Архитектот, проф. д-р Јован Стефановски – Жан е роден во Скопје во 1948 година. Дипломирал на Архитектонскиот факултет во Скопје во 1973 година со дипломска работа „Аеродромска пристанишна зграда“ под менторство на професорот Георги Константиновски. Припаѓал на групата архитекти кои работеле во авангардното биро „Underground“. Уште како студент професионалната кариера ја започнал во проектантската организација „Студиопроект“ од каде продолжил во „Уникоспроект“ во Скопје. По дипломирањето се вработува во проектанското биро на „Гранит“ каде го поминува голем дел од работен век.
Во 1978 година добива стипендија за постдипломски студии во Марсеј, Франција.
Во 1994 година формира сопствено архитектонско биро „Еуроарх“ каде што професионално работи до крајот на својот живот.
Стефановски е архитект со плодно творештво, автор е на повеќе проекти, конкурсни трудови и објекти со најразлични намени. Учесник е на многу конкурси како домашни така и меѓународни од кои некои се и првопласирани. Неговите објекти се реализирани во нашата држава, но и во странство, Бугарија, Хрватска, Словенија и други.
Комплекс станбени згради, нас. Ново Лисиче, Скопје
Неговото творештво е разновидно, меѓу позначајните реализирани објекти се повеќе станбени комплекси и згради, индивидуални куќи, објекти од образование, деловни објекти, хотели, објекти од културата, верски објекти и друго.
Француска резиденција, Скопје
Бил активен и во публицистичката дејност, објавил десетици написи, статии, критики и рецензии во печатени медиуми. Бил уредник на прилогот на весникот „Нова Македонија“,„Лик“, рубрика посветена на архитектурата.
Се занимавал и со театарски сценографии.
Бил претседател на Биеналето на македонската архитектура БИМАС1995.
Во 2005 година е претседател на на македонскиот клуб на ICMA, при невладината организација IAA од Софија, која се занимава со многу активности во сферата на архитектурата. Главната активност на IAА е фокусирана на меѓународни архитектонски конференции, натпревари и изложби – Светско триенале за архитектура (INTERARCH- Софија).
Македонски народен театар во Скопје
Добитник е на повеќе награди и признанија меѓу кои најзначајна е онаа од 2015 наградата „13 Ноември“ на Град Скопје од областа на уметноста и архитектурата и во 2003 награда на Триеналето во Софија за „Милениумскиот крст“ на Водно.
„Милениумски крст“ на Водно
Докторирал во 2005 година на Универзитетот во Софија. Од 2002 до 2004 е соработник предавач на Универзитетот во Софија, а од 2004 е вонреден професор.
Од 2005 до 2007 година бил советник за архитектура и урбанизам на градоначалникот на Скопје и вршител на должноста главен архитект.
Деловен објект „Дом на занаетчии“ – Скопје
Од 2007 е професор на Државниот универзитет во Тетово на Факултетот за архитектура, а од 2008 до 2009 на МИТ Универзитетот во Скопје. Од 2008 до 2017 е вонреден професор на ААБ Универзитетот во Приштина на Факултетот за архитектура. Од 2012 до 2014 е декан и професор ФОН Универзитетот во Скопје на Факултетот за архитектура.
Во 2017 е гостин-професор на државниот универзитет во Малта, на факултетот за архитектура.
Деловен центар „Машинопромет“ во Скопје
Позначајни реализирани објект:
1977 комплекс станбени згради во населба Аеродром, Скопје,
1979 станбени кули во Скопје и Струга
1981 деловно угостителски објект во Гевгелија
1987 средно училиште во Неготино
1988 деловен објект „Дом на занаетчии“ Скопје
1988 деловен центар „Машинопромет“ во Скопје
1997 хируршко–гинеколошка клиника во Софија, Бугарија
1999 обнова на црквата „Рожденство на Пресвета Богородица“ – Скопје,
2000 Милениумски крст на Водно, Скопје
2005 Македонски народен театар во Скопје