Насловна / Архитектура / Ин Мемориам Климент Заров (1930-2018): Македонската архитектура треба да проговори со универзалниот јазик

Ин Мемориам Климент Заров (1930-2018): Македонската архитектура треба да проговори со универзалниот јазик

Почина еден од доајените на современата архитектонска мисла, архитект Климент Заров. Заров е роден во 1930 година во Охрид. Се школувал на Техничкиот факултет во Загреб и на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

заров1

Климет Заров

Својот работен век го почнал во 1963 година во Заводот за заштита на спомениците во Охрид, каде меѓу петмината вработени само тој бил архитект. Тогаш црквата „Св. Јован Канео“ била во очајна состојба. Заров работи на нејзината реставрација, по што црквата е обновена и станува бренд на македонскиот туризам.

kaneo_1

„Св. Јован Канео“ Охрид

Во Заводот работел и на снимање на целиот простор на стариот дел на Охрид, врз основа на која професорот Чипан направил документација која претставувала база за понатамошната ревитализација на Самоиловата тврдина. Во 1964 година преминува во тогашниот Завод, подоцна Институт за урбанизам и архитектура на Охрид, каде работи како проектант, а во 1970 година станува директор на Институтот.

gorica_4

Хотел „Горица“ Охрид

Кон крајот на 60-тите години на охридското крајбрежје бил изграден само хотелот „Палас“. Заров и неговите соработници добиваат задача да го проектираат хотелот „Горица“. Објектот е пуштен во употреба на 2 август 1970 година и до ден денес е еден од најубавите хотелски комплекси во Македонија.

gorica_2

Хотел „Горица“ Охрид

За овој објект прво ја добива Наградата за архитектура на град Охрид, а потоа и наградата „11 Октомври“. Додека работел во Институтот покрај хотел „Горица“ ги проектирал и хотелите „Силекс“, „Св. Илија“, скоро сите одморалишта, работел на реконструкција на поштата и аеродромот во Охрид. Покрај стариот дел на градот, ова е највпечатливата, највистинската архитектура на Охрид. Архитектура која умее да го почитува стариот дел на Охрид, не му се наметнува, а воедно е функционална, препознатлива и современа. Архитектурата на Заров го прави Охрид современ град кој држи чекор со светот. Таа го отсликува неговиот став дека секоја епоха има своја архитектура. Тој е поборник на модерната, самиот вели дека е воспитуван во духот на Баухаус. Тој во едно интервју дадено во 2009 година за Порта 3, по повод добивањето на наградата „Андреја Дамјанов“ вели: „Во Институтот работевме на тоа Охрид да го направиме град на современа архитектура во време кога се имитираше старата охридска архитектура, што за мене не е некоја креативност. Старата архитектура треба да се чува и да се негува, таа е историјата на градот, но никој во светот не прави имитација на барок“.

gorica_3

Хотел „Горица“ Охрид

За Климент Заров може да се каже и дека е основоположник на Летната школа за архитектура. Во 1971 година тој на професорот Живко Поповски му предложил да се отвори Летната школа во Охрид. Школата била финансирана од Институтот за урбанизам и архитектура на Охрид и била посетена не само од скопскиот Архитектонски факултет, туку и од факултетите од цела тогашна СФРЈ, а ментори биле професорите од тие факултети. На студентите им биле давани задачи за Охрид. Целта била да се види како другите го гледаат градот. Школата се одржувала три години, а поради немање доволно средства таа замрела. Но за тие три години направени се многу проекти за Охрид кои се чуваат во Архивот. Како и да е Школата ја одиграла својата улога, а Архитектонскиот факултет подоцна ја продолжи во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ кај Крива Паланка.

sileks_1

Хотел „Силекс“ Охрид

Последен проект на Заров е конкурсот за Плаошник. Крај во кој тој растел, ја познава неговата анатомија, знаел што точно треба и тоа е презентирано во неговиот проект, кој освои трета награда. „Направив современ прoект, не имитација. Поставив објект во средината како пандан на црквата и плоштадот што ја обликува. Горе го ставив Богословскиот факултет кој според програмата требало да биде во Охрид“, – вели Заров за својот последен проект.
По пензионирањето Климент Заров ја продолжува својата борба за квалитетна архитектура. Доаѓа во Скопје и до 2002 е директор на Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање. Неговата основна цел и идеја, прифаќајќи ја оваа раководна функција, била од едно централно место да се држи и организира квалитетот на урбанистичките решенија. Смета дека треба да се постави квалитетен систем за урбанизам, затоа што тој што го нарачува и изработува урбанизмот носи и политичка и општествена и стручна одговорност.

sileks_3

Хотел „Силекс“ Охрид

Климент Заров додека е директор на ЈП за просторно и урбанистичко планирање е организатор на Конкурсот за социјални станови. Дефинитивно тој конкурс е последниот конкурс за архитектура во Македонија направен по пропис. Во составот на жирито, објавено со име и презиме се реномирани архитекти, експерти за станбена архитектура: Александар Серафимовски, Георги Константиновски и Александар Смилевски. Такви конкурси денес веќе нема, главно се сведени на јавни набавки или состав на жири со сомнително архитектонско реноме. Затоа после добиваме недоречени проекти кои не можеме да ги сработиме. Што би рекол славниот Равникар: „Додека не прочитам состав на комисија не учествувам на конкурс“.

aerodrom_ohrid1

Реконструкција на аеродромот во Охрид

Климент Заров како и секој вистински творец, најмногу жали за своите нереализирани проекти. Особено за два проекта кои ги смета за значајни. Едниот е хотел за ЈНА во Охрид и вториот за објект во Струмица на местото на сегашниот „Глобал“, проект со еден сосема поинаков концепт.
Како круна на својата професионална кариера Климент Заров во 2009 година ја добива дваесеттата по ред награда „Андреја Дамјанов“ за животно дело и особени достигнувања од областа на архитектурата и градителството, која ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ, а истовремено е член на Архитектонската академија на ААМ. На свеченото доделување ќе изјави: „Македонската архитектура треба да проговори со универзалниот јазик на архитектурата без притоа да стравува дека во глобалниот свет на идеи би го изгубила својот идентитет. Мојот личен придонес, како и придонесот на Институтот за урбанизам и архитектура во Охрид, кој имав чест да го водам три децении заедно со моите талентирани и безусловно предадени на професијата колеги и соработници е обидот во Охрид да ја запалиме искрата на современиот архитектонски израз. Со помалку или повеќе успех на почетокот на втората половина на минатиот век ги реализиравме речиси сите туристички, станбени и јавни објекти кои го издржаа судот на времето“.

sileks_2

Хотел „Силекс“ Охрид

Позначајни реализирани дела:
1964 Реставрација на црквата „Св. Јован Канео“, Охрид
1964 Станбен објект за поштата, Охрид
1964 Станбени објекти во низа на ул. „Галичица“, Охрид
1970 Хотел „Горица“, Охрид
1972 Станбен блок (П+3+Пк) и станбена кула (П+9) на ул. „Партизанска“ во Охрид
1978 Зградата на Институтот за урбанизам и архитектура на Охрид
1979 Хотел „Св. Илија“ кај месноста Св. Стефан, Охрид
1983 Хотел „Силекс“ во Охрид (со арх. Р. Наумовска)
1985 Реконструкција на поштата во Охрид
1990 Реконструкција на охридскиот аеродром
1995 Станбени блокови (П+М+4+Пк) на ул. „Партизанска“ во Охрид (со арх. В. Снегар)
1996 Две станбени кули (П+М+6+Пк) на ул. „Партизанска“ во Охрид (со арх. П. Манев)

Награди и признанија:
1970 „11 Октомври“ – за хотел „Горица“, Охрид
1971 Награда на Град Скопје, за урбанистичко творештво
1972 Признание на Сојузот на урбанистите на Југославија „СУЈ“
1985 Специјална награда на „БИМАС“ за хотел „Горица“
2009 „Андреја Дамјанов“, награда за животно дело, доделена од од ААМ

* * * * *

Разделбата со благородните луѓе не ја прекинува нишката на натамошно дружење затоа што тие не умираат. Се населуваат во некои други светови, па така и нашиот драг и почитуван колега Климент ќе се насели во кругот на познатите по род охриѓани, од нашата поширока заедничка сфера, каде се заминати и го чекаат: Борис Чипан, Петар Серафимов, Цветан Грозданов, Тодор Паскали, Љубен Најденов, Крсто Даниловски, Павел Балабанов, Владимир Симонче, Нико Нестор…

Архитект Трајко Димитров на испраќањето на архитект Климент Заров

во името на Архитектонската Акедемија АА при Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ

Испрати коментар

Scroll To Top