Проф. д-р Зоран Милутиновиќ (1950 – 2023), редовен професор на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС). Доајен на македонското и европското земјотресно инженерство.
Проф. Зоран Милутиновиќ беше афирмиран научник во областа на земјотресното инженерство, управувањето со катастрофи и стратешкото планирање. Докторираше на Универзитетот во Кјото, Јапонија во 1986 година. Автор е и коавтор на најмалку 164 научни реферати, 382 научно стручни публикации и две книги. Беше дел од уредувачките одбори на неколку меѓународни списанија.
Беше професор во ИЗИИС од 1992 година и визитинг професор на Универзитетите во Кобе (1994) и Кјото (2001), Јапонија и Универзитетот „УНИОН – Никола Тесла“, Факултет за градежен менаџмент, Белград, Србија (2008-2015).
Раководеше со Одделот за ризик, управување со катастрофи и стратешко планирање во ИЗИИС до 2017 година. Беше директор на Европскиот центар за повредливост на индустриски и витални системи (ECILS) при Советот на Европа EUR-OPA MHA, формиран под негово раководство (1997 – 2018). Беше проект менаџер на големи национални и меѓународни проекти, консултант и експерт на различни агенции на Обединетите нации и Советот на Европа.
Проф. Зоран Милутиновиќ беше генерален секретар на Македонската асоцијација за земјотресно инженерство; член и национален делегат во Европската и Светската асоцијација за земјотресно инженерство, член на Извршниот одбор на НВО Балкански безбедносен форум; носител на Одликување Крст за цивилна заштита ранг III доделено од Цивилна заштита и управа за катастрофи при Министерство за внатрешни работи и правда, Боливарска Република Венецуела.
Добитник е на бројни награди и признанија за научната и стручна работа, посебно за неговото учество во послеземјотресните мисии и изработка на стратешки документи и планови од интерес за државата.
Вечна слава професоре!