Насловна / Архитектура / ИН МЕМОРИАМ: Михајло Волканов (1941 – 2020)

ИН МЕМОРИАМ: Михајло Волканов (1941 – 2020)

Верен на идеалите за егалитарен свет кој може да се оствари преку архитектурата

После кусо боледување, почина проф. д-р Михајло Волканов, редовен професор на Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје.

Најсилниот белег на четиридецениското делување на проф. д-р Михајло Волканов како педагог и архитект е неговата исклучително конзистентна мисловна траекторија, формирана под влијание на социјалната идеологија и изворните принципи на модернизмот на Баухаус, што се должи пред сé на неговата наобразба во германските интелектуални центри.

20200622_093433_resize

Роден е 1941 година во Призрен. Студирал и дипломирал на Архитектонскиот оддел при Техничкиот факултет во Скопје и минал двосеместрален стипендиран престој на Архитектонскиот факултет при Техничкиот универзитет во Западен Берлин на катедрата на Проф. Петер Пелцих (Peter Poelzig). Во 1976 ги завршил специјалистичките студии, во 1977 остварил студиски престој на Архитектонскиот факултет во Вајмар, a во 1979 година докторирал на Архитектонскиот оддел на Техничкиот универзитет во Дрезден, Германија кај проф. Хелмут Тројцетл (Helmut Trauzettel).

rasadnik_resize

Влијанието на протагонистите на социјалната идеологија на модернизмот, особено по прашањето на програмската типизација, стандардизација и нормативното проектирање како квалитативни критериуми на општествено одговорната архитектура, неспорно се клучни за личниот идолум на проф. Волканов и за неговото понатамошно позиционирање на рационалната, функционалистичка, и пред сè етичка линија на архитектурата.

ЈН

Спортска сала „Јане Сандански“ во Скопје од 1982

Од 1968 до 2006 година, проф. Волканов образувал генерации македонски архитекти на Катедрата за проектирање на општествени згради при Институтот за архитектонско проектирање на Архитектонскиот факултет.

Како помлад соработник на проф. Славко Брезоски, (со проф. Мартин Гулески) учествувал на повеќе проекти и реализации, како Домот на пензионерите во Чаир, Скопје од 1980 и хотелот Славија на Попова Шапка од 1982 година.

20200622_093555_resize

Домот на пензионерите во Чаир

Зградите за физичка култура – Затворен пливачки базен во Чаир, Скопје од 1981, Спортска сала „Јане Сандански“ во Скопје од 1982 и Спортска сала „Расадник“ во Скопје од 1983 го одбележуваат неговиот самостоен проектантски и истражувачки опус.

Проф. Михајло Волканов учествувал и на бројни архитектонски конкурси, а во 1981 ја добива првата награда за типска спортска сала и затворен пливачки базен во Скопје, за кои е добитник и на специјалната награда на БИМАС истата година. Добитник е на специјално признание на БИМАС ‘97 за Училишна спортска сала во Демир Хисар (со Ж. Поповски, М. Гулески, А. Христова).

IMG_8401-HD-1

Проф. Михајло Волканов до крајот на својот живот остана верен на идеалите за егалитарен свет кој може да се оствари преку архитектурата. Тој веруваше дека едукациската моќ на архитектурата е најсилното оружје во борбата за остварување на тој социјално правичен свет. И тоа е уникатниот легат на патот што тој го отвори за новите генерации, како поука, но и обврска од Професорот којшто ќе остане вечно во наш незаборав.

Слава му

Проф. д-р Анета Христова-Поповска

2 коментари

  1. Петар Парлиќ

    НЕКА МУ Е ЛЕСНА ЗЕМЈАТА !!!
    СЛАВА МУ !!!

  2. Марјан

    Слава му, нека почива во мир. Еден од омилените професори.

Испрати коментар

Scroll To Top