Не напуште еден од најголемите архитекти што некогаш сме ги имале и најверната читателка на Порта 3, големата Вера Ќосевска.
Вера Ќосевска (моминско Ротман) е родена на 27 март 1929 година во Осјек, Хрватска. Ќерка е на Јелка и Стјепан Ротман, а сопруга на исто така значаен архитект, урбанист Владимир Ќосевски.
Основно образование завршила во Осијек, а гимназија учела во Загреб и Белград, каде положила матура во јуни 1948 година. Во септември 1948 година се запишала на Архитектонски Факултет при Универзитетот во Белград, каде дипломирала на 25 јуни 1953 година во класата на професор Станко Клиска, со проектот: Болница за костнозглобна ТБЦ во Калиште на Охридското Езеро.
По дипломирањето со сопругот доаѓа во Македонија и се вработила во проектансткото биро „Проектант“, потоа во средина на 50-тите години работела во Заводите за урбанизам на Скопје и Охрид. Во 1959 година се вработува во проектантското биро „Агропроект – Југопроект“, а во 1961 година преоѓа во големото проектантско биро на ГП „Пелагонија“, каде останува се до пензиониеањето на 27 март 1989 година.
Во својата професионална кариера работела проекти од скоро сите области на архитектонското проектирање. Изработила приближно 150 проекти од кои 103 се реализирани, а 48 проекти не се реализирале од разни причини. Работела на објекти со различна намена од станбени, преку деловни, угостителски, здравствени, образовни до објекти од културата. Нејзиниот творечки опус е неверојатно обемен и широк и оставила неизбришива трага на архитектонската сцена.
Блокови Градски ѕид – Скопје, 1968-71
Во текот на професионалната кариера учествувала со своето искуство од актуелните архитектонско – урбанистички теми на разни советувања, симпозиуми и конгреси кои се одржувале во градовите на СФРЈ, во Загреб, Белград, Љубљана, Нови Сад, Опатија, Ровињ и други.
Од 1974 – 1978 год. одржан е циклус од три советувања за станбена изградба во Белград, Сплит и Опатија, каде ги презентира своите искуства за станбената изградба во Македонија.
Хотел „Панорама“ во Радовиш, 1974
За својата работа како архитект, проектант добила повеќе признаија и награди:
- Спомен плакета– „6 Ноември”- највисока награда на Општинско Собрание на Радовиш, за хотелот „Панорама” во Радовиш – 1980 година
- Спомен плакета– од ГП Пелагонија по повод доделувањето на највисоката Југословенска награда АВНОЈ на ГП Пелагонија – 1980 година
- Диплома на III БИМАС за проектот „ЦМЗ Живко Брајковски” во Општина Чаир во Скопје
- Златен индекс – од Архитектонски Факултет во Белград, по повод 50 годишниот јубилеј од осамостојувањето на Факултетот
- Награда „Андреја Дамјанов“ 2014 година од ААМ за животно дело
Доделување на наградата на ААМ, „Андреја Дамјанов“ во 2014 г.
Од пребогатиот опус на Вера Ќосевска на реализирани објекти позначајни се:
- Судската зграда во Охрид, 1961
- Здравствен дом во Струмица, 1963
- Населба “11 Октомври” во Скопје, 1964
- Болница во Куманово, 1964
- Општа болница во Струмица, 1966
- Гинекологија – Чаир во Скопје, 1966
- Педагошка академија во Штип, 1966
- Блокови Градски ѕид – Скопје, 1968
- Противпожарен дом во Скопје, 1969
- Комплекс Москва (до скоро Интекс)– Скопје, 1969
- Театарот на народностите во Скопје (денес Албански театар), 1969
- Градски ѕид во Скопје, 1971
- Хотел „Панорама“ во Радовиш, 1974
- Стоковна куќа во Куманово, 1975-76
- Хотел „Југо“ во Гевгелија, 1977
- Здравствен дом – Валандово, 1982
- Месна заедница „Живко Брајковски“ во Скопје
- Полициска станица Гази Баба – Скопје, 1985Здравствен дом во Струмица;
- Педагошка академија (со арх. Љ. Маленкова) во Штип;
Посмртните останки на Вера Ќосевска ќе бидат изложени утре, 20.08.2024 во каплета на градските гробишта „Бутел“ од 11:00 до 12:00 часот.
Порта 3 изразува искрено сочувство до семејството. Вера Ќосевска почивај во мир, ќе те чуваме од заборав.
Комплекс Москва (до скоро Интекс)– Скопје, 1969
Театарот на народностите во Скопје (денес Албански театар), 1969
Хотел „Југо“ во Гевгелија, 1977