Голема е празнината што остана зад академскиот сликар, професор Владимир Георгиевски, со неговото заминување од овој свет. Неговиот удел во педагошкиот процес на Архитектонскиот факултет во Скопје е од особено значење. Со професор Георгиевски, предавањата по предметите Ликовно изразување и Пластично обликување станаа дел од редовната наставна практика: предавања за кои секогаш се бараше столче повеќе. Неговиот чудесен интелект, неговите широки познавања и духовен багаж, долгите и темелни разговори и анализи што со вонредна леснотија ги водеше, ги осветлуваа сè уште неразјаснетите загатки и патишта на студентите, наведувајќи ги постојано да длабат по сопственото духовно битие.
Неговите продлабочени познавања од областа на Уметноста, Естетиката и Филозофијата, беа секогаш бескрајно инспиративни за студентите – идни архитекти. Бројните сеќавања од страна на студентите, само потврдуваат колку Георгиевски бил редок и почитуван Учител, од кој може бескрајно многу да се научи. Ги учеше што значи да се носи во себе таа мудрост за откривање на убавото во секојдневните нешта, за жестоката спротивставеност низ која опстојува Божествената хармонија, за единството на спротивностите што водат до вечната убавина, како единствена смисла на човековото постоење.
„Убавината, онаа живата, може да го распрсне срцето и да го просветли умот“, велеше. Веруваше дека Убавината може да го препороди Човештвото.
Архитектурата ја разбираше, пред сè, како уметност, уметност на просторот. Им говореше за чудесните димензии на композицијата, линијата, бојата, ритамот, светлото и темното во градењето на Просторот. Велеше дека секој ден носи во себе нови содржини, кои треба да се откријат и разјаснат, и дека секој Човек за себе е вистинско богатство и вистинска различност. Ги учеше како се слави Личноста на творецот и нејзиниот најголем идеал Слободата. Вистинскиот Творец е затвореник на сопствената бескрајна Слобода! Творечкиот чин е најдлабокиот облик на живеење, мислење и бележење на вистината од другата страна на привидот. Творечкиот чин е од Бога всаден во човека, и тој е должен низ него да создава, а не да руши, да раѓа, а не да убива!
Сметаше дека цртежот, пастелот, сликата и скулптурата се само привидно различни ликовни дисциплини. Тоа што ги обединува е секако напорот во нив да се втисне Душата. Без неа тие би биле само обична вештина!
Седнат на своето троножно столче во ателјето, во својот син работен мантил, со слоеви боја на рацете, со звуците на Моцартовиот Реквием, кои допираа од старото радио, секој ден и во секој миг црташе и сликаше со чувство како да е последен, неповторлив и недофатлив. Безброј цртежи, слики, картони и записи во неговите блокчиња, исцртани, како што умееше да каже, со Умот и Срцето, кои восхитуваат со магијата и убавината во нив – онаа што во себе ја носи нејзината онтолошка и вонвременска димензија! Умееше со неверојатна прецизност и виртуозност да ги пресоздаде и оживее нештата пред нас. Човекот, цветот, дрвото, птицата, реката, ѕвездите, облаците и небото!
„Сè е ЕДНО и сè е во нас!“ И радоста и тагата, и убавото и грдото, и ведрината и страдањето, и ангелското и демонското во човека, тука добиваат својa најдлабокa смислa… Видени со проникливото, продорно око на професор Владимир Георгиевски и оживеани низ силната имагинација, фантазија и интелект на неговата Личност, тие директно допираат до нас и нашето Духовно око.
И навидум обичните и на прв поглед реалистични мотиви, тука се само појдовна точка за една длабока, цртачка контемплација, која низ нив секогаш одново ја промислува човековата егзистенцијална драма. Творештво исполнето со пораките на христијанската идеја за спасението, за чистината на постоењето и покајанието… Сечовечка ода на страдањето. Силно впечатливата индивидуална ликовна експресија со богата емотивна доживеаност, втиснува низ нив уште една неизбришлива трага во македонската современа уметност.
„ЦРТАМ, ЗНАЧИ ЖИВЕАМ“ беше вистински начин на постоење, комуницирање и творечко кредо на Маестро Владимир Георгиевски! И токму кога снагата повеќе не му го дозволуваше тоа, Тој не напушти.
„Спомените, доколку се живи, не се раскажуваат докрај… Нивната целост е потребна кога човек ќе отпатува од другата страна на Сонцето!“, имаше забележано… Верувам дека професор Владимир Георгиевски, ќе отслика и раскаже уште многу свои нераскажани слики и спомени во Небесното царство!
Нека му е вечна слава!
м-р Наташа Милованчев, aкад.сликар, дипл.инж.арх.
УЧЕНИКОТ И УЧИТЕЛОТ
Тој ден Ученикот и Учителот беа загледани во Пролетта…
Ученикот: Како да се наслика дрвото расцветено, Учителе?
Учителот: Отвори ја душата и оттаму нека излезе бојата и нека расцвета!
Ученикот: Колку вода да ставам во неа?
Учителот: Точно толку колку што имаш солзи во тебе…
Ученикот: Зошто солзи, Учителе?
Учителот: Убавината на цветањето, за оној што сака да ја наслика, е длабок потрес – солзите сами доаѓаат и плават…
(Во чест на Љубомир Белогаски, мојот почитуван учител),
Владимир Георгиевски, академски сликар