Насловна / Архитектура / Индустријата бара архитекти способни веднаш да се вклучат во работниот процес

Индустријата бара архитекти способни веднаш да се вклучат во работниот процес

На 12 јуни 2019 година во дигиталното издание на Порта 3 беше објавен написот под наслов „9 славни архитекти кои немале диплома“ кој беше многу читан, што укажува на значително ниво на интерес кај читателите на порталот.  Во текстот се појаснува како девет прочуени архитекти (Френк Лојд Рајт, Луис Саливан, Ле Корбизје, Миес ван дер Рое, Бакминстер Фулер, Луис Бараган, Карло Скарпа, Тадао Андо и Петер Цумтор) се стекнале со своето неформално образование коешто им овозможило не само да творат туку и да покажат исклучителни резултати во архитектурата во светски рамки и покрај отсуството на формални квалификации како што е универзитетска диплома.

Во рамките на текстот особено е интересен делот во кој се вели дека „Цумтор често гордо истакнувал дека никогаш не се стекнал со звање архитект, објаснувајќи го тоа на следниот начин: „Мис ван дер Ре и Ле Корбизје потекнуваат од традицијата во која архитектите сè уште знаеле како се работите направени и како да се направат добро. Архитектите сега сакаат да бидат филозофи или уметници.“  Се разбира ваквото мислење е прашање на личен став и видување на тоа што е архитектурата, но укажува на некоја поинаква традиција во доменот на обрзованието на архитектите.

3120089_shutterstock_734287003

Веројатно, поинтересно е тоа дека ние денес по малку се чудиме зошто познати архитекти немаат „формално“ образование, односно универзитетска диплома.  Ова во не толку далечното минато било норма. Гледано од историска перспектива, „формалното“ образование на архитектите е нешто релативно ново, кое пошироко се применува само во последните околу двесте години.  Во поголемиот остаток од историјата на цивилизацијата архитектурата се изучувала како занает каде заинтересираното лице работело како стажант (articled  pupil) кај архитект за да се обучи преку пракса во архитектоско биро, а за што кандидатот требало да му плати на архитектот учител.

Пребарувањата на интернет не даваат резултати за тоа кој е најстариот архитектонски факултет во светот, иако вообичаено се вели дека формалното образование на архитектите започнало порано во континентална Европа и САД во споредба со она во Велика Британија. Веројатно како една од најстарите школи по архитектура во светот се споменува Школата за убави уметности (Ecole des Beaux-Arts) во Париз основана од Кардиналот Мазарин во 1648 година. Нешто повеќе информации може да се најдат за професионалните здруженија на архитектите во светот чиишто корени се прoстираат помалку од два века наназад. Така, како петте најстари професионални здруженија на архитектите во светот се сметаат:

  1. Кралскиот институт на британските архитекти основан во 1834 година
  2. Кралскиот институт на архитектите во Ирска основан во 1839 година
  3. Кралскиот институт на холандски архитекти основан во 1842 година
  4. Американскиот институт на архитекти основан во 1857 година и
  5. Унијата на полски архитекти основана во 1877 година

1440px-Palais_des_etudes_ensba_paris_003

Школата за убави уметности (Ecole des Beaux-Arts) во Париз

И покрај тоа што Кралскиот институт на британски архитекти се смета за најстарото професионално здружение на архитектите во светот, како прва катедра по архитектура во Велика Британија се смета онаа на Бартлет (Bartlett), во рамките на Универзитскиот колеџ Лондон каде во 1841 година, 7 години по основањето на Кралскиот институт на британските архитекти, Томас Левертон Доналдсон бил именуван како првиот професор по архитектура. По иницијатива на архитектонските цртачи на обука кај архитекти, а коишто не биле задоволни од својата едукација, во 1847 година во Лондон била формирана Асоцијацијата на архитекти. Тука во петоците членовите се собирале за да си помогнат меѓусебно, но и преку повикани предавачи, изложби и дебати. Оттогаш до денес Архитектонската асоцијација прераснала во независна образовна институција со врвно светско реноме, која има едуцирано низа светски познати архитекти како што се, на пример, Питер Кук, Рем Кулхас и Заха Хадид.

Во 1862 година, a како одговор на петиција од Архитектонската асоцијација, Кралскиот институт на британските архитекти го вовел првиот доброволен испит за архитекти кој во изминатиот период станал задолжителен за да може да се стане архитект во Велика Британија. Дури во 1895 година во Велика Британија се појавила првата Школа за архитектура во рамките на универзитет, а тоа била Школата за архитектура при Универзитетот во Ливерпул која ги понудила и првите студиски програми за архитектура одобрени од страна на Кралскиот институт на британски архитекти. Оттука во Велика Британија, и денес не е само важно да се студира архитектура на акредитирана високообразовна институција во државата, туку и програмата на школата да биде формално одобрена (валидирана) од страна на Кралскиот институт на британските архитекти. Во спротивно, стекнатите универзитетски квалификации не се формално професионално признаени за да се стане архитект и да се влезе во струката. Инаку, во моментов во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска има 61 школа или образовна институција за архитектура или приближно по една образовна институција на секој 1,1 милион жители.

RIBA

Кралскиот институт на британските архитекти

И покрај богатиот историски развој на формалното образование на архитектите, Велика Британија сè уште е земја каде идните архитекти можат да се стекнат со своето образование преку историски традиционалниот пристап на стажирање под менторство на архитект и преку полагање на трите дела на испитот на Кралскиот институт на британски архитекти. По полагање на првиот дел од испитот којшто го покрива подготвителниот дел на студиите тие се стекнуваат со Сертификат по архитектура.  По полагање на вториот дел од испитот кој го покрива стручниот дел на студиите тие се стекнуваат со диплома по архитектура. Станува збор за стручни, а не за академски квалификации на Кралскиот институт на британските архитекти. Третиот дел од испитот кој ја покрива професионалната пракса е ист за сите кандидати, без оглед дали се образовале преку стажирање или пак преку формално образование. По полагањето на овој испит кандидатите се стекнуваат со право да се регистрираат (лиценцираат) како архитекти. Во моментов секое лице кое работи во биро во Обединетото Кралство, Европската Унија и Европската економска зона под менторство на регистриран/лиценциран архитект може да се обучи во доменот на архитектурата на овој начин.

Ваквиот начин на студирање преку стражирање во биро во минатото бил организиран од страна на Кралскиот институт на британски архитекти, којшто во последно време администрацијата на програмата ја имаат префрлено на Оксфорд Брукс универзитетот во Оксфорд.  И покрај ова од кандидатите се очекува да поминат најмногу до пет дена секоја година во Оксфорд за време на нивната обука за да посетат работилница, испити и нивната работа да биде оценета. По овој модел, сè уште се очекува стажантот (ученикот) да му плати на својот учител (архитект) за менторството.

liverpul

Школата за архитектура при Универзитетот во Ливерпул

Како земја позната по своите традиции, веројатно воопшто не е чудно, дека во Велика Британија сè уште опстојува систем за обука на архитектите чиишто корени длабоко го надминуваат периодот во кој бил воспоставен и опстојува формалниот систем за едукација во доменот на архитектурата.

170 години по основањето на Архитектонската асоцијација во Лондон, во 2017 година во Велика Британија се воспоставија темелите на еден осовремен хибриден систем на едукација во која традиционалниот систем на обука во доменот на архитектурата преку пракса се комбинира со формално образование во рамките на високообразовна установа. Станува збор за современо помошништво (modern apprenticeship).  Во овој модел кандидатот се вработува како помошник во архитектонско биро за што добива одредена плата. Кандидатот наместо пет, работи четири дена во неделата, а петтиот ден го поминува во високообразовна институција на формална обука. За да се заврши само првиот, подготвителен дел, од испитот на Кралскиот институт на британските архитекти, кандидатот треба да се запише на Ниво 5 помошништво (Level 5 Apprenticeship), а за да го заврши стручниот дел и завршниот испит на Ниво 7 помошништво (Level 7 Apprenticeship).

mapa

Во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска има 61 школа

Овој нов систем на хибридно образование е базиран на воведувањето на задолжителниот придонес за помошништво (apprenticeship levy) во износ од 0,5 проценти од сметката за исплата на платите за сите вработени во една организација на годишно ниво, придонес којшто го плаќаат само оние организации чијашто годишна сметка за платите е 3 или повеќе милиони фунти, или некаде околу 2 проценти од сите работни организации во земјата.  Според правилата, организациите коишто го плаќаат овој задолжителен придонес потоа можат да побараат ефективно наменско враќање на уплатените средства од придонесот под услов истите да се користат за вработување на помошник којшто ќе се обучува за струка било дали да е архитектура или некоја друга.  На овој начин се очекува околу 3 милиони помошништва да отпочнат до 2020 година со што ќе се одговори на барањата од индустријата за стручни кадри коишто веднаш се способни да се вклучат во работниот процес на организацијата.

Каква е атрактивноста на овој модел за идните архитекти коишто ќе ја одберат оваа нова хибридна патека. Со оглед на тоа дека обуката на архитект трае најмалку 7 години, оние што ќе ја изберат оваа патека ќе се стекнат со најмалку 7 години стаж во струката и пензиски придонеси пред да се квалификуваат како архитекти. Дополнително тие нема да плаќаат школарини, а ќе примаат плата за целиот тој период.  Наспроти нив, оние коишто ќе ја изберат повообичаената патека за образование преку редовни студии ќе треба, најчесто, да се задолжат на износ од околу 100 илјади фунти коишто ќе треба да ги отплатат со камата откога ќе се вработат до педесеттите години на својот живот, а во меѓувреме ќе имаат ограничена кредитоспособност за да си го решат своето станбено прашање и сл. Се разбира втората категорија ќе биде изложена на искуството од студентскиот живот и пошироката академска едукација. Но во услови кога годишната школарина на јавните високообразовни институции е некаде околу 40 – 50 % од просечната годишна нето-плата во земјата, финансискиот елемент може да биде пресуден при донесувањето на одлуката која патека да се избере барем за дел од студентите.

American Institute of Architects Logo

Се чини дека во земјата на традицијата, традицијата во доменот на обуката на архитекти преку стаж во архитектонско биро сè уште опстојува и коегзистира со доминантниот систем на образование во универзитети и други високообразовни институции, но дека истовремено се прават обиди да се најдат можности и нови модели за образование на потребните стручни кадри на начин којшто го прави ова стручно образование достапно и во времето на високи школарини за студии на јавните високообразовни институции.

Испрати коментар

Scroll To Top