На 6-ти март престана да чука племенитото срце на проф. Андреј Токарев (1935-2021), дипл.инж.арх., кој даде голем придонес за развојот на нашето општество во различни области.
По завршувањето на средното образование во Струмица, со голем успех тој го завршува и Архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Скопје. Тој се вработува во Општина Струмица, каде набрзо станува началник на одделението за станбено-комунални дејности. Во тоа време, тој изработува неколку проекти за административни згради (Комерцијална банка, Водостопанска заедница и Електродистрибуција), како и станбена кула на градското пазариште и план за реконструкција на тогаш познатото кино Балкан.
Во тој период, Заводот за урбанизам и станбено-комунална техника на Македонија, започнува да работи нов урбанистички план на Струмица, при што Андреј. Г. Токарев станува копланер во изработката. Неговите стручни квалитети придонесуваат, тој да биде поканет на работа во Заводот. Како овластен урбанист, тој учествува и раководи со изработката на неколку урбанистички планови во Македонија (бања Банско-Струмица, Гевгелија, Делчево, рекреативен центар Голак, Маврово и др). Тој станува претседател на Друштвото на урбанистите на Македонија и член на претседателството на Сојузот на урбанистите на Југославија.
Истовремено со урбанистичката дејност, А. Г. Токарев се истакнува и како архитект ко/проектант и изработува голем број проекти за станбени згради и хотели (Инекс на Попова Шапка, Инекс Дрим во Струга, Белви во Скопје, во Делчево, мотел во Гевгелија) и други јавни објекти, меѓу кои и Драмскиот театар во Скопје.
Квалитетите на А. Г. Токарев стануваат пошироко познати, така што тој е избран за доцент на Архитектонскиот факултет во Скопје по предметот Урбанизам. Таму ги поминува сите наставни звања, се до редовен професор. Тој станува продекан и декан на факултетот во периодот од 1980-1985 год. Како познат урбанист, тој е често присутен во својство на консултант или советник при изработката на низа урбанистички планови, меѓу кои ГУП на Скопје и Просторниот план на Р. Македонија.
Стручно-научните квалитети на А. Г. Токарев придонесуваат тој да биде избран и за Републички министер по урбанизам, градежништво, сообраќај и заштита на човековата околина (1985-1990). Во тоа својство, тој многу придонесува во изградбата на колекторските системи за заштита на водите на нашите три природни езера, како и во изградбата нови патишта на следниве делници: Струмица-Берово-Бугарска граница, регионалниот пат за Крива Паланка и Гостивар-Кичево.
По пензионирањето (2000), А. Г. Токарев станува генерален координатор на Конзорциумот за изработка на инфраструктурниот мегапроект за интегрален развој на Вардарската долина, во соработка со француската Национална компанија Рона. Поради разни економски – политички и други причини, истиот постепено и делумно се реализира.
Уште во далечната 1978 година А. Г. Токарев раководи со тим, кој го изработува урбанистичкиот проект за 9–та станбена заедница во Струмица наменета за околу 8000 жители, што во вид на амфитеатарска структура беше предвидено да се смести кај старите лозја, близу фабриката Еленица. На таков начин би се создало хигиенско здраво домување и би се спасило плодното земјиште, кое подоцна е зафатено со проширувањето на градот. За жал, овој локалитет подоцна е нападнат со дивоградби, кои ја загрозуваат животната средина.
За саканата Струмица, А. Г. Токарев го прави и го презентира проектот за културно-забавен центар Струма, во вид на стаклена пирамида изработена по методата на златен пресек. Посебно внимание тој посветува на проучувањето и проектирањето верска архитектура. Најпрво, тој го проектира верскиот ансамбл во Делчево, продолжувајќи ги традиционалните вредности на овој вид архитектура. Подоцна, тој се занимава со изнаоѓањето начини за современа интерпретација на наследните вредности со користење на нови просторни композиции и градежни техники. За своите напори, тој добива пофалби од раководството на Православната црква.
М. Токарев