Не нашушти драг колега и племенит човек, архитект Крсте С. Џидров – Џиби.
Џиби е роден во 1950 година во Скопје, каде завршил основно училиште, гимназија и дипломирал архитектура на Архитектонско-градежниот факултет, кај професор Борис Чипан.
Од 1980 до 2004 како архитект проектант, работи во АД Алумина, во почетокот во службата за пропаганда, а потоа во проектантското биро и работи на проекти за фасади, според производната програма на Алумина, за објекти во Македонија, СФР Југославија, Бугарија, Романија, Албанија, Русија, Алжир, Кувајт. Овој дел од работата го третира како „стручен сервис“ на колегите архитекти проектанти за квалитетно реализирање на нивните проекти.
Од 1976 до 1990 е дел и член на архитектонско-проектантската група АЈВАР и работи на десетина проекти: училиште, музеј, административни објекти, библиотека, спортски сали, гробишта, хотели и друго.
Тој во периодот од 2002 до 2020 е технички директор на Детскиот театарски центар, (поранешно кино „Напредок“ во Старата скопска чаршија).
„Ревизор“(Сараево)
Во 2003 е избран за доцент на Факултетот за драмски уметности, предмет сценографија за театар и филм.
Од 2005 Џидров по одењето на АД Алумина во стечај, станува „фриленсер“ и има статус на слободен уметник.
„Мост“
Работи сценографии за театар, филм, телевизија и др. Работи и графички дизајн, плакати, пропаганден материал, уредување саемски изложби, уметнички поставки и разновидни манифестации.
Крсте С. Џидров е присутен во македонскиот театар од 1970 година, на почеток како актер во авангардната и култна театарска група „Театарот кај Св. Никита Голтарот“, а подоцна од 1980 година е член во Театарската работилница ФФ, при Естетичката лабораторија на Филозофскиот факултет во Скопје. Во 1982 година режисерот Владимир Милчин заедно со Симе Узуновски ги ангажира како сценографи во Театарот на народностите – Албанска драма, во претставата „Бовча“. Оттогаш до денес, Џидров е присутен како сценограф, овде започнува неговиот интерес и љубов за сценографијата и никогаш не завршува. Работел на 160 претстави во 33 театри со 44 режисери во десетина држави. Тој за сценографските ангажмани е „сценограф на повик“, бидејќи никогаш не бил вработен во театарска установа!
НУ Театар Битола, „Кралот Иби“, режија В. Милчин
Во септември 2018 година се одржа изложбата, „Сценографии 35“, во холот на МКЦ во Скопје, истовремено со одржувањето на МОТ, како дел од програмата. Оваа изложба воедно беше и ретроспектива на 35 годишната сценографска работа на Крсте С. Џидров
„Сценографии 35“ во МКЦ
Добитник е на голем број награди за сценографија во земјава и регионот, а добитник е и на повеќе награди на БИМАС. Како круна на неговата кариера ја доби Наградата за животно дело на 55. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински.
„Балкан експрес“
Едни од неговите најзначајни сценографии се:: „Бовча“, „Натемаго на Филозофскиот факултет“, „Бакхи“, а исто така и „Коските што доаѓаат доцна“, „ЦЗ“, „Медеја“, „Ревизор“(Сараево), „Силфида“ (балет), „Прст“, „Подемот и падот на кабарето“, „Нашиот клас“, „Сомнително лице“, „Хармс случки“, „Револвер“, „Злосторство на 21 век“, „Пантаглез“ и „Вишновата градинка“, за кои Џиби велеше: „Знаете, секоја сценографија е оригинална и секоја има своја убавина! Дали сум се измачил посебно со некоја не би можел да наведам бидејќи сите имаат слични проблеми и најголем проблем е кога не пристигаат средствата за набавка на материјалите за реализација“.
„Пантаглез“
„Бовча“
Џиби исто така беше и љубител и чувар на уметноста и културата. Па така на Музејот на современа уметност донираше серија концептуални дела од циклусот„Белешки“ на неговиот добар пријател, уметникот Симон Узуновски (1949 – 2018) . Џиби сметаше дека: „Чувањето и почитувањето на вредностите од кој било вид е многу важна работа, бидејќи ја покажуваат историјата, идентитетот на луѓето и државата во која живееме, ги чува спомените и корените на оние кои овде живееле и твореле. Во оваа наша држава очекувам еден ден да го основаме Музејот на архитектурата за да може памтењето на нашето дело да биде трајно“.
„Вишновата градинка“
Во едно интервју дадено за Порта 3 пред две години на прашањето дали кога работи сценографија се „фаќа“ како пред сè размислувате како архитект, и дали влијаат некои значајни архитекти и дела на неговите сценографии, Џиби ќе каже: „Хм, еднаш изјавив и сè уште го мислам тоа дека занимавањето со сценографија е интензивно занимавање со архитектурата! Двете работи одат испреплетено, читаш, го откриваш сугерираниот простор, драмата, дејството, просторот во кој се движат актерите, а потоа правиш своја имагинација. Размислувам за амбиентот кој би го сугерирал со употреба на формата, изборот на материјалот, бојата, какво светло да се употреби, за наметливоста на декорот во просторот да не го фрли во сенка дејството, односно играта на актерите и сл. На крај при реализацијата сепак одучува архитектонскиот концепт.
Како архитект и сценограф морам да имам познавања од многу области од културата, актуелности од архитектурата и театарот, трендови и хитови, да ја следам модата. Во делот на влијанијата на значајни архитекти кои влијаат на она што го работам се пред сè делата на великаните архитекти, Корбизје, Виктор Гропиус, Мис ван де Рое, и посмодернистите Паоло Портогези, Рикардо Бофиљ, Браќата Криер, посебно Ото Фрај, Алдо Роси, Норман Фостер, Ренцо Пиано, движењето Артроподс, групата Архиграм и јапонските архитекти Изосака и Минору. Од уметноста влијанијата ми се од Енди Ворхол, Роберт Раушенберг, Рој Лихтенштеин, посебно од Кристо Јавашев, руската авангарда и конструктивизам, Ешер, Пиранези и др. Најважни за успешноста во работата се имагинацијата и креативноста. Сепак за да работиш сценографии потребна е љубовта кон театарот“.
Нека му е вечен спомен.