Индиската компанија Ringing Bells започна да продава смартфони по цена од четири долари, досега најевтината цена во светот, пренесува CNN.
Компанијата го претстави овој модел на смартфон, Freedom 251, уште во февруари, но откако само за неколку дена доби премногу нарачки мораше да го одложи претставувањето. Овој 3G смартфон работи на оперативниот систем Андроид и има камера од 3,2 мегапиксели.
Индиската компанија најпрво во продажба ќе пушти пет илјади смартфони, а бројката потоа би можела да се зголеми и до 200 илјади, во зависност од побарувачката на пазарот.
Мохит Гоел, кој е еден од основачите на Ringing Bells, изјавил дека неговата цел да е да ги направи смартфоните достапни за сите. Гоел објаснил дека смартфонот се произведува во Индија, но од надворешни компании, и дека за изработката на еден модел се потребни околу 12 долари. Компанијата планира да ги покрие своите загуби преку рекламирањето и останатите приходи, додал тој.
Компанијата се соочи со доста критики околу овој смартфон, а претставници на индиската IT индустрија изразиле низа сомневања во продуктот поради тоа што цената е премногу ниска.