Насловна / Архитектура / ИН МЕМОРИАМ: Благоја Дончев – визионер и мечтател

ИН МЕМОРИАМ: Благоја Дончев – визионер и мечтател

Не е лесно да се пишува за смртта на човек со кого си се чул пред десетина денови. Не можеш да разбереш дека тоа може да се случи со човек со кого неколку децении гаите заедно една идеја. Една негова мечта. Ја чувате како растение. Го полевате, го поткаструвате, некогаш повеќе од што треба, некогаш со поткастрена погрешна гранка, но тоа се извишува, се извишува и не губи од убавината. Напротив станува сè поубаво.

Идејата е на човек со визија. Благој Дончев. Со денови и месеци се убедувавме. Тој ме убедуваше, дека има идеја, а јас знаење и дека можеме  заедно да ја реализираме. Дали кај него на работа во „Адинг“, дали во кафеана, дали во автомобил… постојано дискутиравме. И еден ден, кога ја напуштив „Нова Македонија, поради недоразбирање со новиот сопственик, започна реализацијата на неговата идеја.

Во сериозни моменти, наместо со Мирче ми се обраќаше со „Мирко“. Така и во некои разговори околу основањето и издавањето на списание за градежништво и архитектура. Ќе речеше „Мирко, ова мора да го направиме.“ Ми носеше списанија од регионот и пошироко. И во ноември веќе беше готов „шпигелот“. Идејата беше да се издава списание, кое нема да биде сопственост на компанијата АДИНГ, но таа ќе биде негов главен поддржувач. Кога дојдовме до името на списанието имаше неколку предлози, но се одлучивме да биде „Порта“. Ама во Македонија имаше веќе едно списание „Порта“. Ние додадовме една „тројка“, како симбол на она што ќе опфаќа списанието, градежништво, архитектура и екологија.  И така идејата на Благој стана стварност и кон крајот на ноември 2004 година излезе првиот број на списанието „ПОРТА 3“.

2KK_8518_resize

Благој, и покрај своите сериозни службени обврски, не оставеше ништо на случајноста. Сè беше студиозно подготвено. Се подготвуваше и кога дискутиравме за развојот на списанието. Секогаш излегуваше со нови идеи и нудеше нови предлози. Влијаеше мотивирачки врз соработниците. Кога гледаш колку тој се ангажира, не можеш ти да се однесуваш поинаку.  Имаше „ПОРТА 3“ во своето пловење многу сцили и харибди, но Благој секогаш ќе помогнеше бродот спокојно да ги помине.

И така, еве веќе 17-та година. Списанието од година во година одеше само нагоре, особено во надградувањето на квалитетот. „ПОРТА 3“ и по моето заминување од списанието, пред неколку години, продолжува да се надраснува. И цело време со јавно ненаметливата грижа на неговиот идеен творец.

Сега, откако замина, може да се каже дека остана нереализирана идејата на Благој Дончев, „ПОРТА 3“ да стане регионално списание. Одевме и во Косово и во Албанија, во Бугарија, разговаравме, но идејата не се оствари. Еве, во спомен на идејниот татко на „ПОРТА 3“, и во негова чест, луѓето кои сега го водат списанието нека се обидат да ја реализираат таа идеја.

Се надевам дека суптилното влијание на Благој врз списанието, ќе биде пополнето со ентузијазам и практична желба да продолжи негувањето на реализираната идеја, реализираната мечта – списанието. И дека и тие ќе мечтаат за нешто подобро, нешто поквалитетно, повисоко. На тој начин само ќе се потврди дека успешни се оние коишто создаваат, а не оние коишто уриваат. А Благоја Дончев, покрај другото, беше и создавач, градител.  Сведоштво за тоа се неговото семејство, компанијата којашто ја водеше, но и дружењата кои се незаборавни.

Нека му е вечен спомен.

Мирче Адамчевски, прв главен и одговорен уредник на ПОРТА 3

4H5A3676_resize

ТВОЕТО ЛИДЕРСТВО Е ПОСЕБНА ПРИКАЗНА

Кога го пишувам ова слово сè уште сум под шокантното и болно чувство на заминувањето во вечноста на мојот голем пријател Благоја. Но во исто време сум и многу горд што бев и јас дел од неговата богата животна приказна. Присуството на стотици пријатели, колеги и се разбира роднини на испраќање на неговиот последен пат, во време на Ковид-протоколи,  само ја докажува огромната почит и љубов кон неговата личност пред сè. И како што во инспиративното слово на испраќањето, на крајот ќе каже неговиот заменик  во нашиот Адинг, Зоран Петровски – „Наместо минута молк, ве молам за една минута ракоплескање за МАЕСТРО ДОНЧЕВ“. И така би.

 Ја заслужи оваа почит мој драг пријателе. Твоето постоење ќе продолжи во спомените на твојата прекрасна фамилија и секако во нашите, твоите блиски пријатели и почитувачи, а нè има многу.

40-те години на нашето дружење во кое ги делевме истите вредности, идеи и стремежи, многуте заеднички битки во издигнувањето на нашиот Адинг, кој ни ги спои животните текови и сè тоа преку заедничките дружби,  бизнис и многу повеќе фамилијарни, другарски, се највредното во нашата заедничка историја.

Спомени за лавовската борба за издигнувањето на нашиот Адинг од пепелта во деведесеттите години, преку борбата за враќање на изгубениот стар сјај во неверојатно тешките десетина години од крајот на дваесеттиот век, па до твоето доаѓање на директорското место во 2006 година.

Твоето лидерство е посебна приказна. Умееше и кога доаѓаа неминовни падови како во секој бизнис, да го водиш бродот кон помирните води за Адинг од тоа да излезе уште посилен. Фирмата растеше, доаѓаа нови генерации во кои ти имаше верба и кои се докажуваа во постигнување на сè подобрите резултати со кои сите „адинговци“ се гордеат. Постојаната желба за доградување, обновување, и прифаќање на новитетите од технолошки и естетски аспекти, беа твој личен печат на севкупниот раст на Адинг.

IMG_6163_resize

Сè тоа беше можно, благодарејќи на твојата неисцрпна енергија, верба и смисла за комуникација и лидерство, но и работната етика и принципите на верност кон заедничкиот дом – Адинг, што ја наметна и кај помладата генерација. Вработените веруваа во твоето водство и го ценеа тоа.

Надвор од Адинг, отсекогаш најмногу од сè ја почитував твојата способност да бидеш МАТИЦА на нашите дружби. Околу тебе се случуваа заедничките прослави, по многу поводи на нашето поголемо шарено друштво, во кое ти беше основната мрежа на поврзување. Незаборавни се многубројните наши заеднички, што службени и многу повеќе приватни патувања и доживувања низ Македонија, Балканот, но и низ Европа, а најмногу на прекрасната викендица во твојата родна Вељуса.

Со годините заеднички стареевме/со годините, не со духот/, радувајќи се на нашите најнови фамилијарни радости – внуците, кои полека но сигурно ја презедоа нашата љубов и внимание. Меѓу нас, секогаш и после секој наш разговор и  тековна  „расправија“, излегувавме уште поблиски со своите видувања на бизнисот, на живoтoт и на сè околу нас.

Животот немилосрдно и пребрзо се движи напред. Но сепак, болеста прерано те зема од нашите животи. Твоите најблиски тоа особено ќе го почувствуваат. Останаа сигурно многу незавршени почнати идеи и животни желби и соништа во кои веруваше со твојата неверојатна енергија и визионерство… Секогаш беше на чекор пред сите, за жал и при одењето во вечноста.

Но додека сум жив ќе се гордеам што бев дел од твојата животна приказна, а сигурен сум дека е тоа чувството и на сите од нашата дружба па и многу пошироко.

Ти благодариме за заедничките моменти и за позитивната енергија која ја истураше околу тебе. Ти благодариме што и на  сите нас кои бевме во твоја близина, влијаеше да бидеме посреќни и почовечни. Тоа никогаш нема да ти го заборавиме и за навек ќе го почитуваме.

Почивај во мир ДРУГАР.

Љупчо Атанасовски, поранешен генерален директор на АДИНГ

* * * * *

Blagoja Doncev_resize

Благоја Дончев е роден во Вељуса, Струмица, Р Македонија во 1951 г., а дипломирал на Градежниот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Беше  претседател на Управен одбор и генерален директор на АДИНГ АД, Скопје и оваа одговорна функција ја извршуваше во континуитет од четири мандати, почнувајќи од 2006 година и беше реизбран за нов четиригодишен мандат во јуни, 2021.

Професионалниот пат го започнува во 1980 година минувајќи низ сите скалила на компанијата, што е една и од карактеристиките на адинговата школа која своите водечки кадри секогаш ги црпела директно од факултетските клупи. Најпрво, работи како инженер во лабораторија на АДИНГ, потоа е на неколку одговорни раководни позиции во компанијата, а од 1990 година е на местото директор за техничка примена и инженеринг, работи и комерцијала, односно до 2006 година паралелно ги врши и заменичките први функции во Управниот одбор на компанијата.

Во целиот овој период раководи со целокупното работење на Деловниот систем АДИНГ, во чиј состав покрај матичната компанија се и три компании во целосна сопственост во земјава и три компании во целосна сопственост во странство, во Р Србија, во Р Бугарија како земја членка на ЕУ (со сопствени производни погони и производство на дел од производната програма) и во Р Казахстан. Покрај ова, АДИНГ како целосно македонски бренд денес е присутен и во уште во 10-тина земји во регионот и пошироко.

Во текот на својот личен и професионален пат, добитник е на низа награди и признанија од областите на бизнисот, менаџментот и општествено одговорните практики во земјава и странство, од кои како последна е големата награда на Средна и Југоисточна Европа „Креатори на столетието“, за животно дело во развојот на претприемништвото во Северна Македонија во 2019 година. Беше еден од најголемите акционери во компанијата со 53-годишна традиција, која е со 100 отсто акционерски капитал и која котира на Македонската берза од нејзините почетоци.

Благоја Дончев беше лидер и визионер, кој ги учеше идните генерации на висока работна етика, принципиелност и достоинство, вредности кои ги вгради во темелите на компанијата и кои се нераскинлив дел од нејзиниот код. Преку неговото мото дека „АДИНГ е и ќе биде состојка на секоја градба“, изгради и постави здрави основи за понатаму, што гордо го сметаше за еден од своите најголеми успеси. Преку негов личен пример и пожртвуваност, успеа несебично да го пренесе ентузијазмот многу пошироко од рамките на компанијата, секогаш нагласувајќи дека македонските компании можат и мораат да создаваат брендови кои ќе излезат надвор од нашите граници.

voved_resize

Испрати коментар

Scroll To Top