Насловна / Вести / ИН МЕМОРИАМ, Игор Исаковски (1970 – 2014)

ИН МЕМОРИАМ, Игор Исаковски (1970 – 2014)

isakovski

Писателот и основач на „Блесок“ Игор Исаковски почина вчера во 44 година од животот. Игор Исаковски е поет, прозаист, преведувач, уредник.

Роден на 19.09.1970 во Скопје. Дипломирал на катедрата за Општа и компаративна книжевност во Скопје, магистрирал на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта (Родови и културолошки студии). Докторант на катедрата за Општа и компаративна книжевност во Скопје.

Бил уредник во неколку книжевни списанија. Основач е на Културна установа Блесок, каде што од 1998 година работи како главен и одговорен уредник.

Игор Исаковски ги објавил романите: Писма; Пливање во прашина (за кој ја доби наградата Прозни мајстори, 2005): книгите раскази: Експлозии, трудна месечина, ерупции… , Песочен часовник, Гравири – Blues говорница и Blues говорница II (награда за најдобар визуелно-графички дизајн на печатена книга, 2007); поетските книги: Црно сонце; Вулкан – Земја – Небо; Длабоко во дупката; Стажирајќи за светец; Ноќта е најтемна пред разденување (награда на 4. Белградски фестивал на поезија и книга); Љубовна поезија; Смртта има коса од морска трева – објавена минатата година. Поезијата и прозата му се преведени и објавени на шеснаесет јазици во дваесетина земји, а самиот преведува поезија, проза и есеи, од македонски, англиски, српско-хрватски-босански-црногорски, и од словенечки на македонски. Во негов превод на македонски, објавени се шеесет книги. Застапен е во голем број избори и антологии во Македонија и во странство.

Игор Исаковски ќе биде погребан денес на градските гробишта Бутел во Скопје.

Испрати коментар

Scroll To Top