.
„Црната боја игра клучна улога во минимизирање на визуелните дистракции така што луѓето се чувствуваат обземени од ентериерот“ вели водечкиот архитект Mads Møller. „Постојат стотина различни нијанси на црната боја кои во зависност од времето можат да бидат многу суптилни“ додава тој.
„Погледот од кранот се пружа над Копенхаген, а природната светлина го надополнува доживувањето“, порачуваат архитектите. Сопственик на кранот е Klaus Kastbjerg, креатор на бројни проекти во крајбрежјето.